Системот „Безбеден град“ треба да стане уште покомплетен. Отсега и полициско возило што поминува покрај вас ќе може да ве казни.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави поставување на мобилни камери и уреди во полициските возила, кои ќе ја мерат брзината и ќе ги евидентираат прекршоците дури и додека се во движење.
Камери ќе се поставуваат и на таканаречените црни точки, каде најчесто се случуваат тешки сообраќајни несреќи.
Тошковски најави проширување на системот во Струмица, Штип и Битола, а до февруари се очекува да биде воведен на целата територија на државата.
Според него, целта е возачите да не се чувствуваат безбедни дека можат да ги прекршуваат правилата само затоа што не гледаат фиксни камери.
„Возачите постепено научија каде се поставени радарите и како се детектираат прекршоците, и тоа е добро, кога знаеме дека брзината се мери со цел да нема фатални последици. Лошото е што кога ќе го поминат тој критичен простор, на точката каде што знаат дека го поминале радарот, односно камерата, повторно забрзуваат, возејќи го автомобилот на несоодветен начин и повторно се изложуваат на опасност“, вели Панче Тошковски.
Системот почна со пробна работа на 1 декември 2025 година. Во таа фаза камерите ги бележеа прекршоците, а сопствениците добиваа известувања. Официјалното казнување започна на 1 февруари 2026 година.
Одговарајќи на критиките, министерот потсети дека во последните 15 години повеќе од 2.000 луѓе го загубиле животот во сообраќајни несреќи во Македонија. Тој истакна дека поставувањето камери не е крајна мерка, туку дел од поширок план за зголемување на безбедноста.
„Ќе набавиме и други камери, кои можат да бидат преносливи, односно да се поставуваат на одредени критични точки каде што најмногу имаме проблеми со последици по луѓето, жртви од сообраќајни несреќи. Интензивно работиме на откривање на црните точки што ги имаме во државата, не само во градовите, туку и на магистралните патишта, како и на автопатиштата и така натаму“, вели Панче Тошковски.
Според последните податоци на полицијата, во периодот од 2 февруари до 20 август 2026 година системот регистрирал вкупно 310.865 сообраќајни прекршоци. Од нив дури 301.835 се однесувале на возење со брзина над дозволената.
Во истиот период биле забележани 180.378 прекршоци направени од возила со странски регистарски таблички.
Податоците покажуваат дека пребрзото возење е најчест прекршок. Во мај, на пример, биле регистрирани 28.494 прекршоци: 27.360 за пречекорување на брзината, 833 за управување со истечена возачка дозвола и 301 за минување на црвено светло.
Истиот месец биле изречени и 781 забрана за управување со возило – 486 поради пребрзо возење и 295 поради минување на црвено.