Регион

Најдовски: Како книгата „Егејци“ на Кица Колбе, стана подобна во Грција

Откако јавно и гласно ја поддржа политиката на Заев и Преспанскиот договор, а потоа стана и дел од Комисијата за ревизија на историјата со Грција, книгата е добредојдена кај јуќниот сосед

Деновиве по социјалните мрежи со голема помпа и воодушевување се споделува веста дека книгата „Егејци“ од Кица Колбе конечно е преведена на грчки јазик и промовирана во Атина и Солун, објави на својот Фејсбук профил Ицо најдовски Перин , австралиски научник и активист на македонската заедница во Австралија.

„Јас оваа книга ја имам во мојата библиотека во Мелбурн уште од нејзиното прво издание од 1999 година. Но, за разлика од оние кои денес слават некаков „културен пробив“, кај мене оваа вест не предизвика слава, туку длабока тага и горчина!

Зошто дури сега, по цели 27 години молк, Атина ги отвори вратите за оваа книга?
Одговорот е едноставен и болен за секој чесен Македонец. Сè додека Зоран Заев и неговата власт не го потпишаа срамниот Преспански договор, самата помисла на зборот „Егејци“ во грчките книжарници беше забрането табу“, пишува Најдовски.

Кица Колбе е доцент на катедрата по Филозофија на универзитетот СВ Кирил и Методиј во Скопје, македонска писателка, преведувачка од германски и сликарка која се преселила во Германија.

„Но, откако Кица Колбе јавно и гласно ја поддржа политиката на Заев и Преспанскиот договор, а потоа стана и дел од Комисијата за ревизија на историјата со Грција, одеднаш стана „подобна“ и добредојдена.
Да не се заборави што пишуваше и зборуваше самата Кица Колбе кога требаше да се убедува македонскиот народ да се откаже од своето име, Македонците од Егејска Македонија и историја:
–  На 14 јуни 2018 година (три дена пред потпишувањето на договорот на Заев во Нивици), во текстот „За Договорот, за името Македонија“ објавен на нејзиниот Фејсбук-профил и пренесен во повеќе медиуми, таа напиша дека веднаш штом го прочитала англискиот текст на уште непотпишаниот договор, го објавила текстот „како израз на мојата поддршка“, тврдејќи дека со овој договор „е сочувана определбата на македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет“.
–  На 17 јуни 2019 година, во својата колумна за „Дојче Веле“ (Deutsche Welle) со наслов „За Преспанскиот договор – една година подоцна“, таа отворено ги повикува граѓаните да се помират со договорот, порачувајќи: „Сите меѓународни договори се само визија. Во живот ја преобразуваат само граѓаните на државите кои ги потпишале. Со тоа што го прифаќаат компромисот и стапуваат во дијалог со соседите“.
-Во декември 2024 година, во колумна за „Слободен печат“ („Сонот на татко ми и чудото пред Божиќ во Солун“), таа дури го прогласи Преспанскиот договор за главен заштитник, пишувајќи: „Пред една недела во Солун стана јасно колку силен аргумент во заштита на македонскиот јазик и култура е токму Преспанскиот договор“.
Да не се лажеме! Според Член 7 од тој ист Преспански договор на Заев и срамните уставни измени, Македонци во Егејска Македонија веќе не постојат! Државата се откажа од нив, ги избриша нивните права, нивниот јазик и нивната борба. Во ваква обезличена рамка, за Атина оваа книга денес е сосема безопасна. Таму „Егејците“ веќе не се третираат како насилно прогонет македонски народ од своите вековни огништа, туку се сведени на некакви безлични „бегалци кон поранешна Југославија“ и жители на „Северна Македонија“.
Затоа, овој „триумф“ на Кица Колбе во Атина не е победа на македонската вистина. Ова е класична награда за послушноста, за откажувањето од сопствените корени и за учеството во бришењето на македонската меморија.
Лесно е да те преведуваат и фалат во Атина откако јавно си се согласил дека твојот народ таму не постои!
Вистинската егејска голгота не се лекува со преспански аплаузи, туку со вистината за македонскиот народ од Егејска Македонија — вистина која ниту еден договор и ниту една комисија не можат да ја избришат“! – пишува Ицо Најдовски на својот Фејсбук профил
За автобиографската книга на Кица Колбе, „Егејци“ (*Aigaiates*), пишуваат и грчки медиуми:
„Книгата „Егејци“ од Кица Колбе – во издание на „Агра“ (Agra Publications), со вовед и превод од македонски јазик од славистката Александра Јоаниду – беше претставена на 11 ноември во книжарницата „Ианос“ во Солун, пишува грчки „Авги“. 
Изданието во објавата вели дека првата книга на Кица Колбе, *Aigaiates* („Егејци“), е објавена во 1999 година и раскажува како семејствата на двајцата нејзини родители, како бегалци, ја преминале границата кон Југославија за време на Грчката граѓанска војна (1946–1949).
„Кога татко ми почина во 1996 година, сфатив дека оваа тема ме избра мене – а не обратно – бидејќи таа беше дел од историјата на моето сопствено семејство. Татко ми целиот свој живот носеше ’вина на преживеаниот‘, како што ми откри непосредно пред да почине. Во негов спомен, една година подоцна, го напишав романот *Aigaiates*“, изјави таа во интервју за списанието *Focus* на 31 август 2018 година“, пишува меѓу другото „Авги“.

Најнови вести од: Регион

To top