Бизнис

„Алкалоид“ во првите шест месеци со раст на инвестициите од 69%

АЛКАЛОИД со раст на инвестициите од 69%, консолидирани продажби од 168 милиони евра и 43 нови вработувања во земјата во периодот јануари – јуни 2026 г.

Алкалоид објави раст на консолидираната добивка од 4%, консолидирани продажби од 168 милиони евра и инвестиции од 13,6 милиони евра во периодот јануари – јуни 2026 година.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2026 година продажбите достигнуваат 6.870.366.274 денари, што претставува раст од 2 % во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 10.337.103.798 денари, што претставува раст од 2 % во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 12 % во споредба со минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 37 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 63 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 18 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 16 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 18-пати, потоа во Чешка, каде што се зголемени 3,7-пати, како и во Швајцарија каде што продажбите се зголемени 2,6 пати. Потоа следуваат оние во Велика Британија (раст од 97%), Грција (раст од 54 %), во Португалија (раст од 51 %), Полска (раст од 31 %), итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 92 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 19 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 14 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 8 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 5 %, а билкарство учествува со 1 %.

Инвестиции

Вкупните консолидирани инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2026 година изнесуваат 837.711.000 денари, што претставува раст од 69% во однос на истиот период од претходната година. Дел од вкупните инвестиции се однесуваат на вложувања реализирани преку поврзаното друштво АЛКАЛОИД ЕНЕРГЕТИКА ДООЕЛ, насочени кон изградба и развој на фотоволтаични капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кое започнува со пробна работа во јули 2026 година.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.786.230.705 денари, бележи зголемување од околу 11 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.060.420.758 денари и е зголемена за 13 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.830.326.843 денари и бележи раст од 8 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 890.511.735 денари е зголемена за 4 %.

Вработени

Во периодот јануари – јуни 2026 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 43 нови вработувања во РС Македонија. Просечната нето плата по вработен во компанијата во јуни 2026 година изнесуваше 67.646 денари. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во 2026 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 47.000 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.030 вработени, од кои 2.221 се во земјава, а 809 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – јуни 2026 година се движеше од 24.010,00 до 27.300,00 денари или просечно 25.101,49 денари за една акција. На 30.06.2026 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.591 акционери, физички и правни лица, а пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 34,64 милијарди денари.

На 30 март 2026 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2025 година во износ од 1.030.574.000 денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2026 година започнa исплатата на дивидендата во износ од 720 денари бруто, односно 648 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2025 година е поголема за 14,3 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2024 година.

Бизнис-план за 2026 година

Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит во однос на 2025 година.

Остварените резултати во првиот квартал од 2026 година се во согласност со планираната динамика на реализација на бизнис-планот. Во наредниот период се очекува кумулативните пласмани на домашниот и на странските пазари да ги надминат минатогодишните остварувања.

Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжува и во 2026 година. Доминантни предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, како и притисокот врз куповната моќ на потрошувачите, што влијае врз потрошувачката и динамиката на побарувачката на одделни пазари, а неизвесноста и натаму останува изразена. Друштвото е изложено на каматен ризик главно по основ на краткорочните и долгорочните кредити, при што истиот континуирано се следи и се управува преку директни преговори со банките, без значајни осцилации кај каматните стапки.

Воедно, глобалните безбедносни кризи, вклучително и ескалацијата на конфликтот поврзан со Иран, дополнително го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста. Овие случувања имаат значително влијание врз глобалните енергетски пазари, предизвикувајќи пораст и зголемена волатилност на цените на енергенсите, што создава дополнителни инфлаторни притисоци и тешкотии во синџирите на испорака, како и ризици во однос на достапноста на одредени суровини и материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од продлабочување на глобалните трговски тензии може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето.

– Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме соодветни мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти. Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти – велат од компанијата.

Најнови вести од: Бизнис

Гасификацијата влегува во нова фаза – Македонија се врзува со Грција, Србија и Вертикалниот коридор

Новото раководство на НОМАГАС го предводи Недим Рама, како претседател на Управниот одбор и генерален директор. Крсте Миладинов е заменик-претседател на Управниот одбор и заменик-генерален директор, а членови се Бошко Стефановски, Хајриз Бучи и Огнен Димитров. На чело на Надзорниот одбор е Иво Малинов како независен член и претседател. Во одборот се и Агим Махмути, Златко Ацевски, Катерина Гичев и Саша Ангеловски.

Експертите очекуваат Македонија да фати чекор во трката по критични минерали

Сите заеднички ќе бидеме виновници ако времето не го искористиме и ако во таа општа трка за минерали, а тие се тие коишто носат развој на секој сектор и на индустријата, буквално ќе ја доведеме државата во ситуација да стагнира и да не го фати патот и приклучокот кон сѐ она што е тренд во Европа и во светот, вели професорката и претседателка на Македонското геолошко друштво, Соња Лепиткова.

Превозниците на 31 август ќе излезат на протест пред седиштето на Делегацијата на ЕУ

Превозниците ќе го одржат протестот еден ден пред состанокот на Работната група во Брисел, од чиј исход, како што велат, ќе зависи дали кон средината на септември ќе почнат со протести и блокади на граничните премини.

To top