Бизнис

Божиновска: Кога жените водат, енергетиката свети посилно

Не чекајте дозвола, заземете го вашето место

Инклузивната и праведна зелена енергетска транзиција е невозможна без еднакво учество на жените. Тоа беше пораката што силно одекна на сесијата „Жени во енергетиката“, одржана во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14) во Скопје.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во инспиративно обраќање ја отвори сесијата со порака дека без родова еднаквост, нема вистински напредок во енергетскиот сектор.

„Живееме во пресуден момент. Глобалната енергетска транзиција ги менува економиите, индустриите и општествата. А овде, на Западен Балкан, ние не сме само следбеници на тие промени — ние сме дел од оние што ги водат.

Македонија е горда што е дел од оваа трансформација: инвестираме во обновлива енергија, ја зајакнуваме регионалната соработка и се грижиме нашата транзиција да биде одржлива и праведна“, рече Божиновска.

Министерката истакна дека овој процес нема да биде целосен доколку не е инклузивен.

„Напредок кој ги остава жените зад себе – не е вистински напредок. Предолго, енергетиката – од инженерство до лидерство – се сметаше за ‘машки свет’. Но, ние секојдневно докажуваме дека тоа веќе не е така. Кога жените водат, енергетиката станува поумна, поправедна и похумана“, нагласи таа.

Податоците, како што потсети Божиновска, го потврдуваат тоа:

„Според Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), организациите со повеќе жени на лидерски позиции во енергетиката имаат и до 20% повисоки перформанси и иновации. Светскиот економски форум покажува дека родово разновидните тимови се покреативни, попрофитабилни и поотпорни во кризи. Кога жените се оснажени, целиот сектор — и целото општество — добиваат.“
Во еден од најемотивните делови од говорот, министерката се обрати директно до младите жени:
„Не чекајте дозвола за да водите – заземете го вашето место.
Не ги замолчувајте вашите идеи – кажете ги смело.
Не се сомневајте во вашата сила – посилни сте отколку што мислите.
А до мажите – и вие сте ни потребни. Вистинскиот напредок се случува кога стоиме рамо до рамо, како сојузници, работејќи за истата визија за еднаквост и напредок.“

Во своето обраќање, министерката сподели и лично искуство:
„Како жена во енергетиката, знам дека патот не беше секогаш лесен. Многу од нас мораа да се борат за своето место на масата и да докажат дека компетентноста нема пол. Но секоја пречка што ја рушиме – отвора пат за друга жена да се издигне.“
Таа подвлече дека како министерка поставила јасна мисија – да ја смени перцепцијата дека енергетиката е машки свет.
„Организирам настани и менторски програми за студентки од техничките факултети, за да видат дека нивната иднина може да биде токму овде – во енергија, технологија и лидерство. Работам со жени од рударството и индустријата, чии резултати често остануваат невидливи, но се клучни за нашите успеси.“

Божиновска додаде дека Министерството за енергетика денес е меѓу најродово-избалансираните институции во земјата.
„Имаме повеќе жени од мажи и многу од клучните сектори ги водат силни, стручни и одлучни жени. Тие се жив доказ дека компетентноста нема пол,“ рече министерката, додавајќи дека е особено горда што ја претставува Македонија како амбасадорка на WOBA – Women on Board Adria, регионална мрежа што ги поврзува и поддржува жените лидери во Адриатскиот регион.

„Преку WOBA работам за да им отворам врати на жените во одборите и носењето одлуки, за да ги зајакнеме нивните лидерски улоги и да обезбедиме нивниот глас не само да се слуша, туку и да се вреднува. Верувам дека жените заслужуваат повеќе – повеќе можности, повеќе признание, повеќе лидерство. Но исто така верувам дека мора да се избориме за тоа. Рамноправноста не е услуга, тоа е право што мора да го бараме, браниме и градиме – заедно.“

Божиновска го заврши обраќањето со цитат од Маргарет Тачер:
„Ако сакате нешто да се каже – прашајте маж; ако сакате нешто да се направи – прашајте жена.“
„Да бидеме тие жени што прават работи – што водат, инспирираат и создаваат енергетска иднина во која светлината свети посилно за сите.“

 

Најнови вести од: Бизнис

Народна банка внимателно ги следи светските ризици и е подготвена за соодветно реагирање

Гувернерот Славески нагласи дека Народната банка, како носител на монетарната политика, постојано ги оценува големината, природата и влијанието на шоковите на домашната економија. Според него, за да се изгради отпорност, потребни се кредибилна монетарна политика и ефикасни макропрудентни мерки со цел да се задржи макроекономската стабилност и стабилноста на банкарскиот систем.

„Алказар Енерџи“ отвора јавна консултација за значајниот проект за ветерниот парк во Штип

Со планиран инсталиран капацитет до 396 MW, ветерниот парк Штип претставува трансформативен чекор кон зајакнување на енергетската независност на земјата, намалување на зависноста од фосилни горива и забрзување на напредокот кон националните климатски цели. Проектот е и значаен придонес кон Платформата за праведна енергетска транзиција на Македонија, лансирана на COP28.

(Видео): Како ќе изгледа новиот охридски аеродром кој за само два месеца опслужил над 28.000 патници

Со 4 нови линии што ќе започнат од охридскиот аеродромот со летниот распоред на летови (Милано, Виена, Вроцлав и Катовице), како и претходно започнатата нова линија до Братислава, ТАВ Македонија очекува овој двоцифрен раст на патничкиот сообраќај да продолжи. Моментално, од Охрид, како една од најважните туристички дестинации во регионот, летаат 8 авиокомпании до 17 дестинации, меѓу кои 3 се чартер летови.

Славески: Стабилен банкарски систем и претпазлива монетарна политика во услови на светска неизвесност

Банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен, со високо ниво на капитална адекватност, ликвидност и профитабилност. Довербата на граѓаните и компаниите се потврдува преку постојаниот раст на депозитите, дури и во услови на зголемена неизвесност.

(Фото): Потпишан колективниот договор за административците – етапно ќе растат платите до 40%

Министерството за јавна администрација со овој чин ја потврдува својата заложба за градење современа, ефикасна и правично организирана јавна администрација, во која се создаваат подобри услови за професионален развој, институционална стабилност и долгорочна мотивација на вработените.

To top