Бизнис

Е-фактурата ќе ја намали сивата економија, смета Управата за јавни приходи

Од 1 јануари започнува пилот-фазата на проектот е-фактура, со кој се очекува да се намалат злоупотребите и фиктивните фактури, најавија од УЈП. Велат, системот е усогласен со меѓународни стандарди, лесен за интеграција во компаниите и обезбедува автоматска и безбедна размена на податоци. Пилот-тестирањето ќе се одвива во контролираната средина и ќе опфати ИТ компании и економски оператори со свои системи, а до крајот на првиот квартал ќе биде достапна и апликација за помалите компании.

Управата за јавни приходи, по Нова година, ќе започне со пробно тестирање на проектот „Е-фактура“ со кој ќе се минимизира ризикот од злоупотреби и од фиктивни фактури. Директорката на УЈП, Елена Петрова, очекува со оваа дигитална реформа да се подобри управувањето со јавните финансии, да се подобри даночната усогласеност, брзо и лесно да се детектираат несоодветните одлуки на влезен ДДВ, несоодветно декларираните расходи што не се признаваат за стопанската дејност, да се намали сивата економија и да има поефикасна даночна контрола. Таа најави дека „Е-фактура“ ќе се спроведува многу внимателно за да се обезбеди подготвеност на корисниците на новиот систем за кој е набавена современа ИТ-опрема, која треба да обезбеди стабилна инфраструктура.

  • Се наоѓаме пред клучна фаза, целосно сме фокусирани на стартот на пилот-имплементацијата од 1 јануари 2026 година. Тогаш ќе го објавиме комуникацискиот механизам, кој треба да обезбеди автоматска и безбедна размена на податоците меѓу системите на компаниите и системот за е-фактура. Ќе биде поставена техничката документација врз основа на која компаниите ќе можат да почнат да ги приспособуваат своите софтвери, да ја спроведуваат техничката интеграција и да започнат со тестирање на испраќањето и издавањето фактури во контролирана тест-околина – рече Петрова.

Оваа фаза ќе биде наменета за ИТ-компаниите и тимовите што работат на развојот и одржувањето на фактурирачките и на сличните системи, како и за економските оператори што имаат свои ИТ- решенија.

  • До крајот на првиот квартал од 2026 година ќе бидат објавени и клиентската апликација и веб-апликацијата, кои ќе бидат наменети за помалите компании што немаат сопствени фактурирачки системи, а до крајот на вториот квартал ќе биде поставен продукцискиот сервер. Планирано е до крајот на третиот квартал да заврши тестирањето и да почне спроведувањето – информира Петрова.

Фазите за задолжително спроведување сè уште не се утврдени, но најави дека ќе биде направено и тоа во најскоро време, откако ќе се видат резултатите од почетното тестирање, во поглед на димензионираноста и на дизајнот.

  • Комуникацијата и доаѓањето на податоците ќе бидат во реално време, бидејќи преку тој систем ќе се врши издавање на фактурите. Овој модел е најблиску до ОЕЦД-концептот „Даночна администрација 3.0.“, кој се однесува на високата интеграција на системите на даночната администрација со системите на компаниите и други страни и на создавањето интероперабилен даночен систем. Со Министерството за финансии се договоривме во овој систем, покрај фактурите, да поминуваат и да се издаваат и придружните документи, како испратници, приемници, времени ситации итн., со што системот ќе обезбеди целосна документирана деловна трага за еден деловен настан. Се прави со цел да се минимизира ризикот од злоупотреби и од фиктивни фактури – рече Петрова и дополни дека се работи и на заштита на податоците, автентичноста на фактурата за да нема можности за промени, заштита од разни напади, блокирања на системот.

Славко Пројковски, член на Одборот на директори на „Амчам“, потенцира дека секој нов систем што се воведува, нов процес или ново поврзување мора да биде безбедно и затоа смета дека е неопходно јакнење на рамката за сајбер безбедност.

  • Дигитализацијата на државните сервиси мора да се одвива во соработка со приватниот сектор. Прогресот зависи од една работа: работењето заедно. Ни треба силно партнерство. Владата да го притиска приватниот сектор за иновации, а приватниот сектор да ја притиска Владата за модернизирање. Кога двете страни ќе ги здружат силите, прогресот ќе биде побрз и одржлив. Луѓето се во центарот на трансформацијата. Мора да инвестираме во дигиталните вештини на секое ниво, да им помогнеме на институциите да креираат и да понудат нови системи, на компаниите да ги дигитализираат своите процеси, а граѓаните да се чувствуваат безбедно кога ги користат – рече Пројковски.

Mинистерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, сподели дека се воведува единствен електронски број на граѓанинот откако на последната седница на Владата беа прифатени измени на Законот за централен регистар на населението.

  • Тоа ќе биде репликација и во единствениот даночен број за граѓаните, што значи ќе имаме анонимен број што ќе поврзува и ќе дава информација за секој граѓанин за да ги заштитиме граѓаните  – истакна Андоновски.

Тој рече дека на платформата за интероперабилност на Министерството за дигитална трансформација досега се приклучени 78 државни институции, а очекува наскоро на платформата да се приклучат и коморите на нотарите, извршителите, адвокатите, а ги повика и приватните компании, од кои досега има само десетина.

Најнови вести од: Бизнис

Тропа ли на врата нова криза и инфлаторен шок?! Надлежните се „крстат“ дека војната брзо ќе заврши

Во услови на криза, Министерството за финансии може да ја намали акцизата за горивата до 4 денари или ДДВ-то за увоз на енергенси од 18 на 10 отсто. Министерката за финансии вели прерано е било што да се прогнозира, но ако конфликтот потрае, со ребалансот на Буџетот ќе има и корекции во проекциите, како за растот на БДП така и инфлацијата за годинава.

Како конфликтот со Иран ќе влијае врз автомобилската индустрија?!

Нападите на САД и Израел врз Иран предизвикаа нагло зголемување на цените на нафтата, а аналитичарите предупредуваат дека долготрајната нестабилност на Средниот Исток може да изврши дополнителен притисок врз снабдувањето и да ги зголеми трошоците на производителите и на купувачите.

(Видео): Пак сме меѓу најдобрите – растот на БДП во 2025 година е 3,5%, рече Димитриеска-Кочоска

Државниот завод за статистика излезе со податоци за раст на БДП во последниот квартал од 2025 година и тој изнесува 3,8 проценти. Со овој податок се комплетира сликата за цела 2025 година. Стапката на раст на БДП во 2025 година во однос на 2024 година е 3,5 проценти. Министерката рече дека следи период на неизвесност и дека сега е рано било што да се каже, но дека може да се интервенира законски, како и со мерки на Влада и на Народната банка.

Место за паника нема, преку различни мерки ќе се регулира цената на енергенсите, вели Ристески

Во вакви ситуации, укажува дека поранливи се секако покревките економии како што е нашата и вели дека Министерството за економија и труд, и покрај конфликтот со Иран, прави максимални напори цените во маркетите и на пазарите да останат стабилни, посебно на основните производи за живот на граѓаните.

To top