Бизнис

Грција и Бугарија забрзано ја развиваат рударската индустрија, Македонија тапка в место

Можностите што ги носи рударската индустрија во Македонија се пропуштаат и проектот во Иловица не стартува иако станува збор за почетна инвестиција од 340 милиони евра, што доведува до зголемување на БДП за 3% на годишно ниво и е со просечна вредност на извоз од околу 180 милиони евра на годишно ниво.

Земји од регионот како што се Грција и Бугарија забрзано ја развиваат рударската индустрија, додека Македонија далеку побавно фаќа чекор со светските трендови и трката за критичните минерални суровини. Наспроти заложбите за остварување енергетска независност, најголемиот рударски потенцијал кај нас, рудникот за бакар „Иловица – Штука“ чија вредност во моментов се проценува на неколку милијарди долари, останува неискористен. Најавите за инвестиции во рудници наидуваат на сериозни пречки – како од дел од активистите, така и поради правно-административни бариери.

Сега во јавноста актуелен е проектот за ископ на антимон кај Крива Паланка, но претходно жестоко беа критикувани инвестиции што не се остварија, како оние за експлоатација на бакар во Кожуф и кај Казандол. Последно на мета беше инвестицијата за ископ на бакар во Иловица, иако во меѓувреме беа усвоени и законски измени за забрана за користење на цијанид, а инвеститорот канадската компанија Еуромакс Ресоурцес најави дека ќе користи метод на флотација. Флотацијата како метод е сѐ повеќе популарен во околните земји кај современите рударски комплекси, а ќе биде користен и во новиот рудник за злато и сребро со отворен коп „Розино“, во близина на бугарскиот град Ивајловград.

Геологот и инженер Даниел Маринов, кој ги вршел геолошките истражувања кај Розино, вели дека методот на флотација е апсолутно еколошки усогласен и безопасен. Според него, проектот за рудник добива поддршка од локалното население, зашто во близина постои друг рудник за бакар кој претставува пример и каде не се оствариле страшните закани што ги ширеле активистите.

  • Јавните расправи во селата и во Ивајловград минааа доста успешно, секако имаше и некои против, но најголемиот дел од локалното население се „за“ проектот. Освен што на луѓето им појаснувавме постојано каков е проектот и дека е безопасен и без загадувања, големата предност што ја имавме е што во нашето соседство, на 40 километри од Розино се наоѓа активниот рудник „Ада тепе“ кај Крумовград. Тој рудник е еден пример за модерен ископ на бакар, еколошки прифатлив, апсолутно современ, па луѓето гледаат дека сите тие катастрофични стравувања кои постоеја кај најразлични организации и недобронамерници, всушност не се остварија. Жителите подобро заживееја, младите луѓе се вратија, градот процвета, а сега и граѓаните на Ивајловград сакаат и кај нив тоа да се случи, зашто гледаат жив пример – истакна во радио гостување геологот Маринов.

Според него, државните власти треба да имаат желба да го потмогнат развојот на рударската индустрија и тој очекува со новата стабилна влада во Бугарија тоа да се случи, зашто бизнисот треба да има перспектива. Инженерот нагласува дека не може да се очекуваат инвестиции ако процедурите одземаат години, бидејќи на тој начин инвеститорите ќе отидат во други држави, особено скандинавските, каде дозволите се издаваат многу побрзо.

  • Од регионот добар пример е Грција. До пред пет-десет години во Грција имаше голема опозиција против геолошките истражувања и ископ на металични минерални суровини, но во последните години, недалеку од Солун веќе се експлоатира наоѓалиште на бакар и злато и грчките власти дадоа огромни стимули. Владата учествува исто и со кредит за оваа компанија, за да се разработи наоѓалиштето. Нашето „Розино“ пак веќе станува дел од овие стратешки објекти кои се важни за националната независност од гледна точка на ресурси – додава Маринов, кој појасни дека проектот има позитивна Студија за оценка за влијание за животната средина и сега единствено се чека на дозволата за експлоатација.

Тој додаде дека секаде каде што има рударска индустрија има и други големи инвестиции, подобрување на здравствените услуги, образованието, културата, развој на целосниот животен циклус, како и нови работни места.

  • Првичната инвестиција во капитал, за започнување со работа, изнесува околу 250 милиони евра. Потоа, за време на изградбата која би траела околу две години, предвидено е да има од 1.000 до 1.200 директни вработувања, но за време на експлоатацијата којашто засега е предвидено да трае десет години, ќе бидат постојано вработени околу 250 до 300 луѓе, но индиректно ќе се многу повеќе. Вообичано кај ваквите рударски проекти се множи по четири, за да се разбере какво ќе е влијанието врз работната сила. Освен тоа, инвеститорот за локалното население предвидува и Фонд за помош на малите и средните претпријатија во општината, за бизнисите кои немаат никаква поврзаност со рударскиот комплекс – дополни геологот.

Сепак, во Македонија можностите што ги носи оваа индустрија се пропуштаат и проектот во Иловица не стартува иако станува збор за почетна инвестиција од 340 милиони евра, што доведува до зголемување на БДП за 3% на годишно ниво и е со просечна вредност на извоз од околу 180 милиони евра на годишно ниво. Дополнително, македонскиот извоз би се зголемил за околу 4% што ќе значи намалување на трговскиот дефицит за 10%, а ќе се плаќаат даноци во вредност од 24 милиони евра годишно, од кои 3 милиони евра годишно ќе се влеваат директно во буџетите на локалните самоуправи. Исто така, беа предвидени 1.000 директни вработувања во текот на изградбата и 500 директни вработувања во текот на работењето, а 2.700 индиректни вработувања како резултат на работата на рудникот.

Маринов додаде и дека секаде во Европа и земјите кои се приклучите на Директивите на ЕУ имаат високи стандарди за заштита на животната средина. Наскоро тоа се очекува да се случи и со најавените нови закони за рударство и за геологија кај нас. Инженерот оцени дека Европа се разбудила, усвојувајќи ја Директивата за критични минерални суровини, која вклучува листа со 34 елементи и целта е континентот да се обезбеди со метали и елементи кои се особено важни за батерии, електрични возила, полупроводници, центри за податоци, чипови и за во одбранбената индустрија.

Најнови вести од: Бизнис

Родот стои, а купувачи нема – расте бојот на земјоделци кои продаваат директно од нива

Домашните земјоделци повторно се соочуваат со проблемот каде и како да го продадат произведеното овошје и зеленчук. Наместо производите да стигнат до маркетите, дел од производителите ги нудат директно од нивите, бидејќи откупот и пласманот остануваат неизвесни. Проблемот со пласманот и цените со години е една од најголемите грижи за земјоделците во земјава.

Новите инвестиции доказ дека Македонија е сè поатрактивна за вложување на капитал

ВМРО-ДПМНЕ посочува дека новите ифабрики и странски инвестиции се потврда дека со политките на Владата Македонија станува сè поатрактивна за инвестирање. „Брејнчајлд“ и „Магна Мехатроникс“ веќе почнаа со работа, а „Амфенол“ и „Гемтерм“ најавуваат нови вработувања, се наведува во соопштенето заедно со бројки за вредноста на инвестициите и новите работни места.

Прометот на Македонска берза падна за 53,78%, „Алкалоид“ со најголем раст

И покрај послабата берзанска активност, акциите на „Алкалоид“ забележаа најголем неделен раст од 9,37 отсто. Позитивно движење имаа и „Гранит“, со раст од 2,6 отсто, како и „Македонски Телеком“, чии акции поскапеа за 2 отсто.

АД ЕСМ ќе купува јаглен од косовската КЕК во следните три години

АД ЕСМ  согласно владина одлука,  потпиша стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК за експлоатација на околу три милиони тони јаглен од рудникот Обилиќ во наредните три години по гарантирана фиксна цена од 24, 4 евра за тон, соопшти компанијата. Договорот официјално го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и генералниот директор на КЕК, Грамос Хашани.

Продолжува поставувањето на батериски системи – клучен чекор во енергетската транзиција

Батериските системи на ФЕРОИНВЕСТ, на сопствените електрани и на електрани на клиенти,  се реално поставени, поврзани на мрежа, стекнати со сите дозволи, и веќе подолг период работат и се дел од комерцијална експлоатација без никаква техничка или административна пречка.

„Макпетрол“ со 17,83 милијарди денари приходи и 475 милиони денари добивка во првото полугодие

На годишното собрание на акционери во мај 2026 година е донесена и одлука за исплата на дивиденда за 2025 година во вкупен бруто-износ од 467,3 милиони денари, односно 4.620 денари бруто по акција, со рок за исплата најдоцна до 30 септември 2026 година.

To top