Бизнис

Грција масовно ќе ископува бакар за да ја снабдува ЕУ, Македонското наоѓалиште во Иловица останува пусто

Грција го проширува своето присуство во геополитички најважниот сектор на критични суровини со уште пет предлози. Тие го опфаќаат целиот вредносен синџир, од рударство до рециклирање, при што три од проектите успешно ја поминале фазата на техничка евалуација.

Грција е подготвена да го поддржи амбициозниот план на Европската Унија за автономија во снабдувањето со критичните минерали. Дури пет големи рудни постројки наскоро ќе бидат финализирани, па соседите ќе може да очекуваат и големи буџетски приходи од рударството, освен од туризмот и земјоделието. За разлика од Грците, Македонија не го следи европското темпо – земјава нема новоотворен рудник повеќе од 40 години, а единствена сериозна инвестиција е онаа во рудник за бакар во Иловица, но и таа постојано наидува на пречки.

Во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, чиј носител е МАНУ, се повикува државата да се усогласи со Директивата за критични минерали на Европската Унија и да овозможи инвестиции во рударството. Еден од критичните минерали е токму бакарот со кој Македонија изобилува во Иловица. Геолошките истражувања покажаа огромно присуство на руден концентрат на ова наоѓалиште, што би резултирало со производство од над 10 илјади тони бакар годишно, во период од две децении. Инвестицијата тежи околу 350 милиони евра.

Од друга страна, на Грција не и се чека. Како што пишува „Катимерини“, по инвестицијата на компанијата „Метлен“ за ископ на галиум во регионот на Виотија, која Брисел ја вклучи на листата од вкупно 47 стратешки проекти за својата автономија во 2025 година, Грција го проширува своето присуство во геополитички најважниот сектор на критични суровини со уште пет предлози. Тие го опфаќаат целиот вредносен синџир, од рударство до рециклирање, при што три од проектите успешно ја поминале фазата на техничка евалуација.

Еден од нив е рударскиот проект „Сапес“ на компанија „Тракија Минерали“, кој е фокусиран на експлоатација на злато, но и бакар како нуспроизвод, што според „Катимерини“ ќе претставува нов минерален фронт во североисточна Грција кај Еврос.

Понатаму, пред почеток на активна експлоатација е и рудникот за бакар и злато „Скуриес“ на Елдорадо Голд. Овој рудник на Халкидики се очекува да производува 30.000 тони бакар годишно во период од 20 години. Изградбата на рударскиот комплекс на Халкидики е скоро завршена, а инвестицијата надминува две милијарди долари.

Пелопонез, исто така, активно влегува во трката за екстракција на критични суровини. Во Лаконија е на пат да започне проектот „Молаои“ на австралиската компанија „Рокфајр Рисорсис“ во Лаконија. Австралиските истражувања во наоѓалиштето идентификуваа германиум, кој, како што објавил претставник на компанијата, би можел да покрие до 50% од потребите на ЕУ.

Австралиската компанија ги завршува хидролошките и еколошките студии и во рок до 2027 година ќе ја достави завршената студија до властите за процесот на лиценцирање на проектот.

Во петте проекти кои би ја добиле титулата „стратешки“, влегуваат уште две инвестиции во регинот на Виотија. Едниот е „Етеокле“, кој е предвиден како современ центар за рециклирање на бакар кој има за цел годишно да обработува 139.000 тони отпад од низок квалитет и да произведува 117.000 тони секундарен бакар со висока чистота. Вториот е Центар за рециклирање на алуминиум – објект со годишно производство од 117.000 тони алуминиумски плочи, за замена на увозот со поддршка на индустрии од аеронаутика до електрификација.

На почетокот на март годинава, САД го свикаа Советот за безбедност на ООН за прашањето за рудите, укажувајќи дека растат геополитичките тензии поради пристапот до минерали и тоа може да влијае на територијалниот интегритет и суверенитет на некои држави. Тогаш, амбасадорката на Грција во ООН најави дека државата засилено ќе спроведува геолошки истражувања.

  • Светската трка за критични минерали претставува сложен микс на можности и ризици кои влијаат на геополитичката поставеност и безбедноста ширум светот. Ако нивната екстракција и трговија не се одвива со транспарентност и предвидливост може дополнително да ги разгори постоечките конфликти и да создаде нови. Како земја со минерални ресурси, резерви и значителни капацитети за ископ и преработка, ние сме одлучни за понатамошна надградба на геолошкиот залог преку нашата робустна Национална програма за истражување на критични минерали – изјави грчката амбасадорка Аглаја Балта.

Инаку, експертите на МАНУ во Стратегијата, порачаа дека поради силниот меѓународен фокус на суровините, Македонија треба да се истакне како рударска нација и државата „активно и успешно да учествува во меѓународните дискусии и активности кои се занимаваат со идната продажба на суровини и нивното користење“. Според текстот, „посебен фокус треба да се стави на следење и влијание врз работата на ЕУ во областа на минералите и суровините и на внатрешниот пазар за овие стоки – важно е да се задржи оваа атрактивност наспроти конкуренцијата, бидејќи и другите земји спроведуваат слични иницијативи за зајакнување на нивните минерални индустрии“.

Најнови вести од: Бизнис

4iG IT склучи договор со владата на Црна Гора вреден 54 милиони евра за модернизација на безбедносните служби и граничната полиција

Ова е првиот договор на 4iG Групацијата за обезбедување ИТ услуги за странска влада, со кој компанијата го проширува своето меѓународно присуство преку испорака на современи технолошки решенија и интегрирани информациски системи

(Видео): Работоспособно население не значи автоматски и продуктивно

Со зголемувањето на квотата за странски работници е надминат и недостигот од околу 670 работници во стопанството, велат од Владата и сметаат дека до 2030 година земјава треба да достигне квота од 50 000 странски работници годишно.

МБА: Се ближи примената на новите стандарди во националниот платен промет – новините не значат промена на постојните платежни сметки

МБА ги охрабрува граѓаните и компаниите навремено да ги следат известувањата и практичните упатства што ќе ги објавуваат нивните банки во однос на новите платни налози, користењето на ИБАН и другите промени поврзани со примената на новите стандарди.

Народна банка со зајакнати статистички и аналитички капацитети

Народната банка останува посветена на натамошното унапредување на статистичките податоци, нивната транспарентност и навременост, како и на целосно усогласување со меѓународните и европските стандарди.

Европа брза да отвора рудници за критични минерали додека „Иловица“ никако да тргне

ЕК заклучува дека Унијата не може, ниту пак има за цел, дома да ги произведува сите суровини што ѝ се потребни – „увозот и понатаму ќе претставува важен дел од снабдувањето на Европа“. Според нив, целта е да се зголемат европските капацитети, да се диверзифицираат изворите на снабдување и да се намали прекумерната зависност од поединечни добавувачи.

To top