Бизнис

Инфлацијата се намалува, девизните резерви растат, а финансискиот систем останува стабилен

Централните банки се соочуваат со еден од најголемите предизвици во последните децении, во услови на зголемена глобална неизвесност предизвикана од пандемијата, геополитичките конфликти, нарушените синџири на снабдување и силниот по раст на цените на енергијата и суровините. Потребата од навремени и одлучни политики за зачувување на ценовната и на финансиската стабилност беше една од главните теми на панел-дискусијата „Трасирање на идниот развој“, одржана во рамки на меѓународниот симпозиум организиран од Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина во Шангај.

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески учествуваше на панел-дискусијата на гувернерите под наслов „Трасирање на идниот развоj” во рамките на меѓународниот симпозиум „Навигација низ светската финансиска неизвесност – развој на финансиските пазари, инвестициските стратегии и меѓународниот монетарен систем“, организиран од Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина во Шангај. Во своето обраќање, гувернерот Славески истакна дека централните банки денес се соочуваат со едни од најголемите предизвици во последните децении, поради низа последователни шокови – од пандемијата и геополитичките конфликти до нарушувањата во синџирите на снабдување и силниот раст на цените на енергијата и на суровините.

  • „Искуството од последните години потврди дека централните банки и натаму мора да бидат посветени пред сѐ на зачувувањето на ценовната стабилност, дури и кога инфлацијата е поттикната од надворешни фактори, како што се енергетските шокови. Одложените или недоволните реакции може да предизвикаат многу поголеми економски и социјални трошоци“, посочи гувернерот Славески.

Осврнувајќи се на мерките преземени од Народната банка за време на последниот инфлациски бран, тој нагласи дека институцијата одговори со сеопфатни пакет-мерки, вклучувајќи зголемување на каматните стапки, повисоки задолжителни резерви и заострување на макропрудентните мерки, со цел да се спречат секундарните ефекти врз инфлацијата и да се зачува довербата во економијата.

Гувернерот посочи дека стабилниот девизен курс е темелот на макроекономската стабилност во земјава. „Во мала и отворена економија, како нашата, стабилниот девизен курс претставува главно сидро за очекувањата и важен фактор за ограничување на преносот на надворешните ценовни шокови врз домашната економија. Во текот на последните светски кризи, повторно се потврди ефикасноста на оваа стратегија“, истакна Славески.

Тој нагласи дека, благодарение на навремените и одлучни политики, инфлацијата е значително намалена, додека економскиот раст и натаму е отпорен, а финансискиот систем ја зачува својата стабилност.

Во дискусијата за актуелните светски ризици, гувернерот предупреди дека неизвесноста и натаму е висока поради геополитичките тензии и нивното влијание врз енергетските пазари и светската трговија. Притоа истакна дека Народната банка и во иднина ќе биде внимателна и подготвена навремено да реагира доколку ризиците почнат да се остваруваат.

  • „Денес сме во подобра позиција отколку за време на претходниот шок. Инфлацијата е значително пониска, девизните резерви се повисоки, а довербата во домашната валута и во банкарскиот систем е силна. Тоа е резултат на соодветните политики, јасната комуникација и долгогодишната посветеност на одржувањето на стабилноста на девизниот курс“, нагласи гувернерот Славески.

На крајот, тој посочи дека монетарната политика не може сама да го носи товарот на приспособувањето кон светските предизвици и дека е неопходна координација со одговорна фискална политика и спроведување структурни реформи насочени кон зголемување на продуктивноста, енергетската диверзификација и отпорноста на економијата. На панел-дискусијата, покрај гувернерот Славески, учествуваа и гувернерите на централните банки на Аргентина, Исланд и Монголија.

Најнови вести од: Бизнис

(Фото): HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба првата батериска постројка за складирање струја во Солун

Еден од најголемите системи за складирање електрична енергија во батерии во Грција и Југоисточна Европа е пуштен во употреба од страна на HELLENiQ ENERGY во индустрискиот комплекс на Групацијата во Солун. Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот, вреден околу 50 милиони евра, претставува значаен чекор во развојот на капацитетите за складирање енергија во регионот.

Многу македонски компании ќе учествуваат на најголемата саемска манифестација во светот – Експо 2027

EXPO 2027 одржи од 15 мај до 15 август, темата на големата светска изложба е „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“ и ќе обедини учесници од повеќе од 140 земји од светот

Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

To top