Бизнис

Хуманоста како традиција: „АЛКАЛОИД“ со нова донација за здравјето на најмладите

Од првиот Хуманитарен пикник до денес собрани се близу 14 милиони денари наменети за поддршка на здравствени установи, хуманитарни и граѓански организации, деца, лица со ретки болести, ранливи категории и лица од третото доба, како и за иницијативи за заштита на животната средина

На 12. Хуманитарен пикник на „Алкалоид“ беа собрани речиси 2,2 милиони денари наменети за набавка на современа медицинска опрема за Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.

Хуманоста и солидарноста отсекогаш биле дел од традицијата на „Алкалоид“. Во септември 2011 година, по повод 75-годишниот јубилеј на компанијата, овие вредности добија уште еден израз со започнувањето на корпоративната хуманитарна иницијатива наменета за вработените во „Алкалоид“, членовите на нивните семејства и/или нивните пријатели. Со текот на годините иницијативата прерасна во традиционален хуманитарен настан, чиј континуитет беше привремено прекинат единствено за време на ковид-пандемијата.

Од првиот Хуманитарен пикник до денес собрани се близу 14 милиони денари наменети за поддршка на здравствени установи, хуманитарни и граѓански организации, деца, лица со ретки болести, ранливи категории и лица од третото доба, како и за иницијативи за заштита на животната средина. Сите досегашни донации се реализирани преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, основана од „Алкалоид“ во 2007 година.

Годинава, во рамките на 12. издание, собрани се речиси 2,2 милиони денари, кои ќе ѝ бидат донирани на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, за набавка на современ бронхолошки столб со фибербронхоскоп.

„Особено сме благодарни што ’Алкалоид’, кој како и многупати досега, ја препознава важноста на вложувањето во здравјето и создавањето подобри услови за лекување на најмладите пациенти. Ваквата поддршка е пример за општествена одговорност која создава конкретна и трајна вредност за заедницата“, изјави проф. д-р Катерина Бошковска, директорка на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.

Станува збор за специјализирана медицинска опрема која овозможува директен и прецизен преглед на дишните патишта со помош на тенок и флексибилен инструмент со оптички систем. Опремата се користи за навремена дијагностика и третман на белодробни заболувања кај децата, како и при итни состојби предизвикани од вдишани туѓи тела во дишните патишта.

За значењето на оваа традиција и за луѓето кои ја одржуваат во континуитет се осврна и Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ и Претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, г. Живко Мукаетов, кој изјави:

„Зад секој успех и секое достигнување на ’Алкалоид’ стојат луѓето: оние кои ги поставиле темелите, оние кои продолжиле да градат и оние кои денес ја носат компанијата напред. Особено сум горд на големото семејство алкалоидовци, кои и овојпат покажуваат дека припадноста кон компанијата се препознава и преку човечноста, солидарноста и подготвеноста да се помогне таму каде што е најпотребно. Посебно ми е драго што годинашната донација е наменета за подобри услови за лекување на најмалите, зашто тоа е суштината на нашата мисија: здравјето пред сè!

Хуманоста, грижата и заедништвото годинава добија и свој визуелен израз на традиционалните маици за Хуманитарниот пикник. Мотивот „Алкалоидовата куќа“, создаден од македонскиот артист Сатја Грабул по повод 90-годишниот јубилеј, ја пренесува идејата за припадност, блискост и солидарност, кои, всушност, се вредностите што го поврзуваат големото семејство на „Алкалоид“.

Најнови вести од: Бизнис

(Фото): HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба првата батериска постројка за складирање струја во Солун

Еден од најголемите системи за складирање електрична енергија во батерии во Грција и Југоисточна Европа е пуштен во употреба од страна на HELLENiQ ENERGY во индустрискиот комплекс на Групацијата во Солун. Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот, вреден околу 50 милиони евра, претставува значаен чекор во развојот на капацитетите за складирање енергија во регионот.

Многу македонски компании ќе учествуваат на најголемата саемска манифестација во светот – Експо 2027

EXPO 2027 одржи од 15 мај до 15 август, темата на големата светска изложба е „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“ и ќе обедини учесници од повеќе од 140 земји од светот

Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

„Алкалоид“ со 23. учество на водечкиот глобален фармацевтски настан CPHI

Продолжува традиционалното присуство на „Алкалоид“ на една од водечките глобални платформи во фармацевтската индустрија, со фокус на продлабочување на меѓународните партнерства, следење на најновите индустриски трендови и отворање нови можности за развој.

To top