Бизнис

Нема промена на даноците – дигитализацијата клучна за ефикасно трошење на буџетските пари, вели министерката за финансии

Проектираниот реален раст за 2026 година е 3,8 % и сметам дека е реално остварлив. Но, секако дека ги следиме состојбите на глобално ниво и ги земаме предвид сите ризици. Затоа и буџетот за 2026 година не е проектиран со оптимистичко сценарио, туку би рекла напротив, доста внимателно, дури конзервативно, вели министерката за финансии.

Проектираниот реален раст од 3,8% за 2026 година е реално остварлив. Даночните приходи ќе се реализираат согласно планираното, а дигитализацијата е клучниот фактор во сериозно зголемување на ефикасното трошење на буџетските пари. Ова го истакнува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за месечникот „Економија и бизнис“.

  • „Проектираниот реален раст за 2026 година е 3,8 % и сметам дека е реално остварлив. Но, секако дека ги следиме состојбите на глобално ниво и ги земаме предвид сите ризици. Затоа и буџетот за 2026 година не е проектиран со оптимистичко сценарио, туку би рекла напротив, доста внимателно, дури конзервативно. Свесна сум дека во буџетот веќе не постојат резервни средства (бафери) кои би можеле да се користат во време на кризи, претходната влада искористи сè што беше останато за кризни ситуации, а не успеа да се консолидира како што го направија тоа соседните земји. Затоа и проекциите се многу внимателни. Она што, секако, останува е фактот дека годинава проектираниот номинален БДП ќе биде над нашите очекувања, што остава простор за следната година од аспект на изразување на јавниот долг и на дефицитот како проценти. Во однос на даночните приходи, сметам дека тие ќе бидат остварени согласно планираното и тука нема ризици“, вели министерката во интервјуто.

Таа потенцира дека промена на даноците нема да има и дека тоа е ветување од предизборната програма, но дека ќе се отворат сите закони од областа на даноците и на царините со цел да се види каде има неусогласености.

  • „Апсолутно нема да има промена на даноците. Тоа го ветивме и во предизиборната програма. Секогаш се водам од правилото дека на државава треба да ѝ се плати толку колку што ѝ следува, ниту повеќе, но ниту помалку. Токму од таа причина и ги отвораме законите, да ги додефинираме работите за да нема недоразбирања. Ќе дадам пример од Законот за ДДВ. Почнавме да го работиме пред повеќе од еден месец. На мое инсистирање почнавме да ги читаме сите членови од Законот и констатиравме дека основни работи напишани уште во 2000 година не се сменети, а создаваат забуна сите овие години. Од таа причина вклучив и експерти, пред сè дел од консултантските куќи, кои на дневна основа се соочуваат со прашања на кои не можат да дадат прецизен одговор. Сето тоа се работи и ќе се работи со цел да имаме што е можно подобри и попрецизни закони. На тој начин нема да може да се заобиколува системот и да се правдаат поединци со недоречености во законите. За жал, она што е столб на државава, а тоа се законите од областа на даноците, низ годините се менувани само со козметички измени. Сега е време ова да се промени. Нам ни треба прво да постигнеме сите да плаќаат даноци, а потоа да размислуваме за промена на даночните стапки“, посочува Димитриеска-Кочоска и додава дека само дигитализацијата може да го намали сериозно неефикасното трошење на буџетските пари.

Во интервјуто се осврнува и на реализацијата на капиталните расходи, повратот на ДДВ кон компаниите, спроведување на реформите од Реформската агенда и слично. Интервјуто во целина е достапно на следниот линк: https://www.ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?IdNews=47352.

Најнови вести од: Бизнис

Регионална експанзија на АЛТА Група: Со преземање на ЗОИЛ Македонија АД Битола воспоставен интегриран систем на банкарски и осигурителни услуги

Интегрираниот модел „сè на едно место“ е усогласен со европските практики и овозможува поголема ефикасност, заштеда на време и полесно донесување финансиски одлуки

Иран ги обвини САД за прекршување на договорот – цените на нафтата веднаш реагираа со пораст

Новите обвинувања од Иран повторно ја зголемија неизвесноста на пазарот, покажувајќи колку е кревка моменталната ситуација околу Ормускиот теснец – стратешкиот теснец низ кој поминува голем дел од светското снабдување со нафта.

Цената на становите порасна за 16,7% – сепак пазарот на недвижности го има последниот збор

Најактивни општини биле Центар, Аеродром и Карпош каде становите се продавале по просечна цена од 1.692, 1.558 и 1.419 евра за квадратен метар. Најскап стан лани бил продаден во Аеродром за 166.500 евра, а во оваа општина е постигната и највисока цена по квадрат – 3 784 евра за квадратен метар.

„Тиквеш“ триумфира во Јапонија: Две гран-при од вкупно девет награди на натпреварот SAKURA

Меѓу деветте признанија се две Гран-при награди, како и два двојни златни медали, четири златни и еден сребрен медал, што претставува јасен сигнал за конзистентниот квалитет и глобалната релевантност на вината на „Тиквеш“

To top