Бизнис

Од Скопје директно ќе се лета до 42 дестинации, од Охрид кон пет нови земји

Според зимскиот ред на летање, кој почнува од 26 октомври и ќе трае до 27 март 2026 година, Скопје ќе биде поврзано со директни летови до 49 дестинации, а Охрид со пет. Како што објави Агенцијата за цивилно воздухопловство, од и до скопскиот аеродром ќе оперираат 17 авиокомпании, а ќе има и 13 чартер летови на кои ќе сообраќа авиокомпанијата „Фрибрд“, додека од охридскиот три авиопревозници.

Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година стапува во сила викендов. Од Меѓународниот Аеродром Скопјe ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер дестинации на кои ќе сообраќа една авиокомпанија. Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании, информираа од ТАВ Македонија, концесионер на македонските аеродроми.

Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона, што  ќе трае до крајот на март следната година.  Девет од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата Виз Ер, со субвенции од Владата. Тоа се летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, што ќе започнат на 27-ми овој месец, а на истиот датум ќе започне и воздушната линија од Охрид до Базел. На 28-ми октомври, главниот град првпат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден на распоредот за летање се враќа и линијата до Ларнака. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн.

Од 30 март 2026 година двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации. Од Меѓународниот аеродром во Скопје, Виз ер ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нова дестинација за одмор во Италија – Неапол, дестинација за која очекуваме многу голема побарувачка. На 30 март 2026 година, Аеродромот Св. Апостол Павле од Охрид ќе биде поврзан со Милано. Десеттата нова дестинација е линијата од Скопјe до Женева, која ИзиЏет ќе ја врати на 3 ноември.

Како што објави Агенцијата за цивилно воздухопловство во зимската сезона од 26 октомври до 28 март следната година од Скопје ќе се лета до Виена, Белград, Атина, Загреб, Варшава, Франкфурт, Сандефјорд, Гетеборг, Малме, Ајндховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Фридрихсхафен, Меминген, Франкфурт Хан, Базел, Нирнберг, Берлин, Милано, Хамбург, Венеција, Братислава, Рим, Баден-Баден, Малта, Болоња, Љубљана, Лондон, Стокхолм, Прага, Штутгард, Ларнака, Келн, Лион, Бари, Мадрид, Женева, Истанбул, Измир, Анталија, Цирих. Дестинациите од Охрид се: Цирих, Базел, Дортмунд, Виена, Меминген.

Од ТАВ Македонија велат дека нивниот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток. – Од постојните пазари во наредниот период, ќе се фокусираме на поголема поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство, изјави минатата недела интервју за МИА генералниот извршен директор Неџат Курт.

Можности за воспоставување нови директни авиолинии се отвораат и со Договорот за редовен воздушен сообраќај со Велика Британија, што го потпишаа вицепремеирот и министер за транспорт Александар Николоски и англискиот министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација Киер Метер на 23. месецов во Лондон.

– Овој Договор се потпиша на иницијатива на Велика Британија и претставува нова правна рамка со која се уредуваат односите во делот на редовниот воздушен сообраќај помеѓу двете земји. Преку Договорот се овозможува поголема слобода и флексибилност на авиокомпаниите, ефикасно работење и нови услуги, додека за патниците се овозможуваат подобри конекции, нови дестинации и конкуретни цени, информираше Министерството за транспорт.

Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужиле 2.585.096 патници во првите девет месеци од годинава што е зголемување од шест проценти во споредба со истиот период минатата година.  Во истиот период има зголемување и на бројот на летови – за три проценти во споредба со минатата година, односно на двата аеродрома се опслужени 20.141 лет од почетокот на годината до септември.

Преку Меѓународниот Аеродром Скопјe се превезени 2 375 264 патници, што е за 5,4 процент повеќе од минатата година, а Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид забележа двоцифрен пораст од 16,2 процент со 209.832 превезени патници.

Истанбул повторно е најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром во Скопјe – вклучувајќи ги двата аеродрома IGA и Сабиха Гокчен со пазарен удел од 16,9 проценту. Потоа следуваат Базел Мулхаус (6,1 проџцент), Франкфурт (5,7 проценти), Цирих (4,6 проценти), Виена (4,2 проценти), Минхен – Меминген (4,1 процент) и Дортмунд (4,1 процент).

Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Турција (25,1 процент пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Германија (24,7 проценти), Швајцарија (10,9 проценти), Италија (5,2 проценти) и Австрија(4,4 проценти).

Најнови вести од: Бизнис

Со унгарски пари ќе се гради голема гасна централа во Македонија

Во последната деценија MET Holding стана еден од најголемите играчи на пазарот на гас во Централна и Источна Европа. МЕТ е основана во 2007 година од унгарската државна корпорација за гас „МОЛ“. Тогаш во медиумите се појавија обвинувања дека унгарскиот премиер Виктор Орбан стои лично зад развојот на МЕТ, користејќи раководни лица за пренос на целиот бизнис со гас од државната МОЛ на новата приватна компанија која во меѓувреме презеде удел. Во 2013 година е основана МЕТ Холдинг во Швајцарија, која е во стопроцентна сопственост на унгарскиот МЕТ.

КСС се согласува со владината понуда платите на административците да пораснат за 8% во рок од три години

Конфедерацијата на слободни синдикати уште од првиот момент ја прифати понудата кога таа беше изнесена, без опструкции, без калкулации и без злоупотреба на работниците. Нашиот став беше и останува јасен – секоја реална можност за подобрување на материјалната состојба на вработените треба да се искористи веднаш, велат од КСС.

Владата нуди унифицирана формула за покачување на платите

Владата има своја формула за пресметување на платите на вработените во администрацијата. Најголем дел од претставниците на синдикатите, и репрезентативните и од гранковите, се согласни со таа позиција на Владата, со неколку исклучоци. Формулата што ја нуди Владата во врска со тоа како ќе следи покачувањето на платите на административците етапно ќе значи повисоки примања за нив, а не само за онолку средства колку што ќе расте минималната плата.

Занаетчиите уплашени, ако порасне минималецот ќе мора да ги затворат дуќаните

Растот на минималната плата на 600 евра, иако на прв поглед звучи како чекор кон подобар животен стандард, може да има сериозни последици за занаетчискиот сектор и малите бизниси. Наместо поголема сигурност за работниците, овој потег ризикува да предизвика затворање на дуќани, отпуштања и дополнително осиромашување на локалните заедници, алармира Занаетчиската комора.

Макроекономските движења во согласност со очекувањата на Народна банка

На крајот на 2025, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута. Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.

To top