Бизнис

Пратениците пак се скараа за парите – СДСМ бара 600 евра минималец, ВМРО-ДПМНЕ смета дека платите мора да растат според економските параметри

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, од собраниската говорница порача дека дебатата за минималната плата е политички инструирана и не ја отсликува реалната слика на пазарот на труд. Одговарајќи на пратеничко прашање од Левица, тој изнесе податоци според кои бројот на луѓе кои живеат само од минимална плата е занемарлив.

Пратениците во Собранието повтрно се скараа за парите, кој и како можел да исплати повеќе. Барањето за раст на минималната плата на 600 евра една од темите за која се водеше расправа на собраниската седница на која пратениците од опозицијата поставуваа прашања до министрите. Опозицијата упати критики за економските политики на Владата, додека власта се бранеше со статистички податоци и најави за незголемување на платите на функционерите. Пратеничката Јованка Тренчевска во своето излагање истакна дека за граѓаните денес е „луксуз“ да се наполни потрошувачката кошничка, која веќе надминува 66 илјади денари. Таа ја обвини Владата дека троши милиони евра за нов авион и службени патувања, наместо да ги насочи кон работниците.

  • „Ако скратите 20-30 отсто само од патни трошоци, репрезентација и службени возила, ќе обезбедите околу 120 милиони евра“, рече Тренчевска потсетувајќи дека во мандатот на СДСМ минималната плата пораснала од 8 000 на 14 500 денари.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, одговори дека Владата набрзо ќе донесе одлука за замрзнување на платите на избраните и именуваните лица. Тој ја обвини опозицијата за „политички маркетинг“ и посочи дека зголемувањето на платите мора да се темели на економски параметри и продуктивност.

  • „Според податоците на Евростат, куповната моќ во нашата држава е пред Турција, Црна Гора, Бугарија, Чешка, Естонија и Албанија. Затоа денес нема потреба да имаме политички маркетинг, но да дејствуваме институционално, со одговорност и со сигурни чекори. Ние не сме против зголемувањето на минималната плата, но таа треба да се зголеми врз основа на економските параметри. Треба да се зголеми кога ќе се зголеми продуктивноста, трудовата моќ“, истакна Дурмиши.

Тој додаде дека инфлацијата во јануари е намалена за 0,7 отсто и дека веќе е постигнат договор за покачување на платите на околу 20 000 вработени во јавниот сектор. Тренчевска не беше задоволна од одговорот, посочувајќи дека статистиката за инфлацијата не ја отсликува реалноста на најсиромашните. Таа наведе минатата година кои производи за колку проценти поскапеле.

  • „Со плата од 24 илјади денари не се купува ниту основната храна. Обврска на Владата е да донесе политичка одлука за интервентно зголемување на минималната плата во услови на ваква инфлација“, кажа Тренчевска.

Околу зголемувањето на минималната плата прашање до министерот имаше и пратеникот од Левица Амар Мециновиќ. Тој се надоврза на одговорот од Дурмиши кој рече дека за зголемување на платата треба да се зголеми и продуктивноста.

  • „Зголемувањето на платата носи поголема продуктивност, тоа е во вашиот сектор треба да знаете. Олигархијата не го прави своето богатство од што се иновативни, туку преку чиста аритметика на плаќање на најниска плата на нашите работници“, рече Мециновиќ.

Мециновиќ праша зошто доколку нема пари не се зголемат даноците за фирмите што заработуваат од работниците.

  • „Овие фирми нема да умрат од зголемување на платите, но ако цел бизнис-модел им се заснова на плати за сиромаштија, дозволете им да умрат. Нека умрат фирмите кои не можат да дозволат достоинствени плати за граѓаните на Македонија. Вашето штитење носи недостоинствен живот. На нас семејствата ќе ни се распарчуваат бидејќи фирмите кои не можат да поднесат повисоки плати, вие ќе ги штитите? Ние тоа нема да го дозволиме. Ако умираат, нека умрат“, рече пратеникот на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Мециновиќ го праша Дурмиши дали „конечно ќе признаете дека незголемувањето на минималната плата е ваш политички избор“ или до крајот на оваа седница ќе покренете иницијатива за нејзино зголемување на 600 евра. Министерот во одговорот рече дека платите се зголемуваат системски врз основа на економските параметри и врз основа на продуктивноста за која рече дека е најниска во регионот.

  • „Ако имаме минимална плата со адхок одлука, за кое велиме дека е политичко барање, ќе се намали куповната моќ и ќе се зголеми инфлацијата“, одговори Дурмиши.

Пратеникот Мециновиќ незадоволен од одговорот на Дурмиши рече дека министерот е портпарол на Стопанската комора.

  • „Ова е веќе класна војна, вие војувате против работниците. Гајле ви е за работниците. Како може да кажете дека ова се дневно-политички теми, за граѓаните ова е најважната тема, платата“, додаде Мециновиќ.

Најнови вести од: Бизнис

Со Чебрен и Галиште драматично ќе се зајакне стратешката позиција на државата, рече премиерот

Мицкоски истакна дека со проектот Чебрен и Галиште драматично ќе се зајакне стратешката позиција на државата, односно дека проектот стратешки може да ја зајакне позицијата на државата која за жал не излегува на море и тој ќе биде таа предност која ја имаме, имајќи ги предвид климатските промени, потребата за вода, но и туризмот и производството на електрична енергија.

(Видео): Од долгогодишен застој и долгови, до позитивен раст, инвестиции и резултати, вели Трипуновски

Цветан Трипуновски се осврна на работењето во изминатите две години. Рече дека затекнале застој, институционален хаос, наталожени проблеми и нерешени предмети. Пад на производство, неплатени субвенции.

НБРМ: Надворешниот долг на Македонија се искачи на речиси 13 милијарди евра

Надворешниот долг на Македонија продолжува да расте. Според најновите податоци на Народната банка, на крајот на првиот квартал од 2026 година бруто надворешниот долг достигнал 12,94 милијарди евра, што претставува зголемување од 742 милиони евра или 6,1 проценти во однос на крајот на 2025 година.

ТИТАН Усје: Како прва компанија со А-интегрирана еколошка дозвола посветени сме на највисоките стандарди во интерес на заедницата

ТИТАН Усје е одговорен член на заедницата кој транспарентно работи и делува во согласност со законските обврски и континуирано инвестира во развој на општеството во целина.

(Видео): Ребаланс на буџет – Стабилност на јавните финансии, повеќе пари за инвестиции, економска активност и квалитетни услуги за граѓаните

Повеќе пари за патишта, железница и локални инфраструктурни проекти, но и повисок буџетски дефицит. Владата го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година со кој капиталните расходи се зголемуваат за 5,8 милијарди денари, додека дефицитот достигнува 46,1 милијарди денари или 4,1 процент од БДП.

To top