Бизнис

Ристески на средба со винариите: Упатен повик за аплицирање на достапната институционална поддршка

Владата и Министерството за економија и труд се партнери на домашните винопроизводители, само преку заеднички дијалог и соработка можеме да креираме квалитетни политики кои ќе овозможат долгорочен развој на македонската винска индустрија и лозарство.

Денеска во едукативниот центар М6 во Скопје се одржа работна средба со повеќе винарии-членки на Здружението „Вина од Македонија“ на која стана збор за актуелните состојби во винскиот сектор, производството и извозот на македонските вина, а беа дадени и конкретни предлози и идеи за унапредување и поддршка на секторот.

  • „Препознавајќи го винарството како гранка која има стратешко економско значење за државата, деновиве во Собранието беа донесени неколку измени на Закон за финансиска поддршка на инвестициите, со кои им овозможуваме на компаниите кои се бават со производство на вино од грозје пристап до финансиските средства за инвестиции предвидени со овој Закон. Дополнително, со измените продолжен е и рокот за поднесување на барање за доделување на финансиска поддршка на инвестиции до 15 јуни 2026 година. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите компании кои се заинтересирани и ги исполнуваат условите од Законот да аплицираат за достапната институционална поддршка“, посочи заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Извршната директорка на Здружението „Вина од Македонија“ Елена Младеновска Јеленковиќ истакна дека Македонија има реална можност да се позиционира како винска земја со препознатлив глобален идентитет и сè поголемо присуство на меѓународните пазари, доколку се продолжи со трансформацијата на секторот и со доследната примена на современи светски стандарди и практики и дека е особено важно што сè повеќе се препознава значењето на воведувањето стандарди, системи за квалитет и заштитени географски ознаки, бидејќи токму тие создаваат додадена вредност, препознатливост и поголема конкурентност на македонските вина на глобалниот пазар. Но, ваквите процеси бараат јасно дефинирани критериуми, континуирани инвестиции и долгорочна поддршка на секторот.

  • „Имаме квалитет, автохтони сорти, одлични климатски услови и сè повеќе винарници кои инвестираат во вистинска насока. Во исто време, иднината на македонското лозарство и винарство ќе зависи и од забрзаната примена на современи технологии, прецизно лозарство, дигитализација, вештачка интелигенција и зелена трансформација, која веќе не е избор, туку предуслов за пристап до најзначајните пазари. Лозарството и винарството претставуваат стратешка гранка за државата и сектор кој учествува со повеќе од 50 милиони евра во извозот. Токму затоа, оваа законска измена претставува позитивен чекор и јасен сигнал дека државата ја препознава важноста на винската индустрија и потребата од поддршка на инвестициите и развојот на винарниците. За реализација на овие процеси неопходни се континуирани инвестиции и силна институционална поддршка, поради што особено го цениме разбирањето и поддршката што Владата и пратениците во Собранието ја покажаа со законските измени со кои винската индустрија дополнително се препознава како стратешки важен сектор“, додаде Младеновска Јеленковиќ.

Владата и Министерството за економија и труд се партнери на домашните винопроизводители, само преку заеднички дијалог и соработка можеме да креираме квалитетни политики кои ќе овозможат долгорочен развој на македонската винска индустрија и лозарство.

  • „Вина од Македонија“ е здружение кое ги обединува македонските винарници со цел заедничка промоција и јакнење на позицијата на македонското вино на домашните и меѓународните пазари. Здружението активно работи на унапредување на квалитетот, извозот и препознатливоста на македонските вина, како и на афирмација на Македонија како современа и конкурентна винска дестинација.

Најнови вести од: Бизнис

ЕУ повика Македонија да се усогласи со политиките за критични суровини

Македонија сè уште треба да се усогласи со Директивата за критични суровини, како и да изготви и усвои соодветна легислатива за да се интегрира во синџирот на вредности на ЕУ за критични суровини, пишува во последниот Извештај на Европската комисија посветен на земјава.

Македонија се подготвува за енергетска транзиција: Регулативата е веќе дефинирана, а ЕВН досега инвестираше 850 милиони евра

Во земјава дел од корисниците веќе имаат паметни броила, а во нивно инсталирање компанијата инвестирала 45 милиони евра, како и дополнителни 28,3 милиони евра во опрема. Планирано е до крајот на 2030 година во проекти од ваков тип да се инвестираат уште 40 милиони евра.

Европската комисија ги потврдува отпорноста на банкарскиот сектор и јакнењето на финансиската стабилност

Во Извештајот за нашата земја за 2026 година Европската комисија го оценува банкарскиот сектор како отпорен, со солидна капитализираност, квалитет на кредитното портфолио и профитабилност. Воедно, се нотираат активностите на Народната банка за зајакнување на финансиската стабилност и усогласување со европските стандарди.

Златен медал за „Kumova Reserve“ на „Spirits Selection by CMB“ – традицијата и врвниот квалитет на „Тиквеш“ со меѓународно признание

Винарската визба „Тиквеш“ продолжува да го потврдува квалитетот на своето портфолио со ново значајно меѓународно признание. Лозовата ракија „Kumova Reserve“ освои златен медал на престижниот „Spirits Selection by Concours Mondial de Bruxelles“, натпревар кој секоја година обединува врвни производители и експерти од светот на жестоките пијалаци.

Инфлацијата повторно ја тресе Европа, во повеќе држави цените пораснале над 5%

Додека Европа повторно се соочува со забрзување на инфлацијата, а во шест земји од еврозоната годишното поскапување достигнува или надминува пет проценти, македонската статистика на прв поглед дава сосема поинаква слика – инфлација од нула проценти. Но дали тоа значи дека цените во Македонија престанале да растат или дека зад една статистичка бројка се крие многу посложена економска реалност?

To top