Бизнис

ССМ реши: Излегуваат на протести за повисоки плати

Битката за повисоки плати. ССМ ги повика работниците масовно да излезат на протести. Бараат минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати. Велат мизерно е функционерските плати од февруари да се зголемат за 10 проценти или од 200 до 300 евра, а работниците од март да добијат 25 евра колку што е законското усогласување, во услови кога македонските плати се на дното во регионот и Европа.

Сојузот на синдикатите в среда организира протест за да изрази незадоволство од незголемувањето на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра. Протестот ќе почне од 17 часот од зградата на ССМ и ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата. Од ССМ ги повикаа сите работници на кои не им е зголемена платата да му се приклучат на протестот.

  • Време е заедно да се избориме за достоинствени плати заедно со работниците. Ги повикуваме сите работници на кои не им биле зголемени платите, сите работници што се чудат како да врзат крај со крај во месецот, работниците што газдите ги лажеле дека ќе им ги зголемат платите, да ни се придужат на улица затоа што тие до 31 декември не се договорија да ги зголемат работничките плати и да го унапредат работничкиот стандард. Ги повикуваме работниците затоа што прагот на сиромаштија е 31.200 денари во Македонија, а 33 проценти од 540 илјади работници живеат под прагот на сиромаштијата, односно одат на работа, а се сиромашни – рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по денешната заедничка седница на највисоките органи на ССМ, на која едногласно беше донесена одлуката за протест.

Трендафилов потсети дека и во анкетата на ССМ работниците се изјасниле дека се подготвени да излезат на протест доколку не се зголемат платите.

  • Ова е само првиот чекор што го преземаме од низата чекори што ќе ги преземеме во следниот период, а ќе значат дополнителни протести, дополнителни таргетирани блокади на одредени институции и 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор, а доколку немаат слух, ќе собереме 10.000 потписи и ќе станеме овластен предлагач и ќе побараме намалување на функционерските плати за 78 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на другите плати – рече Трендафилов.

Не верува дека ќе бидат викнати на разговори затоа што, како што вели, цела 2025 година тоа го правеле.

  • Уште денеска може да ја зголемат минималната плата на 600 евра и сите други плати за 100 евра. Нема да го направат тоа ниту, пак, ќе нè повикаат на разговор. Ако некој смета дека ние треба само да седиме и да разговараме, тоа го правиме цела 2025 година, а кога ќе седнеме на маса, ни велат – договорете се вие, а ние тоа ќе го прифатиме. Сè додека не ги зголемат работничките плати и сè додека слушаме само „ќе“, сè дотогаш работниците ќе бидат незадоволни и ќе протестираат – истакна Трендафилов.

Минатата година, како што посочи, немало драстично зголемување на платите, а веќе од јануари синдикалната кошничка е зголемена за речиси илјада денари. Додаде дека со ваквите политики од државата се иселуваат квалификувани кадри со целите семејства, а се доселуваат странци, кои ги пополнуваат работничките места.

  • Тоа што ние го укажувавме цела 2025 година, а ним не им се веруваше, се случи. На 1 јануари се зголеми не само минималната плата секаде во регионот, туку и другите плати. На 50 километри од Скопје работниците може да изберат да работат за повисока минимална плата. Тоа што работодавачите и избраните и именуваните лица не го сфаќаат е дека минатата година легално заминале на работа 11.500 работници во Хрватска, а тројно или четирипати повеќе заминале да работат во некоја странска држава. Ние сакаме домашните работници да ги замениме со странци. Затоа квотата е зголемена на 10.000. И на претходната влада и на оваа ѝ го укажувавме тоа – рече Трендафилов.

ССМ повеќе од една година бара зголемување на минималната плата посочувајќи дека растат животните трошоци и дека македонскиот работник станува сè посиромашен. Во државите од регионот, освен во Косово, како што посочуваат, минималната плата е над 500 евра.

Најнови вести од: Бизнис

Регионална експанзија на АЛТА Група: Со преземање на ЗОИЛ Македонија АД Битола воспоставен интегриран систем на банкарски и осигурителни услуги

Интегрираниот модел „сè на едно место“ е усогласен со европските практики и овозможува поголема ефикасност, заштеда на време и полесно донесување финансиски одлуки

Иран ги обвини САД за прекршување на договорот – цените на нафтата веднаш реагираа со пораст

Новите обвинувања од Иран повторно ја зголемија неизвесноста на пазарот, покажувајќи колку е кревка моменталната ситуација околу Ормускиот теснец – стратешкиот теснец низ кој поминува голем дел од светското снабдување со нафта.

Цената на становите порасна за 16,7% – сепак пазарот на недвижности го има последниот збор

Најактивни општини биле Центар, Аеродром и Карпош каде становите се продавале по просечна цена од 1.692, 1.558 и 1.419 евра за квадратен метар. Најскап стан лани бил продаден во Аеродром за 166.500 евра, а во оваа општина е постигната и највисока цена по квадрат – 3 784 евра за квадратен метар.

To top