Бизнис

УЈП за 2020 утврдила дека 6.600 граѓани оствариле приходи од странство без да платат данок – ги упати на суд

На граѓаните кои сметаат дека се оштетени, директорката Петрова им порача правдата да ја бараат по судски пат. Таа нагласи дека УЈП ниту може, ниту сака да ги спречи граѓаните кои располагаат со докази да поведат управен спор, бидејќи тоа е нивно законско право. Воедно, таа додаде дека доколку данокот е веќе платен во странство, со доставување соодветна потврда може да се избегне двојно оданочување.

Државната каса е побогата за околу три милиони евра, но незадоволството кај дел од граѓаните расте. Управата за јавни приходи за 2020 година утврдила дека 6.600 граѓани оствариле приходи од странство без да платат данок. Додека директорката на УЈП, Елена Петрова, уверува дека законот е јасен и еднаков за сите, поранешните работници ангажирани во Ирак и Авганистан повторно излегоа на протести, тврдејќи дека државата неправедно ги оданочува.

Според податоците на УЈП, под лупа биле ставени над 11.000 граѓани. Од нив, 6.600 биле оданочени, а само 2.200 доброволно поднеле пресметки. За останатите 4.400 граѓани, УЈП донела решенија по службена должност, таканаречени ex officio решенија. Финансискиот ефект од овие постапки изнесува околу 186 милиони денари, односно приближно три милиони евра, само за 2020 година. Петрова појасни дека кај овие лица е утврдено дека оствариле приходи кои подлежат на оданочување, додека кај другите од првичната бројка било утврдено дека приливите не се предмет на данок.

Додека УЈП ги испраќа решенијата со цел да не настапи застарување, поранешните работници од мисиите во Ирак и Авганистан повторно протестираа во Куманово. Тие тврдат дека со години не живеат во Македонија и дека не треба да бидат третирани како даночни резиденти.

Нивниот главен аргумент е правилото за 183 дена, според кое лице што поголемиот дел од годината го поминува надвор од земјата не треба да се смета за даночен резидент. Протестантите бараат институциите да ги признаат печатите во пасошите и потврдите од странските работодавачи како валиден доказ за престој надвор од државата.

Од друга страна, УЈП има пошироко толкување на законот. Освен бројот на денови поминати во странство, се утврдува и таканаречениот „центар на виталните интереси“. Доколку семејството на лицето живее во Македонија и доколку економските врски се во земјава, УЈП го третира лицето како даночен резидент кој има обврска да плати данок за својот светски доход.

На граѓаните кои сметаат дека се оштетени, директорката Петрова им порача правдата да ја бараат по судски пат. Таа нагласи дека УЈП ниту може, ниту сака да ги спречи граѓаните кои располагаат со докази да поведат управен спор, бидејќи тоа е нивно законско право. Воедно, таа додаде дека доколку данокот е веќе платен во странство, со доставување соодветна потврда може да се избегне двојно оданочување.

УЈП во меѓувреме појасни и што точно се оданочува, а што не. Под даночна обврска спаѓаат платите од странство, авторските хонорари, фриленс услугите, приходите од кирии, дивидендите, капиталните добивки и приходите од криптовалути. Како приход што не се оданочува се наведуваат подароците, помошта од семејството и личните парични трансфери преку системи за брз трансфер на пари, доколку тие не претставуваат надомест за извршена работа.

И додека институциите инсистираат на доследна примена на законот, засегнатите граѓани најавуваат продолжување на протестите и правна борба за, како што велат, правично толкување на статусот на даночен резидент.

Најнови вести од: Бизнис

ЕУ повика Македонија да се усогласи со политиките за критични суровини

Македонија сè уште треба да се усогласи со Директивата за критични суровини, како и да изготви и усвои соодветна легислатива за да се интегрира во синџирот на вредности на ЕУ за критични суровини, пишува во последниот Извештај на Европската комисија посветен на земјава.

Македонија се подготвува за енергетска транзиција: Регулативата е веќе дефинирана, а ЕВН досега инвестираше 850 милиони евра

Во земјава дел од корисниците веќе имаат паметни броила, а во нивно инсталирање компанијата инвестирала 45 милиони евра, како и дополнителни 28,3 милиони евра во опрема. Планирано е до крајот на 2030 година во проекти од ваков тип да се инвестираат уште 40 милиони евра.

Европската комисија ги потврдува отпорноста на банкарскиот сектор и јакнењето на финансиската стабилност

Во Извештајот за нашата земја за 2026 година Европската комисија го оценува банкарскиот сектор како отпорен, со солидна капитализираност, квалитет на кредитното портфолио и профитабилност. Воедно, се нотираат активностите на Народната банка за зајакнување на финансиската стабилност и усогласување со европските стандарди.

Златен медал за „Kumova Reserve“ на „Spirits Selection by CMB“ – традицијата и врвниот квалитет на „Тиквеш“ со меѓународно признание

Винарската визба „Тиквеш“ продолжува да го потврдува квалитетот на своето портфолио со ново значајно меѓународно признание. Лозовата ракија „Kumova Reserve“ освои златен медал на престижниот „Spirits Selection by Concours Mondial de Bruxelles“, натпревар кој секоја година обединува врвни производители и експерти од светот на жестоките пијалаци.

Инфлацијата повторно ја тресе Европа, во повеќе држави цените пораснале над 5%

Додека Европа повторно се соочува со забрзување на инфлацијата, а во шест земји од еврозоната годишното поскапување достигнува или надминува пет проценти, македонската статистика на прв поглед дава сосема поинаква слика – инфлација од нула проценти. Но дали тоа значи дека цените во Македонија престанале да растат или дека зад една статистичка бројка се крие многу посложена економска реалност?

To top