Хроника

Воената академија ќе го разгледа однесувањето на Петар Богојески

На барање на уредникот на на Радио Лидер, Љупчо Златев, ставовите на Богојески ќе ги разгледуваат надлежните тела – Можни се и мерки!

Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје официјално одговори на иницијативата поднесена од уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев, во врска со јавните настапи и контроверзните ставови на доц. д-р Петар Богојески. Од институцијата потврдуваат дека доставените иницијативи и материјали ќе бидат упатени на разгледување до надлежните тела, кои ќе утврдуваат дали постојат повреди на професионалните и етичките обврски.

Во одговорот испратен до уредникот на Радио Лидер, Воената академија нагласува дека академската слобода и слободата на изразување не ја исклучуваат професионалната и етичката одговорност на вработените.

„Во таа насока, доставените иницијативи и материјали ќе бидат упатени на разгледување до надлежните тела на Академијата, со цел утврдување на релевантните факти и оценување на евентуалното постоење повреди на професионалните и етичките обврски“, се наведува во официјалниот одговор.

Можни се формално оградување и постапка пред надлежниот работодавец

Особено значаен дел од одговорот е појаснувањето дека Етичкиот кодекс на Воената академија предвидува механизми за институционално постапување во вакви ситуации.

„Согласно Етичкиот кодекс, предвидени се можности за укажување, формално оградување од јавни ставови и иницирање соодветна постапка пред надлежниот работодавец, доколку за тоа постои правна основа“, посочуваат од Академијата.

Сепак, од институцијата нагласуваат дека секоја евентуална мерка ќе мора да се темели на утврдени факти, непристрасна постапка и почитување на правата на засегнатите лица.

Воедно, Воената академија јасно се дистанцира од личните политички и идеолошки ставови на своите вработени.

„Академијата јасно нагласува дека јавните настапи и ставови на нејзините вработени, изнесени во лично својство, не претставуваат официјални позиции на институцијата, доколку лицето не е овластено да настапува во нејзино име. Воената академија не се поистоветува со личните политички, идеолошки или други ставови на своите вработени“, се вели во одговорот.

Воената академија гарантира дека иницијативата нема да остане без институционално разгледување

Во писмото до Златев, Академијата уверува дека доставените иницијативи нема да бидат игнорирани и дека јавноста ќе добие информации за исходот од институционалното постапување.

„Воената академија ја уверува јавноста дека доставените иницијативи нема да останат без институционално разгледување и дека, по завршувањето на постапувањето, јавноста ќе биде информирана за донесените заклучоци и преземените мерки, во рамките на законските можности“, стои во одговорот.

Од институцијата дополнително нагласуваат дека заштитата на нејзиниот углед, довербата на јавноста и достоинството на академската и воената професија претставуваат трајни институционални обврски.

Реакцијата следува по јавните настапи на Богојески и осудата од АВМУ

Иницијативата на уредникот на Радио Лидер следува по јавните настапи на Петар Богојески, кои предизвикаа реакции во јавноста, особено по неговото гостување во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа.

Претходно, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) официјално ги осуди неговите ставови, оценувајќи дека со нив се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата, се промовира нивната подредена положба и се прави обид таквите сфаќања да се претстават како традиционални вредности.

Од АВМУ порачаа дека ваквите пораки се неприфатливи и спротивни на основните принципи на човековите права, еднаквоста и човечкото достоинство.

Со поднесената иницијатива до Воената академија, Златев го отвори и прашањето за професионалната и етичката одговорност на Богојески како наставен кадар во институција задолжена за образование и воспитување на идните офицери.

Во својот одговор, Академијата посочува дека токму поради специфичноста на нејзината мисија, особено значење им придава на академските, професионалните и етичките стандарди, човековото достоинство и институционалниот интегритет.

Сега останува надлежните тела на Воената академија да ги разгледаат доставените материјали и да утврдат дали постои основа за преземање конкретни мерки. Засега не е соопштено дека е утврдена повреда или дека е изречена каква било санкција.

Најнови вести од: Хроника

Двајца вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ осомничени за компјутерска измама, „тешка“ 21 илјада евра

Основното јавно обвинителство од Штип поведе постапка против две лица поради сомнежи дека како соизвршители сториле кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и  „компјутерска измама“.

Второто тело во автомобилот во Богданци е на 17-годишна девојка?! Виктор Г. (21), обесениот покрај возилото, бил пријавуван и апсен за насилство?

Првичните индиции за трагедијата во Богданци, во која беа пронајдени две безживотни тела, упатуваат на убиство и самоубиство, потврдија од Јавното обвинителство. Седумнаесетгодишната девојка, за која неофицијално се дознава дека е пронајдена мртва во опожарениот автомобил, претходно имала судска заштита од своето момче, 21-годишниот Виктор Г., кој беше пронајден обесен покрај возилото. Ова го објави порталот „Скопје 1.“.

Е.С. (27) од Арачиново со товарно возило удрил во возило на МВР, па нападнал полицајци!

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Е. С. (27) од с. Арачиново, скопско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

Прифатена гаранција од 1,1 милион евра и укинат притвор за Перпарим Бајрами од Лотарија, притворот истекува за 5 дена

Првообвинетиот во случајот „Лотарија“, Перпарим Бајрами, ќе биде пуштен од притвор откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција од 1.140.781 евро во недвижен имот.

To top