Колумни

Четири додавки во името на македонската држава и промена во „Северна Македонија“ спротивно на историските и политичките околности (1)

Во повоената политичка историја имало неколку додавки во името на македонската држава Република Македонија, кое е, пред сѐ, генеричко, а дури потоа уставно име. Додавките се вршеле, пред се, заради одразување на кактерот на тогашното државно уредување.  Што значи дека во строга правно-терминолошка смисла не се работело за менување на името Македонија. Промената во „Северна Македонија“ , согласно со „Преспанскиот договор“ е промена на името на македонската држава, прва извршена во нејзината повоена политичка и државно-правна историја.

Пишува: Свето Тоевски

На 2 август 1944, кога се одржува Првото заседание на АСНОМ и кога се втемелува современата македонска држава, таа го понесува името Демократска Федерална Македонија како дел од Демократска Федерална Југославија. На 8 март 1946 година со одлука на Президиумот на Народното собрание на Демократска Федерална Македонија во името на државата се вметнува додавката „Народна Република“ и тоа веќе гласи „Народна Република Македонија“.

Земјата била така именувана од 8 март 1946 година до 12 април 1963 година. Заради одразување на обликот на државното уредување, врз основа на Одлуката за прогласување на Уставот на Социјалистичка Република Македонија, донесена од Народното собрание на Народна Република Македонија, на заедничката седница на Републичкиот собор и Соборот на производителите, овојпат Македонија наместо „Народна Република“ станува „Социјалистичка Република“ Македонија на 12 април 1963 година.

Ова именување „Социјалистичка Република Македонија“ ќе се користи од 12 април 1963 до 8 септември 1991 година, откако по референдумот Република Македонија била прогласена како независна држава, издвојувајќи се од СФР Југославија. Оттогаш ќе се користи името Република Македонија. Но, поради противењето на Грција, државата бидува примена во Организацијата на Обединетите Нации на 8 април 1993 година со привремено именување како „Поранешна Југословенска Република Македонија“ (FYROM), така ословувана и во меѓународната комуникација, Што, на некој начин, тоа било и официјално име за државата во меѓународни рамки.

Промена на името на македонската држава, прво во нејзината повоена политичка историја

Меѓународно и насилно наметнатиот „Преспански договор“ и врз основа на него амандманот 33 на Уставот, стапен во сила на 12 февруари 2019, ќе наложи промена на името Македонија како „Северна Македонија. За првпат во 75-годишната политичка и државно-правна историја е извршена прва промена на името на државата во вистинска смисла, која оттогаш повлекува преименување и на националниот идентитет и јазикот на македонскиот народ, што се шири и се затврдува и во меѓународни рамки.

Промената на името на Македонија со меѓународно-правно ништовниот и нелегален „Преспански договор“ е извршено спротивно на севкупните историски, политички и секакви други околности, според кои ниеден друг народ, или држава никогаш немале никаква поврзаност со географскиот, генеричкиот и идентитетскиот поим „Македонија“ и „Македонци“, „македонски“. Само македонскиот народ во сиот временски континуум на својата историја и постоење се нарекувал „Македонци“, според географското име на територијата, на која живеел и продолжува да живее. Грците и Грција немаат никаква врска со со името „Македонија“ и со идентитетската одредница „македонски“.

Во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос се јавуваат неколку основни идентитетски детерминанти, при што … територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на македонскиот идентитет низ целата историја.“ – има нагласено историчарката проф.д-р Билјана Ристовска- Јосифовска во свој научен труд од 2020 година.

Анализа на весникот „Нова Македонија“

Дневниот весник „Нова Македонија“ во своја анализа од 6 март 2026 година со наслов „Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор“ пишува дека треба да се отвори меѓународна и домашна истрага по објавувањето на информацијата од декласифицираниот документ на ЦИА дека поранешниот македонски претседател Киро Глигоров своевремено одбил 100 милиони долари за промена на името, но оти Грција со умисла понудила коруптивен договор за тоа.

„Нова Македонија“ натаму наведува: Иако во 1992 година обидот за поткуп на Грција бил неуспешен, поради одбивањето на тогашниот претседател на Р Македонија да го смени името Македонија, декласифицираните документи на ЦИА, според методот на правна аналогија (аргументум а симили), содржат елементи за постоење основани сомненија (кои во постапка треба да се подигнат на ниво на докази) за „сериозни финансиски замешателства од трети страни“ во врска со потпишувањето на Договорот од Преспа. Доказите, што ќе се прибават, ќе треба да бидат изнесени пред надлежен меѓународен суд, при што треба да одговорат на прашањето: дали она што не се успеа со коруптивен предлог од 100 милиони долари во 1992 година беше реализирано на идентичен начин три децении подоцна, на кој начин и од кого?

Со отворањето на процесот, кој треба да има и меѓународен и внатрешен карактер, треба да се докаже ништовност на Преспанскиот договор по силата на меѓународното и на внатрешното право и конечно да го затвориме тоа поглавје од историјата на Македонија, и од политички и од правен аспект. Интегритетот на меѓународните договори директно зависи од добрата волја и отсуството на корупција при нивното потпишување, но доколку се докаже дека постоеле притисоци или финансиски бенефиции, правната вредност на таквите акти станува во најмала рака спорна или целосно ништовна.

 (продолжува)

(Авторот изнесува во колумната согледувања од своја правно-политичка анализа, кои не одразуваат ставови на ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту став на редакцијата на „Експрес“)

 

Најнови вести од: Колумни

„Н.М“: Грција го „купи“ името „Македонија“ од инсталираната власт со коруптивен „Преспански договор“, што ја урива неговата легитимност! (2)

Весникот „Нова Македонија“ во својата анализа од 6 март 2026 година со наслов „Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор“ пишува дека коруптивните механизми не се само теоретска претпоставка, туку долгогодишна стратегија во спорот за името Македонија. Ова го потврдуваат и неодамна декласифицираните документи на американската централна разузнавачка служба (ЦИА). Според документ на ЦИА од 6 ноември 1992 година, објавен во нивната дигитална библиотека (ФОИА) во јануари оваа година, уште на почетокот на независноста постоел обид за директно „купување“ на името. Во извештајот јасно е наведено дека тогашниот претседател Киро Глигоров одбил понуда од грчки функционери во висина од 100 милиони долари финансиска помош, како услов за промена на името на државата.

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

Најнови вести

To top