Македонија Колумни

Пренесувањето на моштите на Гоце Делчев и наводните на Самуил – огледало на бугарската политика кон Македонија, од добрососедство до историски ревизионизам!

Државната и политичката свест на Бугарија за 80 години се развиваше во негативна насока: од држава, која во 1946 година официјално ја признаваше македонската национална самобитност, идентитет, држава, јазик и историја, до држава-членка на ЕУ, која денес во 2026 година практикува историски ревизионизам кон Македонија, стремежи да ја „прекрои“ нејзината автентична национална историја. Но и стремежи за бугаризирање на македонскиот идентитет и јазик. Официјална Софија денес прибегнува кон вета и блокади на македонската евроинтеграција во обид да ги оствари своите асимилаторски цели и стремежи. Двата столба на македонскиот идентитет и државност се под опсада: Цар Самоил, како македонски државотворен столб на средновековието, и Гоце Делчев, како столб на современата државност и идентитет на македонскиот народ. Toa сe двете клучни точки, кои Софија упорно се обидува да ги бугаризира. Стратегијата не е насочена само кон одделни историски периоди, туку кон целосно растурање и поништување на континуитетот на македонскиот идентитет и државотворните стремежи и традиции на македонскиот народ од минатите векови до денес.

Пишува: Свето Тоевски

На денешен ден, на 8 октомври 1946 година продолжила траорната, но величествена церемонија – патешествието на коските на Гоце Делчев кон слободна Македонија, од Софија кон Скопје, која започнала еден ден претходно, на 7 октомври. Било пренесувано ковчеже со зачуваните коски од черепот, од рацете и нозете на великанот на македонското револуционерно движење од 20-иот век и идеологот на борбата за создавање на македонската држава. Другиот дел од посмртните останки на големиот син на македонскиот народ почиваат  на ридот, на кој се наоѓаат остатоците од селото Баница во Егејскиот дел на Македонија, во дворот на некогашната црква. На местото каде што на 4 мај 1903 година бил убиен во судирот со турската војска.

Патувањето и враќањето на моштите на водачот на македонската револуција Гоце Делчев од Софија во татковината Македонија

Во знак на длабока почит Македонците три дена – на 7, 8 и 9 октомври 1946 година, и пеш го носеле ковчегот со коските од Софија преку Пиринскиот дел на Македонија, преку Струмица и Штип, сѐ до Скопје. На 10 октомври 1946 година заветот конечно бил исполнет  – моштите на Гоце Делчев биле положени во дворот на Македонската православна црква „Свети Спас“, до Калето во Скопје. Градниот кош на Гоце и натаму почива во Баница, а во саркофагот во Скопје се само коските од черепот, од рацете и нозете.

Тодор Павлов

„Гоце со целата своја револуционерна дејност неизмерно придонесе за формирањето и развојот на македонската национална (македонско-словенска, не бугарска и не српска) свест. Поклонувајќи се од името на отечественофронтовска народно-републиканска Бугарија пред светите коски на легендарниот син на Македонија, искажувам длабоко убедување дека овој историски симболичен чин ќе послужи за поцелосно и порешително приближување и дружба меѓу бугарскиот и македонскиот народ. Да живее слободна, суверена Македонија – остварениот сон на бесмртниот и легендарен нејзин син, претходник на Националниот Македонски Фронт – Гоце Делчев! “ – ќе каже Тодор Павлов во својот говор, одржан на 7 октомври 1946 година во Народниот театар на Софија на свечено собрание по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев во Н. Р. Македонија. Тодор Павлов, родум од Штип, бил бугарски политичар, член на Бугарската академија на науки и еден од тројцата регенти (привремени раководители) со Царството Бугарија, со функција и целосни овластувања како шеф на бугарската држава.

Бугарскиот пропаганден циркус и историско-ревизионистички „политички театар“ со „враќањето на коските на бугарскиот цар Самуил во саканата татковина Бугарија“

По 80 години денешна „европска“ Бугарија организира на 3 октомври 2026 година нова „величествена церемонија“ со пренесување  наводни „посмртни останки“ на втора легендарна личност од македонската историја, овојпат на македонскиот цар Самуил: од гробницата кај манастирот „Свети Ахил“ во Преспа во Софија.

На 6 октомври во мермерен саркофаг во базиликата „Света Софија“ во главниот град на Бугарија со бомбастична ознака „Самуил, цар на Бугарите“ се положени тие коски, без никаква форензичка, научна и ДНК-анализа кому навистина му припаѓа

Два ковчега со коски — две различни политички пораки и две лица на политиката на Бугарија, едното лице пред 80 години и другото денес

Дел од коските на Гоце Делчев, кои во октомври 1946 од Софија се пренесени во Скопје и положени во саркофагот во црквата „Свети Спас“

Споредбата меѓу двата историски настана поврзани со пренесување на посмртни останки од Софија и во Софија – едниот од октомври 1946 година, а другиот од октомври 2026 година – ја разоткрива длабоката преобразба на официјалната бугарска политика кон македонската историја, народ и идентитет. Овие два настана, иако разделени со точно осум децении, го допираат самото јадро и основа на македонската државност: во средновековната епоха, олицетворена во  Цар Самоил, и револуционерната национално-ослободителна борба во 19 век, овековечена преку Гоце Делчев.

Наводните „посмртни останки на царот Самуил“, пренесени од „Свети Ахил“, Преспа, во Софија, кои допрва ќе бидат научно и со ДНК-анализа испитувани дали се негови, или на некој друг

 Префрлањето на коските од гробницата во базиликата „Свети Ахил“ во Преспа (откриени од грчкиот археолог Николаос Муцопулос) во Софија на почетокот на октомври 2026 година, со највисоки државни почести, предводени од претседателот Румен Радев, претставува присвојување  на македонската државност и средновековие.

Антрополошките и генетските докази за тоа дали пронајдените останки во Свети Ахил навистина му припаѓаат на царот Самоил сè уште се предмет на расправа во сериозните научни кругови.

Но, сепак Софија го користи овој чин за прогласување на македонскиот цар Самуил како „бугарска историска сопственост“, со логистичка и политичка поддршка од Атина. Таа поддршка, таа бугарско-грчка трампа „на ти – дај ми“ и „раскусурување“ со македонски историски симболи и украдени културни реликвии од манастирите на територијата на етничка Македонија, укажува на геополитички сојуз на двата „добри соседа“ за одмакедончување на македонскиот историски простор, на самата македонска историја.

Масовно и долготрајно служејќи се со историографски фалсификати, бугарската држава и наука целосно ги игнорираат научните истражувања и студии на светските византолози и историчари.

Авторитети како Георгиј Острогорски јасно го дефинираат Самоиловото Царство, како посебна македонска државна творба, која настанал на територијата на Македонија врз урнатините на Првото бугарско царство, со сопствена структура, престолнина (Преспа и Охрид) и црковна организација (Охридска архиепископија).

Исто така, германскиот историчар Јохан Густав Дројзен и низа други западноевропски научници укажуваат на специфичниот карактер на ова Македонско царство, кое опстојувало независно од Дунавска Бугарија. Бугарското присвојување на Самоил има за цел да ја избрише средновековната етапа од историјата на Македонија и неа да ја прикаже како „вековна бугарска земја“.

Студијата на Димитриј Оболенски „Богомилите – студија за балканскиот манихеизам“ со страницата, на која тој експлицитно ја означува државата на Самуил како „Македонско царство“

„Македонија беше родното место на Богомилизмот. Богомилите во времето на славо-македонскиот император Самоил претставуваа забележлив дел од неговите поданици.“ – пишува Димитриј Оболенски, руско-американскиот професор во Универзитетот во Оксфорд  во својата студија со наслов „Богомилизмот – студија за балканскиот неоманихеизам“, објавена во 1948 година во издание на Универзитетот во Кембриџ.

Димитриј Оболенски

Оболенски го користи терминот „Македонско Царство“ за да направи јасна територијална и хронолошка разлика  меѓу Првото бугарско царство (на Симеон и Петар со центар во Преслав) и новото Македонско царство на Самуил со центар во Охрид.

Отфрлените лекции од од минатото: октомври 1946 година и признавањето на македонската самобитност

Контрастот е драстичен кога ќе се погледне настанот од 7-10 октомври 1946 година. Тогаш, во духот на поинаква, вистински добрососедска клима по Втората светска војна, бугарската држава официјално и со почит ги испрати вистинските посмртни останки на Гоце Делчев од Софија за Скопје. Свечениот говор на Тодор Павлов на 7 октомври 1946 година и тргнувањето на поворката од Софија со коските на Делчев на 7 октомври беа чин на историска правда, кога македонскиот револуционерен водач отворено и јасно беше именуван како легендарен син на македонскиот народ.

Факсимил на Решението и Циркуларното писмо на бугарското Министерство за просвета од 22.11.1947 за „Поправки во учебниците по историја за седмо одделение“ со наложувањето да се означува дека „Самуиловата словенска држава не треба да се означува како ‘Западна Бугарија’, туку држава на македонските Словени“

Овој чин беше придружен со политичка волја од тогашната бугарска влада за исправки во учебниците по историја, кога бугарското Министерство за просвета донесе решение во тие учебници да пишува дека Самоиловото царство е држава на Македонските Словени, а не дел од континуитетот на бугарската државност.

Кои пораки и заклучоци произлегуваат од аналитичката споредба на настаните во бугарската престолнина во октомври 1946 година и во октомври 2026 година?

Се случува уназадување на бугарската државна  и политичка свест – од соработка, вистинско добрососедство, признавање на македонскиот народ, идентитет, држава, историја и јазик, до денешна политичко-идентитетска  агресија врз сите македонски белези. Бугарската држава за 80 години се разви во негативна насока — од држава која во 1946 година официјално ја признаваше македонската национална самобитност, јазик, држава и историја, денес во 2026 година практикува неоврховизам, негаторство кон македонскиот народ, јазик, идентитет и историја. Софија ја злоупотребува својата позиција како членка на ЕУ, користи вета и блокади на македонската евроинтеграција во ЕУ,  за да ги наметне и ако е можно да ги оствари своите асимилаторски цели и стремежи.

Бугарија спроведува инструментализација на коските. Во 1946 година автентичните коски на Гоце Делчев беа вратени во нивната вистинска татковина, во Македонија, како чин на почитување на правото на македонскиот народ на сопствени херои и државотворци.

Во 2026 година Софија користи сомнителни артефакти (останките од Свети Ахил) како пропагандно оружје со цел симболичко присвојување на македонските државотворци, но и заради бришење на македонското национално колективно паметење.

Гоце Делчев

Двата столба на македонскиот идентитет и државност се под бугарска неоврховистичка опсада: Цар Самоил, како македонски државотворен столб на средновековието, и Гоце Делчев, како современ идеолошки столб на македонскиот народ и држава.

 Овие два македонски столба Софија упорно се обидува да ги бугаризира. Нејзината стратегија не е насочена само кон одделни историски периоди, туку кон целосно растурање и и поништување на континуитетот на македонскиот идентитет и државност. „Враќањето на бугарскиот владетел Самоил во саканата татковина Бугарија“ го претвора вистинското добрососедство во празна фраза и историски ревизионизам кон Македонија.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Судијката која му ги најде закопаните 350.000 евра в ѕид на Ѓоко Ристов избрана за јавна обвинителка за гонење организиран криминал и корупција

Искра Хаџи Василева е избрана за нова шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Таа освоила 67 гласа, а зад неа втор е Трајче Пеливанов, додека трет е Јован Цветановски.

Македонското научно-литературно другарство од 1902 – моќниот гласник на македонската вистина во Европа и светот (1)

„Словеномакедонското национално-просветно друштво ‘Св. Кирил и Методија’ има цел да го помага духовното преродување и обединување на Македонските Словени и нивното слободно национално-битово самоопределување.“ – се наведува во член 1 на во Уставот на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), основано на денешен ден, на 28 октомври 1902 година во тогашен Санкт Петербург, во Русија. Активностите на Македонското научно-литературно другарство на Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и другите македонски национални дејци, собрани во него, имаат огромно, немерливо значење за македонскиот народ и Македонија, бидејќи уште пред повеќе од еден век многу јасно и многу силно ги претставуваа и ги заштитуваа македонските национални и државни интереси пред агресивните балкански држави и нивните поддржувачи – големите европски сили. МНЛД им укажа на Европа и светот уште пред 122 години дека постои еден народ во Балканот со своја македонска самосвест, кој се бори за правото сам да ја кове својата судбина, без никој да господари со него. Вонвременските пораки на на ова македонско интелектуално Другарство одекнуваат со сета сила и актуелност и денес, во овие сложени геополитички и меѓународни моменти, во кои се втурнати македонскиот народ и Македонија.

Мицкоски: Македонија има највисок економски раст во регионот и инфлација пониска од европскиот просек

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата води про-бизнис и проекономска политика, посочувајќи ги податоците на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка како потврда за економските резултати на Македонија.

To top