Македонија

МАНУ го препозна бакарот и повика на одржливо рударство – Дали проектот „Иловица-Штука“ ќе е тест за индустријата?!

Стратегијата на МАНУ ги препознава бакарот, среброто, златото, оловото, цинкот, никелот, хромот, манганот, но и значаен број на наметалични минерални суровини, како и јагленот и водата за пиење.

На Македонија ѝ е потребно рударство кое нема да биде спротивставено на зелената транзиција, туку ќе биде еден од предусловите за нејзино остварување, истакна научниот соработник во МАНУ, Александар Дединец на настан посветен на Денот на рударите. Појаснувајќи ги пораките и заклучоците од Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, чиј носител е токму Академијата, Дединец нагласи дека во земјава прашањето не треба да биде „за или против рударството“, туку „какво рударство сакаме“. Според него, одговорот лежи во Стратегијата, каде се повикува на развој на одржливо рударство, научно засновано, кое ја зачувува животната средина.

  • Имаме што да понудиме. Иако сме мала држава нашиот геолошки состав ни дава значаен и разновиден минерален потенцијал. Стратегијата ги препознава бакарот, среброто, златото, оловото, цинкот, никелот, хромот, манганот, но и значаен број на наметалични минерални суровини, како и јагленот и водата за пиење. Тоа е потенцијал кој не треба ниту да го преценуваме, но ниту да го игнорираме. Треба паметно да го истражиме, да знаеме со што располагаме – нагласи научниот соработник во МАНУ, во име на тимот кој работел на текстот на Стратегијата.

Според него, Македонија има минерални суровини и долгогодишна рударска традиција, а зелениот раст без пристап до суровини за зелените технологии е недостижен.

  • Не можеме да зборуваме за идниот економски развој без да зборуваме за енергија. Не можеме да зборуваме за иднина на енергетиката без да зборуваме за климатските промени, а сѐ повеќе станува јасно дека не можеме да зборуваме за декарбонизација и зелена транзиција без да зборуваме за минералните суровини… За да изградиме нискојаглеродна економија ќе ни бидат потребни повеќе, а не помалку од одредени минерални суровини. Нема соларни електрани без минерални суровини, нема ветерни електрани без метали, нема електрични возила, батерии, мобилни телефони и современа електроника без суровини кои некаде треба да бидат истражени, ископани, преработени и ставени во функција. Токму затоа во Стратегијата е нагласено дека металите се предуслов за современите технологии, заклучи Дединец.

Од друга страна, аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов, во својата последна колумна, нагласи дека ако се обезбедат највисоки еколошки стандарди, транспарентна институционална контрола и реален економски бенефит, тогаш нема причина Македонија однапред да се откажува од ресурсите што ги има. Тој како прв тест за посакуваното идно рударство го потенцираше проектот за рудник за бакар во Иловица, кој впрочем е и единствена инвестиција во ископ на критичен минерал во моментов во Македонија.

  • „Иловица-Штука не треба да биде тест само за еден инвеститор. Треба да биде тест за тоа дали Македонија има капацитет да развива современо рударство – рударство во кое економскиот интерес не е спротивставен на јавниот интерес, туку е условен од одговорноста кон луѓето и природата“, напиша Грозданов.

Тој повика дебатата за проектот „Иловица-Штука“ да излезе од рамката на стравот и политичките поделби и да се врати таму каде што треба да биде – кај фактите, стручноста, технологијата и институционалната контрола.

  • „Македонија има долга рударска традиција. Но, во последните децении немаме реализирано голема нова инвестиција во металичен рудник. Во исто време, светот повторно ги открива минералните ресурси како стратешки фактор за економскиот развој, енергетиката, дигитализацијата и индустријата“, додаде инженерот Грозданов.

Инаку, според последните податоци, во 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, а рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата.

Најнови вести од: Македонија

Објавена конечната ранг-листа за Средното полициско училиште „7-ми Мај“

МВР ја објави конечната ранг-листа на примените ученици во Средното полициско училиште „7-ми Мај“ и ги информира кандидатите за понатамошните чекори пред почетокот на школувањето. Примените ученици на 1 септември 2026 година во 10 часот треба да бидат присутни во Полициската академија на МВР во Идризово, заедно со еден родител, старател или законски застапник, кој […]

Привремено се затвораат подрачните училишта во Габрово, Ѕвегор, Стамер и Вирче во делчевскиот крај, нема ученици

Четирите подрачни училишта во општина Делчево привремено ќе престанат со работа, поради големото намалување на бројот на ученици и високите трошоци за нивно одржување. Одлуката беше изгласана на седница на Советот на Општина Делчево по спроведената постапка за оптимизација на училишната мрежа.

Барањата на земјоделците се легитимни, премиерот рече дека Владата ќе направи се да им помогне

Премиерот оцени дека барањата на земјоделците струмичко кои најавија протести се легитимни и владата преку механизмите кои ѝ стојат на располагање ќе направи се што е во нејзина можност за да им помогне.

Водата во четири тетовски села е забранета за пиење!

„Се информираат сите жители на селата Порој, Џепчиште, Голема Речица и Мала Речица од гробиштата во Мала Речица до Голема Речица дека, по извршените анализи за квалитетот на водата, е утврдено оти водата не ги исполнува условите за употреба како вода за пиење. Поради тоа, се забранува користење на водата за пиење сè до следното известување од надлежните институции”, соопшти тетовското јавно комунално претпријатие (ЈКП) „Шар“.

To top