Македонија

Албанија со устав бара да не бидат дискриминирани Албанците во други држави, а тамошните Македонци се жалат токму на тоа, дека се граѓани од втор ред! (4)

Попретседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија Ендрит Фетаху на најјасен можен начин укажува зошто мора да се вратат во уставот на Македонија не само Македонците од Албанија, туку и од сите други балкански држави, заедно со грижата на државата за нив и нивните права, како што и се случи пред 30 години со усвојувањето на амандманот 58 на уставот: за да се одржи во живот македонската кауза во Албанија, но и во Бугарија, Грција, Косово и секаде каде што живеат Македонците во Балканот заедно со својот македонски етнички идентитет и мајчиниот македонски јазик.

На 20 септември 1990 година беа донесени серија амандмани на Уставот на тогашна Социјалистичка Република Македонија во Собранието, меѓу кои амандманот 58. Со него за првпат беше воведена одредба во еден устав на самостојна и независна Македонија, која се однесуваше на обврската за грижа за македонското малцинство во Грција, Бугарија и другите соседни држави. Но, како директна последица на „Преспанскиот договор“ и „Бугарскиот договор“ на 11 ноември 2019 година Собранието ќе го усвои и амандманот 36 на Уставот. Со ова целосно се избриша амандманот 58 од 1990 година, преточен во членот 49 на Уставот, и македонската држава се откажа од грижата за македонските национални малцинства во Грција, Бугарија и другите соседни балкански држави.

Додека Македонија продолжува и натаму во формална смисла, од уставно-правен аспект, да биде „слепа“ за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национално угнетени, дискриминирани и непризнати национални малцинства во некои од соседните балкански држави, тие исти држави во своите устави како висок приоритет имаат нагласено дека „припадниците на нивните народи, кои живеат надвор од границите на нивните држави, ќе уживаат право на заштита од матичната држава, во согласност со принципите на меѓународното право и меѓународните договори, која ќе ги штити нивните права и легитимни интереси“.

Зошто македонскиот устав да нема, да не смее да има ваква одредба, поради влијаењето на идентитетски геноцидните Преспански и Бугарски договор?! Зошто да нема и Македонија легитимно право да се грижи за Македонците во другите држави во Балканот, зарем за неа како држава не важат принципите и нормите на меѓународното право?! Во суштина и од правна гледна точка, не содржејќи обврска за грижа за Македонците во околните држави, сегашниот устав на Македонија е во остар судир не само со нормите и принципите на меѓународното право, туку и со уставната пракса во повеќе држави од Балканот и пошироко од Европа.

Токму ова мора да се промени и да регулира во уставот, Македонците од  околните држави како тамошни малцинства да се „внесат“ во уставот на матичната држава Македонија, а не да се ставало во неговата преамбула имагинарното, непостојно „бугарско малцинство“, дури и како „државотворен бугарски народ во Македонија“! Во Уставот треба да се врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат „државотворните Бугари“ и со нив великобугарската агенда на официјална Софија за распад на Македонија! Со враќањето на македонските малцинства од балканските држави во уставот на Македонија барем формално и нетериторијално ќе се обедини живото ткиво на македонскиот народ, распарчено со Букурешкиот договор од 1913 година. Ќе се воспостави барем во уставна смисла целината на македонскиот национален корпус.

Ќе појасниме зошто констатираме дека во поглед на грижата за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национални малцинства во соседните држави постојниот устав на Македонија е во остар судир не само со нормите и принципите на меѓународното право, туку и со уставната пракса во повеќе држави од Балканот и пошироко од Европа. Во овој контекст донесуваме споредбена анализа на уставите на Грција, Бугарија и Албанија, како и анализа на принципите, нормите и препораките на соодветните меѓународни конвенции на ООН и на Советот на Европа за правата на националните малцинства и обврската на односните држави да ги почитуваат тие малцински права.

За разлика од Грција и Бугарија, Албанија во својот устав експлицитно говори за „заштита на албанскиот народ, кој живее надвор од нејзините граници“. Во член 8 на Уставот на Албанија пишува: „(1) Република Албанија ги штити националните права на албанскиот народ, кој живее надвор од нејзините граници.“

Дипломатските претставници и највисоките политичари и претставници на албанската држава особен интерес пројавуваат за состојбата и правата на Албанците во Република Македонија, неретко воопшто и не воздржувајќи се тој интерес да го искажуваат на начин со елементи на мешање во внатрешните работи на македонската држава. Дури и да го предупредуваат Уставниот суд на Македонија да не ја „забранува употребата на албанскиот јазик“ во расправата за законот за јазиците. Едно е со принципите на вистинското добрососедство и во дух на заемно разбирање и пријателство државите да имаат и да пројавуваат легитимен интерес за животот на деловите на својот народ во други, соседни држави. Но, нешто сосема друго е постапувањето спротивно на овие заемно важечки принципи.

Исто така е легитимен интересот и на Македонија да се интересира за состојбата и правата на Македонците, кои живеат во Албанија. Легитимно е да бара албанската држава да ги спречува „идентитетските екскурзии“ на великобугарските емисари на Софија во подрачјата во Албанија, кај што живеат Македонци, заради нивно бугаризирање. А за што Албанија многу и не се покренува да стори нешто, бездруго од страв Бугарија да не ѝ „плесне“ и на неа вето на патот кон ЕУ, како што ѝ направи на Македонија. Но барем досега вето нема од Софија за Тирана, зашто некои работи можеби „фино“ и молкум  меѓусебно се договорени, врз грбот на  Македонците во Албанија…

Но, какви се позицијата и правата на Македонците, кои живеат во Албанија? Во одговорите токму на овие и некои други прашања во интервјуто за весникот „Илинден“ на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана Ендрит Фетаху, потпретседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, нагласува: „Македонците во Албанија се граѓани од втор ред.“ Во рамки на оваа анализа ги пренесуваме и најважните искажувања на Ендрит Фетаху.

„Положбата на Македонците во Албанија останува кревка и нерамноправна, и покрај ветувањата и постојните закони. Иако формално направи одредени чекори за признавање на малцинствата, во пракса албанската држава не покажа вистинска волја да им обезбеди на Македонците целосна еднаквост. Сè уште имаме третман како граѓани од втор ред, со јасен недостиг на образование на мајчин јазик, без инвестиции во областите, каде што живееме и со минимална застапеност во државните институции. Оваа тивка дискриминација мора да заврши, бидејќи европската интеграција на Албанија не може да се гради врз негирање на правата на малцинствата.“ – посочува Фетаху

На прашањето кои се најголемите проблеми на Македонците во Република Албанија? Тој истакнува: „Проблемите се многубројни, но клучниот останува фактот дека албанската држава не ги спроведува законите, што ги усвои. Надвор од Преспа речиси не постои образование на македонски јазик, иако е тоа основно право. Многу села и македонски заедници се соочуваат со длабока сиромаштија, изолација и целосен недостиг на развојни проекти од страна на владата. Истовремено, Македонците се речиси невидливи во државната администрација и политичките процеси, што е неприфатливо за една земја, која тврди дека е демократска. Овој третман претставува отворена дискриминација и кршење на европските стандарди за човекови права.“

На барање на весникот “Илинден“ која е неговата порака како потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција до Македонците во Република Албанија, Ендрит Феаху нагласува: „Мојата порака е јасна – доста беше молк и покорност! Мора да останеме обединети и гласно да го бараме она, што ни припаѓа. Не смееме да дозволиме нашите деца да растат без да го учат мајчиниот јазик. Не смееме да дозволиме нашиот идентитет да се изгуби, поради негрижа или дискриминација од државата. Македонска алијанса за европска интеграција нема да застане сè додека добијат Македонците еднакви права, училишта на мајчин јазик, поддршка за нашата култура и достојна политичка застапеност. Нѐ очекува долга битка, но нема да се повлечеме, затоа што сме убедени дека правдата е на наша страна. Клучно е да се одржи во живот македонското прашање во Албанија. Ние никогаш нема да замолкнеме, ќе се бориме за еднаквост, достоинство и подобра иднина за секој Македонец во оваа земја.“

(крај)

(Оваа анализа е надоврзување на нејзиниот прв дел „Во Уставот треба да се врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат ‘државотворни Бугари’, а со нив и агенда за распад на Македонија!“, на нејзиниот втор дел „Грција со устав ги ‘цементира врските на Грците со Татковината’, а со ‘преспанска бомба’ ги растури врските на тамошните Македонци со Македонија!“, како и на нејзиниот трет дел „Бугарија бара дури и ‘држава во држава’ за фантомскиот ‘бугарски народ’ во Македонија, а низ ЕУ се дере: „Њама македонски език, њама Македонци кај нас!“.

„Нова Македонија“

(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

МВР ги истражува свирежите за македонската химна и националистичките испади на финалето Силекс-Шкендија и веењето странски знамиња на протестот во Скопје!

Исвиркувањето на државната химна на Република Македонија на вчерашното финале од Купот на Македонија помеѓу Силекс и Шкендија, како и националистичките скандирања и транспаренти, сега се цел на проверки на МВР. Од МВР истакнуваат дека се преземаат активности за утврдување на можни прекршувања на јавниот ред и мир.

После неколку банални изговори, СДСМ избега од дебата за буџетот, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, кој претседава со Комисијата за финансирање и буџет, го оцени повлекувањето на СДСМ од Комисијата како немање аргументи. Според Стојановски, СДСМ избегале од дебата, а демаскирани се и информациите што ги пласирале дека ќе дојде до крах на пензискиот систем, дека Буџетот нема да може да ги издржи покачувањата на платите.

Без стабилно финансирање нема суштински реформи во МРТ

На отворената седница на Програмскиот совет на МРТ, на која претставници на медиумската заедница и институциите разговараа за иднината на јавниот сервис, неговите развојни приоритети и потребата од суштински реформи, беше отворено и сериозно прашање поврзано со финансирањето на МРТ, Македонска радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Од страна на претставник на […]

(Фото): Колку внимаваат граѓаните кога купуваат нов стан?!

Комората на друштва за геодетски работи, во соработка со Стопанската комора на Македонија почна кампања со цел подигнување на јавната свест од важноста и значењето на уредувањето на сопственичките права на сопствениците на недвижен имот. Кампањата, насловена „Провери. Потврди. Поседувај. Твојот имот, твоја сигурност“, ќе биде исклучиво насочена кон постојните и идни сопственици на недвижен имот (граѓани и правни субејкти), со цел да се укаже на потребата од правилно и непречено користење на имотот, како и негово правилно управување, оттуѓување и купување.

Филипче го повика Мицкоски заедно да ги стават Бугарите во Уставот и да ја поделат одговорноста! Сигурен е дека „нема да се случи ништо со нашиот идентитет и јазик“!?

Лидерот на СДС Венко Филипче денеска ги повика премиерот Христијан Мицкоски и власта заедно со него да ги направат уставните измени и при тоа да ја споделат одговорноста за тој чин. –Сакам да знае дека ја споделуваме одговорноста за било што, што понатаму ќе се случува во текот на преговорите. Иако сум прилично сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашиот идентитет, јазик, култура и така натаму, сепак ја споделуваме одговорноста и заеднички учествуваме во целиот процес на водење на преговорите – рече Филипче. Тој не појасни како замислува „заеднички да ја споделувале одговорноста со власта“?

Вреди: Агата Али Ахмети и милионерите од криминалното раководство на ДУИ –Соравија немаат морална доверливост да говорат во името на Албанците!

Партијата ДУИ-„Соравија“ и милионерите создадени преку ноќ е последната што може да зборува за албанскиот интерес. Тоа се луѓето кои 20 години живееја во политички агалак на грбот на Албанците. Јадеа, пиеја, се богатеа, градеа коцкарски и бизнис империи и се однесуваа како државата да е нивна приватна сопственост, додека на Албанците им оставија само измами, пропаганда и лажен патриотизам, нагласува партијата Вреди во своето соопштение.

Мерц бара нова, динамична и иновативна стратегија за забрзување на проширувањето на ЕУ, а Западниот Балкан да добие привилегиран статус и постепена интеграција!

Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати официјално писмо до лидерите на Европската Унија во кое предлага нова, динамична и иновативна стратегија за забрзување на процесот на проширување. Планот, во кој увид имаа меѓународните медиуми, предвидува постепена интеграција и привилегиран пристап до клучните европски механизми за земјите од Западен Балкан и Молдавија, додека за Украина се предлага специфичен статус на „придружно членство“.

„Курир“: Бандата на Филипче, Заев, Шмрчко, Жерновски, од „државотворна“ станаа патолошка партија! – Врескаат против Савески, кој нема никаква партиска врска како нивните обвинителски ајвани!

„Нов ден, нов пораз и доказ за лажните вести за СДС и Венко Филипче. Се случи нов демант на лажните вести и клевети на подизведувачите на Заев. СДС и Венко пак се изругаа: Јавното обвинителство ја отфрли како неоснована инфантилната кривична пријава против премиерот Мицкоски, во која тие небулозно инсинуираа дека по неговата изјава за неговото ‘чувство’ следува период на кривична одговорност за криминалите и висока корупција на поранешни премиери, министри и функционери (читај Филипче, Заев, Спасовски, Ковачевски, николовски и останата банда).“ – пишува порталот „Курир“ во својот редакциски коментар.

Најнови вести

To top