Македонија

Чествуваме 123 години од Илинденското востание, 82 години од АСНОМ

Традициоинално, пригодни манифестации ќе се одржат во Крушево, во Скопје и на Пелинце

 

Денеска се одбележуваат 123 години од  Илинденското востание во 1903-та и Крушевската република, и 82 годинии од вториот Илинден, во 1944 година со АСНОМ – Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија, кога беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.

Во земјава денеска е државен празник, а двата Илиндена традиционално се одбележуваат на неколку локации – Крушево, Пелинце и Скопје.

Централната манифестација ќе се одржи во Крушево, на Мечкин Камен каде ќе се обрати потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски бидејќи претседателот на Собранието Африм Гаши е на конференција на претседатели на парламенти во Каиро.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе биде присутна на одбележувањето во Скопје каде ќе положи цвеќе пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто.

Свеченост ќе се одржи и на Пелинце каде ќе се одбележат 82 години од Првото заседание на АСНОМ, а најавено е обраќање на премиерот Христијан Мицкоски.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил  Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

“На темелите на Илинденското востание, на народната револуција и ако сакате прецизно, на двата Илиндена, од 1903-тата и од 1944-тата година почива македонската државност. Почит кон сите кои нѐ задолжија за денеска да имаме слободна држава. Илинден и АСНОМ се темел на македонскиот непокор. Илинденското востание и АСНОМ-ските решенија на идните генерации им го даваат чувството на припадност и ние им пркосиме на сите кои сакаат тоа да го избришат. Македонија не е и нема да биде држава за поткусурување“. Вака универзитетската професорка и научен советник во Институтот за национална историја Катерина Тодороска го објаснува историското значење на Втори август – Илинден, Денот на Републиката.

Во својата духовна основа, Илинден е посветен на Светиот пророк Илија, еден од најпочитуваните светители во православната традиција. Според народните верувања, Свети Илија е господар на громовите и небесните сили – оној што го „отклучува“ и „заклучува“ небото, носејќи дожд или суша. Неговиот култ е длабоко вкоренет во македонската народна традиција и обичаи.

Најнови вести од: Македонија

Легендарен македонист помирен за македонски пасош, жали што не може да помага како почесен конзул на Македонија

Иако е позаслужен за Македонија од многу Македонци промоторот на македонските вредности не може да добие пасош ниту да ја врши симболичната функција што ја имал

(Видео): Огнот кај Драгов Дол слабее, но пожарот кај Велес се шири кон Зелениково

Од 25 пожари што беснееле во земјава во текот на вчерашниот ден, 21 биле изгаснати во текот на ноќта, но четири останале активни. Најголема загриженост предизвикува пожарот кај селото С’лп во Велешко, кој се шири кон Зелениково и селата Добриново и Тисовица.

To top