Македонија

Декларација за демократски локални избори изгласа Собранието, за да бидат без изборна корупција, инциденти и конфликти, без притисоци и страв

Собранието на Република Македонија им дава дава целосна поддршка на Државната изборна комисија и на другите органи и институции да организираат и да спроведат правични, слободни и демократски избори преку обезбедување услови за слободно изразување на волјата на граѓаните, без закани, или манипулации.

Собранието на Република Македонија денес попладнево со 73 гласа „за“ и ниту еден „против“ изгласа Декларација за одржување правични, слободни и демократски избори за членови на советите и за градоначалници на општините и на Градот Скопје.

Декларацијата беше поднесена од претседателот на Собранието Африм Гаши и координаторите на сите пратенички групи. Во неа Собранието изразува надпартиско единство за одржување правични, слободни и демократски избори. Се изразува заложбата за доследно почитување на уставното начело, граѓанинот своето избирачко право да го оствари непосредно, на слободни избори со тајно гласање. Најостро се осудува семејното и групното гласање како можност за манипулирање со гласовите на граѓаните и влијание врз изборните резултати.

Собранието на Република Македонија им дава дава целосна поддршка на Државната изборна комисија и на другите органи и институции да организираат и да спроведат правични, слободни и демократски избори преку обезбедување услови за слободно изразување на волјата на граѓаните, без страв, притисок, дискриминација, закани или манипулации, како и целосна поддршка за обезбедување независно и ефикасно набљудување на целиот изборен процес од страна на домашни и странски организации, здруженија и медиуми, согласно со законите, правилата за набљудување на изборите на Државната изборна комисија и со  меѓународните стандарди.

Се укажува на потребата од фер и демократска изборна кампања, при што се нагласува значењето на политичката толеранција и почитта меѓу различните политички и идеолошки опции на учесниците во изборниот процес и во таа насока особено го осудува говорот на омраза, насилството и дискриминацијата. Се укажува на значењето на медиумите и на медиумското претставување на учесниците во изборната кампања за промовирање на нивните кандидати, политики и ставови. Во оваа насока во Декларацијата се нагласува потребата да се обезбеди правичен пристап до медиумите на сите учесници во кампањата. Со неа најостро се осудуваат кампањите, што шират дезинформации и невистини, за да се дискредитира некоја личност, институција, политичка партија, или организација.

Собраниската декларација осудува и секаков облик на изборна корупција, злоупотреба за партиски цели на државни ресурси и институции, поткуп и уцени и било какво друго однесување на учесниците, со кое може да се доведе во прашање почитувањето на демократските вредности и стандарди во целиот изборен процес.

Претседателот на Собранието Африм Гаши пред пратениците порача дека со Декларацијата Парламентот испраќа силна и јасна порака за обединување над партиските разлики за изразување на силната волја да гарантираат слободни, фер и демократски избори.

„ Оваа декларација не е само формален чин, туку е израз за определбата на Собранието, на сите партии, и на сите пратеници, на нашите граѓани да им обезбедат еднакви и рамноправни услови за слободно да ги изберат своите претставници во општините и главниот град. Сакаме избори, во кои политичкиот натпревар ќе се одвива без инциденти и конфликти, без притисоци и страв, без омаловажување и навреди, туку во здрава демократска средина. Сакаме волјата на граѓаните да биде изразена јасно, слободно и чесно, бидејќи само на овој начин изборите ќе имаат целосен легитимитет. Само на овој начин волјата на граѓаните целосно ќе се одрази во однос на тоа кој ќе ги претставува во следните четири години.“ – посочи Гаши.

Според него, Собранието во овој важен момент испраќа јасна порака – ние сме обединети, за да прикажеме многу повисока политичка култура, што сакаме да ја видиме во предизборната кампања и сакаме таа да биде исполнета со идеи, програми и визии, а не со поделби, навреди, или говор на омраза.

Скендер Реџепи од опозицискиот Европски фронт рече дека нема да ја поддржи декларацијата, оценувајќи дека е само „празен лист што нема никакво значење во практичниот живот, затоа што точките што ги содржи немаат никаква врска со реалноста“. Тој изнесе, меѓу другото, дека „има луѓе, што ќе изгубат на изборите, кои сценираат меѓуверски инциденти кај Албанците“.

Му реплицираше Аднан Азизи од Вреди наведувајќи дека институциите имаат точни информации, како што рече, за бегалецот, кој се наоѓа на црната листа, како и за тоа дека имаше обиди за дестабилизација и обид од сомнителни групи да запалат верски објекти. „Овие информации ги има и државата. Не биди измамник говорејќи во име на Албанците и верниците.“ – кажа Азизи.

Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ во реплика на Реџепи посочи оти очекувал декларацијата да биде акламативно усвоена, за да се поддржи изборниот процес каков што треба да биде. „Потпишана е од сите координатори и го слушаме кандидатот за градоначалник на град Скопје со различно мислење од Европски фронт. Се прашувам Блерим Реџепи ли е во право кога го потпиша ова во име на Европски фронт, или Скендер Реџепи, кој искажува забелешки и кој имаше говор, за 20 октомври, ден после изборите кога ќе треба да ги каже причините зошто изгубил.“ – нагласи Мицевски. 

Координаторот на Европски фронт Блерим Беџети наведе дека ја потпишуваат декларацијата, за да го овозможат одржувањето правични и демократски избори, но, посочи, не декларативно, „ зашто тоа треба да биде и во практика“. Беџети побара обвинителот да каже „кои се луѓето,  ангажирани од соседна држава да запалат џамија во Тетово“.

Халил Снопче од Алијанса за Албанците рече дека ќе гласа за декларацијата, но оцени дека „изборите ќе бидат антидемократски затоа што, има привилегирани граѓани со право глас кои имаат влијание во одредувањето на бројот на советници и дискриминирани граѓани, кои немаат влијание“.

Поддршка во име на ЗНАМ изнесе пратеничката од оваа партија и потпретседателка на Собранието Весна Бендевска. Таа критикуваше дека во расправата никој од пратениците не говорел за точките од декларацијата и порача оти „фер и демократски избори се оние, чиј резултат ќе биде во согласност со слободната волја на граѓаните“.

Најнови вести од: Македонија

Дали навистина Али Ахмети „сериозно размислува да се повлече од политиката по вториот круг на изборите“, или сѐ ќе стори да го одложи „политичкото пензионирање“?!

Веќе денешната седница на Централното претседателство на ДУИ, која ја свика Ахмети, ќе покаже во која насока ќе се движат неговите натамошни потези, откако тој и ДУИ доживеаја тежок пораз во првиот круг на локалните избори: дали конечно ќе го прифати „решението“ за „заминување во политичка пензија“, кое му го „напишаа“ гласачите-Албанци во Македонија на 19 октомври, или ќе се обиде да остане барем уште некое време на политичката сцена?

Али Ахмети свика за утре седница на Централното претседателство на ДУИ – ќе се анализираат резултатите од изборите

Шефот на „интегративците“ утре ќе го прекине четиридневниот молк по дебаклот, што го доживеаја тој и неговата партија ДУИ и опозициската коалиција Национална алијанса за интеграција. Дали Ахмети и ДУИ ќе го прифатат и ќе го признаат поразот во првиот изборен круг?

Кандидатот на НАИ за градоначалник на Тетово Реџепи објави фотографија со Али Ахмети, „неколку дена по изборите“, пишува „Тетова сот“

Али Ахмети не се појавил лично во јавноста веќе четврти ден, откако заврши првиот круг на локалните избори кога ДУИ и нивната опозициска коалиција Национална алијанса за интеграција доживеаја дебакл.

Се отвораат нови линии – Договор со Обединетото Кралство за авио-сообраќај

Договорот за редовен воздушен сообраќај помеѓу Македонија и Велика Британија се потпиша на иницијатива на Велика Британија и претставува нова правна рамка со која се уредуваат односите во делот на редовниот воздушен сообраќај помеѓу двете земји.

(Фото): Дератизација, чистење и нов систем за собирање отпад – Општина Центар со вонреден еко-план

Општина Центар воведе вонредни мерки за справување со наталожениот смет и зголемената појава на глодари, најавувајќи итна дератизација, поставување нови пунктови за отпад и вклучување на сите општински служби во акција за чистење.

Најнови вести

To top