Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во „Алта банка АД Битола“, со ислушување на исказите на останатите учесници (сведоци) повикани од Комисијата за финансирање и буџет.
На надзорната треба да се разгледаат околностите што довеле до воведување администрација во банката, улогата на Народната банка во постапката, како и одговорноста на надлежните институции.
Пратеничката на СДСМ и претседателка на Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска вчера на прес-конференција соопшти дека на расправата се поканети и претставници на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка.
Лукаревска информираше дека ниту едно од лицата на списокот на поканети сведоци до тој момент сè уште немал потврдено присуство.
Во однос на изјавата на претседателката на Комисијата, Лукаревска и на СДСМ дека голем дел од поканетите нема да дојдат на денешната расправа, пратеникот од редовите на на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски вчера на прес конференција рече дека одговорноста за организирањето на надзорната расправа е кај нив.
„Тие се одговорни за организацијата и за доаѓањето на гостите, како и за комуникацијата со истите. Несериозно е да организирате надзорна расправа, а од денеска за утре да ги каните сведоците“, рече Стојановски.
ВМРО-ДПМНЕ предложило на надзорната расправа да бидат повикани Трифун Костовски и поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска, дознава Плусинфо.
„Веруваме дека таа има и поседува многу информации коишто може да ги даде за комплетно да се расветли овој случај. Гласавме за одржување на надзорна расправа со еден единствен став дека треба да се одржи што е можно побрзо. Целото ова чекање и губење време и денови оди во насока на тоа СДСМ само да добие време за да има тема во јавноста“, рече Сојановски.