Македонија

Елена Гули: Дедо ми Питу знаеше дека ќе загине

Легендарниот војнова до последен момент не отстапувал од идејата за слободна Македонија

Елена Гули, 85-годишната внука од најмалиот син на Питу Гули, Стерју, единствен,директен потомок од „крвта“ на големиот војвода, својата приказна посака да ја раскаже за МИА. 

Приказната за својот дедо Питу Гули, Елена ја почнува со фактот дека за нејзиниот дедо речиси немало кој да ѝ раскажува. Без татко останала на четири години, а за деда си најмногу слушала од фамилијата на нејзината баба, сопругата на Питу Гули.

Елена е во едно сигурна: нејзиниот славен дедо бил темпераментен јунак, посветен на идеалите за слободна Македонија, а сите жртви биле токму поради тоа.

„ Првите сеќавања за дедо ми, Питу Гули, се од тоа што ми кажувале, малку мајка ми, а најмногу од фамилијата на баба ми, или поконкретно од фамилијата на жената на дедо ми, Питу Гули. Фамилијата на баба ми е Теље. Таму бил женет дедо ми, Питу Гули. Ми кажуваа дека од дедо ми немало поголем јунак во Македонија. Фамилијата била разочарана дека ги оставил и загинал“, вели Елена Гули.

Питу Гули имал бурен живот. Седум години бил во турски затвор во Анадолија. Последиците од прангите на нозете ги имал цел живот. Повредените нозе никој не можел да ги забележи кога бил качен на коњ.

Бил неуморен и секогаш бил во движење. Ги анимирал луѓето од цела Македонија, барал, ги убедувал, агитирал да не трпат и да се кренат против турските зулуми.

„ Бил човек со голема храброст. Не се плашел од ништо. Ја крстосувал Македонија, влегувал во секоја борба, организирал групи, млади луѓе… Алиштата ги соблекувал од себе, ги давал на сиромашните. Собирал оружје, востаници. Од Штипско, од Велешко, од сите страни и села“, гордо вели Елена Гули.

Пресвртницата се случила по средбата со Гоце Делчев во Штипско кој сфатил дека Питу Гули е „роден“ за војвода во Крушево.

„Дедо ми никогаш не можел да ги трпи „зулумите“ на Турците. За него било единствено важно Македонија да биде слободна. Кога се вратил од затвор, го продолжил своето револуционерно движење. Се здружил со чети во Велес. Одел секаде, се борел, немал страв од ништо. Тогаш повеќепати се сретнал со Гоце Делчев. Во Штипско. Гоце Делчев слушнал за него и го викнал. Рекол – ако треба некој да биде војвода, тоа е Питу Гули. И тоа во Крушево “, раскажува Елена Гули.

Елена цврсто го брани ставот на дедо си дека востанието требало да се крене веднаш, а не да се чека подоцна, за што, според неа, се залагал Никола Карев. Но, откако одлуката била донесена дека ќе има востание, двајцата безбрезервно работеле на тоа.

„Реално, сметам дека Питу бил во право за кревањето на востанието. Ако не било тоа, немаше Македонија да има Република. Имало многу Турци. Имало касарна. Правеле многу зулуми. Што им бил изборот? Да се кренат! И така се основа првата Република на Балканот“,  вели Елена.

Признава дека нејзиниот дедо бил темпераментен. И јас сум на него, со насмевка вели. Се што имал, го давал на другите.

„ Повремено ги гледал неговата жена и децата. Ама бил посветен на револуцијата. Од селата и фамилиите „собирал“ комити. Ако имало двајца во семејството, еден одел комита. При обиколување на крајот, видел дека во селото Света имало Турчин кој правел зулуми. го владеел селото. Питу го отепал и ги зел неговите алишта“,  ги пренесува Елена приказните што ѝ ги раскажувале за дедо и.

Најомилена и е таа кога Питу Гули бил во Кичево кај фамилијата Зердевци каде оставил три пушки, како наследство за неговите синови да продолжат по неговите стапки.

Елена Гули вели дека цел живот се бори како нејзиниот дедо. Да опстане. Заедно со потомците.

„Дедо ми знаел дека ќе загине за Македонија. И неговите деца не сакале мирно дома да седат. Се бореле. Дедо ми целосно верувал во ослободувањето на Македонија. И јас сум премногу горда на тоа. Ја носам последната капка крв од Питу Гули. Кој сака нека дојде, јас сум наследник на Питу Гули. И целата моја фамилија. Горда сум на тоа. И од никој не барам ништо“,  гордо го завршува разговорот единствениот жив директен потомок на војводата Питу Гули.

Елена Гули е задоволна од почитта што ја има семејството. Нејзиниот дедо е во химната. На младите им порачува да останат во Македонија, порача таа во разговорот за МИА

Најнови вести од: Македонија

Ошлис: Македонецот Наум Охридски е само европски просветител, но и дипломат, а Европа ако ја изгуби Македонија, набргу ќе се изгуби и саматата себеси! (3)

Големиот германски македонист проф.д-р Волф Ошлис силно ја застапува македонската историска перспектива и нагласува дека дејноста и традицијата на Свети Наум Охридски е дел од македонското јазично-културно и просветителско наследство. Во своите истапувања на Меѓународниот семинар за македонски јазик и култура во Охрид во изминатите години Ошлис ја ја аргументирал повеќе пати својата констатација дека Наум е еден од основноположниците на македонската култура, јазик, религија и наука, без никаква врска со други народи во Балканот. Во својот научен труд со наслов „Македонецот Наум Охридски и Германецот Регино фон Прим како европски дипломати“ Ошлис, дури, го означува македонскиот просветител и како еден од првите и тоа врвни европски дипломати, поради развиените контакти, што ги имал со тогашните владетели и видните личности од нивните царски дворови, во рамки на своето учество во тогашната Моравска мисија на македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј, започната во 863 година меѓу народите во Средна Европа.

„СДК“: На „Маркова нога“ ќе се обнови спомен-плочата за седумте младинци од Лерин, ѕверски убиени на 17.1.1944 од бугарскиот фашистички окупатор

„На седумте младинци борци од Лерин, ѕверски убиени на 17 јануари 1944 година од бугарскиот фашистички окупатор“, пишува на спомен-плочата на граничниот премин Маркова Нога. Повторното отворање на граничниот премин Маркова Нога во Преспа ќе нема само политичко, и економско начење. Преминот ќе биде и место за историско сеќавање бидејќи непосредно до него, на македонската страна, се наоѓа спомен-плочата за седумте младинци од Лерин кои беа измачувани и убиени од фашистичките сили за време на Втората светска војна, објави информативниот портал „СДК“.

Монах Амвросиј: Свети Наум ја градеше душата на древниот македонски народ, кој стои со својот идентитет во темелите на европската цивилизација! (2)

„Во тишината на бреговите на Охридското Езеро манастирот ‘Свети Наум’ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ.  За да ја разбереме духовната мисија на манастирот ‘Свети Наум’ денес мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридското Езеро, тој не градел само ѕидови, туку ја градел душата на еден народ. Ова свето место не е само нем споменик од минатото, туку жива лулка, во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија. Манастирот ‘Свети Наум’ е жива историска енциклопедија, во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе, туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност. Затоа, манастирот ‘Свети Наум’ не е само историја. Тој е жив доказ дека еден народ, што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност, никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!“ – нагласува во интервју за „Нова Македонија“ монахот Амвросиј, жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија.

Мицкоски: Очекувам во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како во декемврискиот, има уште време за разговори со опозицијата за изборниот закон

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик, за што кажа дека се уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десетиот чекор од зададениот грејс период.

Денес се одбележуваат великото дело и личноста на Свети Наум Охридски, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост (1)

Денес Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и сиот македонски народ, не само оние, кои се православни христијански верници, го одбележуваат црковно-народниот празник, посветен на личноста и великото дело на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Свети Наум Охридски останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, но како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на Охридската книжевна школа биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенската писменост и култура.

Најнови вести

To top