Македонија

Ѓорѓиевски ја обвини СДС за ширење хистерија и политизирање на западнонилската треска!

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски реагираше на обвинувањата на СДС за наводно „задоцнето справување со комарците и зголемениот број случаи на западнонилска треска“. Преку општествената мрежа тој нагласи: „Новата хистерија на СДС, по хистеријата за скопската вода, е оваа за комарците. Но, здравјето на скопјани е премногу сериозна работа за да биде средство за дневнополитички поени.“

Скопскиот градоначалник посебно упатува „смирувачки тонови“:  За Филипче воопшто да не се грижите, јахтата на Заев најверојатно е побрза од комарците и тој е безбеден!

Потоа првиот човек на македонската метропола истакнува: Без проблем, подготвен сум да разговарам за сѐ. Само пред неколку дена видовме што значи неодговорно пласирање информации кога се создаде непотребен страв околу безбедноста на водата во Скопје. Денес повторно гледаме обид да се претвори сериозна здравствена тема во дневнополитичка пресметка. Но, западно-нилската треска не е нов вирус и не е проблем, кој постои само во Скопје, или Македонија. Според извештајот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, локално стекнати случаи се забележани во повеќе европски земји. Вакви случаи има во Грција,Србија и Косово. Светската здравствена организација јасно посочува дека западнонилскиот вирус одамна кружи во Европа.

Затоа, на граѓаните им должиме информации и превенција, а не политичка хистерија. А кога веќе СДС отвора тема за тоа кој, кога и колку прскал против комарци, добро е да го освежиме паметењето со датумите. Во 2018 година, кога со Град Скопје раководеше тогашната власт на СДС, првата земска дезинсекција против комарци започнала дури на 3 јули и траела до 7 јули, додека првото авионско прскање било организирано на 7 и 8 јули. Практично, првите сериозни активности започнале длабоко во летната сезона.

Во 2026 година активностите започнаа уште на 7 мај. Или по датуми: (1) дезинсекција против ларви: на 7 мај авионска дезинсекција, на 11 јуни авионска дезинсекција, на 26 јуни  теренска дезинсекција, на 10 јули авионска дезинсекција, на 23 јули теренска дезинсекција, на 11 август теренска дезинсекција, на 18 август теренска дезинсекција, (2) дезинсекција против комарци: на 1 и 2 јуни авионска дезинсекција, на 18 и 20 јуни теренска дезинсекција, на 27 и 28 јуни авионска дезинсекција, на 13 и 15 јули теренска дезинсекција, на  30 и 31 јули авионска дезинсекција, на 4 и 6 август теренска дезинсекција. Веќе се закажани дезинсекции за четврток и петок авионски, а од недела до среда теренски.

Сите активности се спроведуваат согласно годишната програма, законските обврски и елаборатот на Центарот за јавно здравје – Скопје, како и препораките од Министерството за здравство и европската регулатива. Тоа се фактите. Јавното здравје не се штити со прес-конференции. Не се штити со создавање страв. Не се штити со политички сензации. Се штити со системска работа, континуирана превенција, стручни препораки и навремени активности на терен.

Затоа, наместо натпревар во тоа кој ќе произведе поголема паника, очекувам од сите политички субјекти минимум одговорност кога зборуваат за здравјето на луѓето. И навистина ме зачудува недостатокот на образ кај луѓе, кои под неразјаснети околности се нашле во политиката. Град Скопје ќе продолжи со третманите согласно со стручните препораки и утврдената динамика, а јавноста ќе биде навремено информирана за секоја наредна активност.

СДС најверојатно ќе продолжи од секоја трагедија да се обидува да собере ситни поени, бидејќи на друг начин не можат да бидат актуелни. Но, здравјето на скопјани е премногу сериозна работа, за да биде средство за дневнополитички поени. А за Филипче воопшто да не се грижите, јахтата на Заев најверојатно е побрза од комарците и тој е безбеден! – посочува градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во објавата на својот официјален фејсбук-профил.

Најнови вести од: Македонија

Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство

Геологот Ѓорѓи Димов, кој е и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, изјави дека рударството и геологијата имаат огромно значење за економскиот развој на нашата држава, но и за нејзината иднина.

Андоновска: Во ИЈЗ се почитува Законот за јазици! – ДУИ не може да прифати дека нема повеќе „како до сега”!

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, реагира на обвинувањата од ДУИ дека во институцијата не се почитува Законот за употреба на јазиците.

(Фото): Центар трча: Успешно заврши првата ноќна трка низ Дебар Маало

Убава вест за сите со спортски дух. Со музика, навивање и одлична енергија, во саботата се одржа првото издание на CENTAR NIGHT RUN. Дебар Маало и улиците на Центар беа исполнети со тркачи и публика, кои создадоа нова спортска приказна во градот.

To top