Пишува: Свето Тоевски
Ѓуров и Јотова ги ставија Македонија, македонскиот народ, идентитет, македонскиот јазик и историја во функција на нивната предизборна пропаганда

„Со францускиот предлог успеавме да промениме – не да биде Бугарија против ЕУ, туку С.Македонија да биде против ЕУ. Успеавме нашиот став да го направиме став на ЕУ и тоа нè стави во многу посилна позиција, отколку кога ставаме вето.“ – изјави вчера на 29 октомври Андреј Ѓуров, еден од двата кандидата за претседател на Бугарија, во завршната дебата на Бугарската национална телевизија со вториот кандидат Илијана Јотова спроти одржувањето на вториот круг од бугарските претседателски избори на 1 ноември 2026.

Јотова, која е моментно вршителка на должноста претседателка на Бугарија, во оваа телевизиско соочување, истакна дека „нема суштинско подобрување во односите меѓу Софија и Скопје по потпишувањето на договорот за добрососедство“. Според неа, „Скопје се обидува да оспорува, или да избегнува исполнување одделни протоколи“. „Но, ние ќе продолжиме да настојуваме кај нашите европски партнери договорот и европските политики да се спроведат. Во мене гледате личност, која нема да отстапи ниту еден сантиметар од она, што е веќе договорено.“ – нагласи Јотова.

И Ѓуров и Јотова не пропуштија да ја стават Македонија, македонскиот народ, идентитет, македонскиот јазик и историја во функција на нивните предизборни пропаганди. Во функција на нивните настојувања да добијат поголем политички рејтинг и повеќе политички поени во очите на обичните бугарски граѓани. Но, од друга страна, постојат моменти и настани во историјата, постојат документи и факти, кои имаат поголема историска тежина од вакви манипулативни телевизиски настапи на бугарските политичари. Таков момент е 30 октомври 1890 година, кога Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од 19 век, каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од негаторските пропаганди и шовинистичките фалсификати на историјата од страна на балканските соседни држави.
На 30 октомври 1890 Македонците од Охрид бараат македонски јазик и училишта, а по 136 години Ѓуров и Јотова застапуваат позиции „њама македонски език“ и „Македонците се Б’лгари“

Точно 136 години подоцна, на 29 октомври 2026 година, на бугарската национална телевизија БНТ, во завршното телевизиско соочување пред вториот круг од претседателските избори, Илијана Јотова и Андреј Ѓуров повторно ја отворија темата Македонија и таканаречениот „француски предлог“. Во суштина тие вчера тврдеа дека „европска политика“ е бугарската државна доктрина, во која два темелни столба се „њама македонски език“ и „Македонците се Б’лгари“. Во дебатата на БНТ Ѓуров го бранеше „францускиот предлог“ како инструмент, со кој бугарските барања биле претворени во „заедничка европска позиција“. Јотова „свечено вети“ дека „нема да отстапи ниту еден сантиметар“ од таа „европска позиција“. Тие двајцата порачаа дека се застапуваат за уште поцврста политика на наметнување на бугарското национално и историско толкување, поточно кажано за бугаризирање на идентитетскиот комплекс на македонскиот народ, во кој основен темел е македонскиот јазик.

Двата претседателски кандидата и официјалните позиции на Софија продолжуваат да го оспоруваат посебниот историски и јазичен континуитет на Македонците. Бугарската страна го поврзува македонскиот јазик со бугарскиот јазичен историски развој и не прифаќа македонскиот идентитет да се толкува независно од нејзините историски претстави. Проблемот е во политичката пракса, во која бугарските историски и идентитетски толкувања се претвораат во услови, што Македонија треба да ги исполнува на својот пат кон ЕУ. Меѓутоа, европската интеграција не смее да стане механизам за просудување каков е на националниот идентитет на народот на една држава. И тука Јотова и Ѓуров должат одговор на едно суштинско прашање: дали членството во ЕУ треба да биде условено со прифаќање на историските толкувања на друга држава?

Од „Охридската молба“ до концепциите на „европеизирана Бугарија“: македонскиот јазик и неговата употреба не се и не можат да бидат предмет на преговарања и бугарски дозволи
„… од долго време немаме црковна слобода, а од 1872 година станавме уште повеќе заблудено стадо, зашто дојдовме под Бугарска егзархија, заблудени од бугарската пропаганда. … Покрај тоа што Бугарите нѐ измамија и нѐ излагаа, тие ни го отфрлаат и јазикот, ни ги менуваат и нашите свети обичаи и ја менуваат и сета наша лика и прилика. Ние тоа не можеме повеќе да трпиме и не сакаме нашите деца да не колнат нас и гробовите на нашите предеди. … Сега ние се одделивме од Бугарите и сами сочинуваме словенски општини во Македонија, и сочинуваме самостоен народ. Како такви, ние сакаме да имаме наша црква, наши училишта. Ние си најдовме и наши учители, кои ги плаќаме и издржуваме. … Молиме дозвола за обнова на Охридската архиепископија, дозвола за наши училишта во кои нашите деца ќе учат на својот мајчин јазик…“ – пишува во изворниот документ, испратен до Високата порта до Цариград, заедно со потписите на 120 видни Македонци од Охрид.
На 30 октомври 1890 година, Македонците од Охрид барале право нивните деца да учат на мајчиниот македонски јазик. На 29 октомври 2026 година, 136 години подоцна, во телевизиска дебата за иднината на Бугарија, македонското прашање повторно беше претставено како прашање на исполнување бугарски услови, многу поточно уцени, наредби и ултиматуми, „спакувани“ во „француско-европски целофан“. Меѓу овие два датума се наоѓаат повеќе од еден век македонска борба за образование, за политичка и државна самостојност и слобода, за македонско национално и идентитетско самоопределување, за исто такво меѓународно признавање. Македонците од Охрид не бараа дозвола од турскиот султан да бидат некој друг народ и да употребуваат некој друг јазик. Тие имаа упатено молба и барање до османлиската власт токму како Македонци, а не како Бугари, да можат да отворат македонски училишта, во кои нивните деца ќе учат на мајчиниот македонски јазик. А не на бугарски јазик! Македонците не бараа од турскиот султан дозвола да можат да бидат Македонци, ниту тоа ќе го бараат од Бугарија.

Тоа не било барање за туѓо образование, туку барање за право на сопствен јазик и образование. Македонците од Охрид барале настава на јазикот, што се зборувал во нивните домови и во нивната средина. Молбата се вклопува во пошироката борба на македонското население за сопствени образовни и црковни институции, независни од соседните национални и црковни пропаганди. Ова е историски исклучително значајно. Во времето кога државните и црковни структури на Србија, Бугарија и Грција се натпреварувале за влијание врз Македонија и за душите на Македонците, постоеле луѓе кои барале нивните деца да се образуваат на јазикот на сопствената средина. Постоеле Македонци, кои барале македонски јазик. Охридската молба не е производ на современата македонска држава, ниту на политиката по 1944 година. Таа му претходи на современиот процес на државна кодификација на македонскиот јазик за повеќе од половина век. Токму затоа овој историски документ, ова барање од 1890 година, заслужува посебно внимание денес. Тој историски документ е уште една жестока негација на погледите и барањата, кои ги изнесоа и Ѓуров и Јотова на 29 октомври.

Автентичната македонска национална и јазична историја не може да се претвора во предизборна програма и пропаганда на бугарските политичари
Најголемата противречност во современата бугарска политика кон Македонија е обидот историските процеси на македонскиот народ да се толкуваат низ однапред зададена бугарска национална матрица. Но, правото на национално самоопределување не може да биде предмет на билатерално преговарање. Политичките претставници на Бугарија, оние што се стремат да ја вршат највисоката државна функција, ја негираат македонската национална и јазична реалност.

Јотова и Ѓуров можат да се разликуваат во своите политички концепции за иднината на Бугарија. Но кога станува збор за Македонија, нивните настапи покажуваат континуитет на една политика, во која бугарските барања се поставуваат како мерило за напредокот на соседната држава.

Но, македонската национална и јазична историја не може да зависи, ниту да биде толкувана и ревидирана со „Францускиот предлог“. Таа историја ги урива сите денешни политички декларации од Софија. Таа македонска национална и јазична историја има свои сведоштва, документи, книги, јазични траги и историски процеси. Еден од тие документи е охридската молба од 30 октомври 1890 година. И токму затоа, наспроти денешните политички условувања, нејзината порака останува актуелна: правото на еден народ да го негува својот мајчин јазик не е подарок од друга држава, ниту предмет на туѓо политичко одобрување. Тоа е право што се барало, се бранело и се остварувало низ историјата. Тоа право ќе се брани и натаму во времето, кое доаѓа.
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна историско-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту со редакцијата на „Експрес“)