Македонија

Иловица е една од најголемите потенцијални рударски инвестиции

Интересот од странски инвеститори постои и е континуиран, што се потврдува преку бројните геолошки истражувања и концесии доделени во изминатите години, но јавноста често е поделена поради еколошките ризици и потребата од строги стандарди за заштита на животната средина. Начевски заклучува дека Македонија може да стане регионален снабдувач на одредени суровини и да ја засили својата улога во европските синџири на снабдување.

Претседателот на Здружението на металурзи и универзитетски професор Горан Начевски, во интервју за „А1он“, прашан за инвестицијата во рудник за бакар во Иловица, истакна дека таа претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении. Според него, значењето се огледува во можноста за отворање нови работни места, зголемување на извозот, приходи во државниот буџет, локален економски развој и интеграција на земјата во европските синџири за снабдување со критични суровини.

  • Од друга страна, разбирливо е што дел од јавноста изразува загриженост за можните влијанија врз животната средина, земјоделството и водните ресурси. Тие стравувања не треба да се игнорираат, но треба да се разгледуваат врз основа на стручни студии, техничка документација и независни експертски анализи. Доколку инвеститорот вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина – вели Начевски.

Според професорот, со нереализираните инвестиции во рударството Македонија губи повеќе отколку што добива, а секое подолготрајно статус-кво носи одредена цена.

  • Во услови кога глобалната побарувачка за критични минерали расте, државите кои не ги развиваат своите ресурси ризикуваат да пропуштат инвестиции, нови работни места, технолошки развој и дополнителни буџетски приходи. Истовремено, развојот не смее да биде по секоја цена. Потребен е баланс помеѓу економските придобивки и заштитата на животната средина. Токму затоа улогата на експертската јавност е исклучително важна. Засега, дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација. Во иднина очекувам поголемо присуство на универзитетските професори, металурзите, инженерите по рударство, геолозите, еколозите и другите стручни лица во јавната дебата. Прашањата поврзани со минералните ресурси се премногу значајни за да бидат сведени само на политички или емоционални расправи. Најдобрите решенија се носат кога одлуките се темелат на наука, факти и професионална експертиза. Само со стручна и транспарентна дебата може да се донесат одлуки што ќе бидат и економски рационални и еколошки одговорни – додава Начевски.

Во интервјуто, тој потсети дека Македонија има долга рударска традиција и располага со значајни резерви на бакар, олово, цинк, никел, железо, како и на благородните метали злато и сребро. Начевски потенцира дека особено внимание во последната деценија привлекуваат бакарните лежишта, бидејќи бакарот е еден од клучните метали за енергетската транзиција и електрификацијата. Покрај бакарот, никелот, оловото и цинкот, Македонија располага и со значајни ресурси на злато и сребро. Овие метали традиционално се ценети поради нивната економска и индустриска вредност – златото како стратешка резервa и финансиски ресурс, а среброто како клучен материјал во електрониката, соларната енергија и медицината.

Интересот од странски инвеститори постои и е континуиран, што се потврдува преку бројните геолошки истражувања и концесии доделени во изминатите години, но јавноста често е поделена поради еколошките ризици и потребата од строги стандарди за заштита на животната средина. Начевски заклучува дека Македонија може да стане регионален снабдувач на одредени суровини и да ја засили својата улога во европските синџири на снабдување.

Најнови вести од: Македонија

„Македонија 2025“ отвора повик за стипендии за средношколци

Повикот е наменет за средношколци кои покажуваат одличен успех, учествуваат на натпревари, имаат љубопитност, идеи, амбиција и желба да се развиваат. Ова е можност за младите кои сакаат да го направат следниот чекор во своето образование, личен развој и идни професионални цели.

(Видео): Пожар зафати викендички кај Штип, повреден е еден од газдите

Голем пожар одново се прошири кај Штип, а на социјалните мрежи се објавени очајнички повици за помош. Пожарникарите спасуваат луѓе кои се нашле во лозја, а зафатени се повеќе објекти, меѓу кои и неколку куќи, а досега е повреден најмалку еден човек.

Државата остана без 9,5 милиони евра од ИПА фодновите

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против странски државјанин и правно лице поради сомнежи за злоупотреби при реализација на проект за канализациска мрежа во Кичево. Поради раскинувањето на договорот, државата останала без 9,47 милиони евра од ИПА-фондовите.

Дури 235 луѓе истовремено земале и социјална помош и пензија

Неосновано исплатени 236 илјади евра за социјална помош, утврдил Државниот завод за ревизија во најновиот извештај. Станува збор за периодот од 2022 година до јуни 2025 година. Поради слабости во системските контроли, само за 2024 ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено земале и социјална помош и пензија. Ревизорите предупредуваат дека ваквите состојби се ризик од нерационално трошење на јавните пари, оти ја намалуваат ефикасноста на системот за социјална заштита. Ревизорите посочуваат и на недоволна контрола од центрите за социјална работа, нецелосна документација, доцнење во постапките, како и неефикасно следење на враќањето на неосновано исплатените средства.

To top