Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, во интервјуто „1+1“ на ТВМ2, зборувајќи за проектот „Безбеден град“, рече дека од самиот почеток се инсистирало СМС известувањата од полицијата да пристигнуваат и на албански јазик.
Според него, ова било дискутирано и на последниот состанок на лидерите свикан од премиерот Христијан Мицкоски, кој го отворил еден од лидерите на ВРЕДИ, Билал Касами.
„На последната лидерска средба беше дискутирано и СМС-пораките за казните да доаѓаат и на албански јазик, каде што еден од лидерите на ВРЕДИ го покрена ова прашање како многу важно“, рече Исени.
Според него, претходните точки во врска со застапеноста на албанскиот јазик, како на пример на униформите, возилата и насекаде на друго место, се исто така договорени, за да можат да се регулираат врз основа на уставот.
„Цврсто стоиме на ова и јас го кренав гласот од самиот почеток дека секој материјал, дури и оној што излегува од мојот кабинет, треба да биде двојазичен и се обидуваме да ги решиме проблемите од претходната влада“, нагласи Исени.
Во врска со унапредувањето на Албанците на раководни позиции во Министерството за внатрешни работи, Исени рече дека во овој поглед се справуваме одлично.
„За година и пол, околу 300 Албанци се унапредени, па во однос на напредувањата на позициите, има поранешни заменик-министри кои не успеале да стигнат до десетици во период од четири години. Тоа е за пофалба, но не сме направиле многу реклама или ПР и ги оставивме делата да зборуваат сами за себе“, подвлече вториот човек на Министерството за внатрешни работи, Астрит Исени.