Македонија

Јачева- Улчар: Зад посебноста на македонскиот јазик стојат чувствата на македонскиот народ, но и аргументите на европската наука уште пред 120 години!

„Историјата на македонскиот јазик не ја испишувале само Македонците. Во неа своја трага оставиле и некои од најголемите европски лингвисти на своето време. Кога денес зборуваме за македонскиот јазик не смееме да заборавиме дека зад неговата посебност не стојат само чувствата на еден народ. Стојат и научни аргументи изградени многу пред создавањето на современите држави на Балканот. Историјата на македонскиот јазик не треба да се брани со пароли, туку со документи и факти, кои сведочат дека уште пред повеќе од еден век најугледните европски лингвисти го препознале она што денес некои сѐ уште се обидуваат да го негираат.“ – нагласува д-р Елка Јачева – Улчар, професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во својата објава на фејсбук со наслов „За посебноста на македонскиот јазик“.

Натаму на својот профил на општествената мрежа професорката Јачева – Улчар истакнува: Важен дел од научната биографија на македонскиот јазик е и приказната за тројцата научници, кои ги поставија со силата на науката темелите на македонската јазична самобитност уште пред повеќе од 120 години, во време кога Македонија е сѐ уште под Османлиската Империја

Јан Бодуен де Куртене

Јан Бодуен де Куртене – еден од најголемите светски лингвисти на своето време и основач на прочуената Казанска лингвистичка школа. За нас Македонците е особено важно што уште кон крајот на 19 век тој јасно укажува дека македонските говори претставуваат посебна јазична целина со свои фонетски, морфолошки и граматички особености. Прашањето дали еден говор ќе се нарече „јазик“ за Куртене не било прашање на туѓо признавање, туку суверено право на народот што го зборува.

Леонард Мазинг со докторската дисертација за македонскиот јазик од 27.11.1890

Леонард Мазинг, ученик на Јан Бодуен де Куртене, во 1890 година ја одбрани првата докторска дисертација во Европа, посветена исклучиво на македонскиот јазик. Во време кога многумина се обидувале да ги подведат македонските говори под туѓи јазици Мазинг со студена научна анализа покажал дека особености како гласовите Ќ и Ѓ, третосложната нагласка и низа други јазични црти не се случајни појави, туку системски особености на македонскиот јазик.

Крсте Мисирков, авторот на капиталната студија „За македонцките работи“ од 1903 година

Неколку години подоцна во истиот научен круг во Санкт Петербург ќе се образува и Крсте Петков Мисирков. Не е случајно што токму таму, под влијание на најсовремената европска лингвистичка мисла, созрева неговата идеја за кодификација на македонскиот литературен јазик. Кога во 1903 година ја објавува „За македонцките работи“ Мисирков не зборува само од позиција на национален деец. Тој зборува и како човек, воспитан во една од најсилните лингвистички школи во Европа.

Затоа, кога денес зборуваме за македонскиот јазик, не смееме да заборавиме дека зад неговата посебност не стојат само чувствата на еден народ. Стојат и научни аргументи, изградени многу пред создавањето на современите држави на Балканот. И токму затоа историјата на македонскиот јазик не треба да се брани со пароли, туку со документи и факти, кои сведочат дека уште пред повеќе од еден век најугледните европски лингвисти го препознале она што денес некои, сѐ уште, се обидуваат да го негираат.

Наше е да ги знаеме тие факти. Да ги пренесуваме. Достоинствено да го чуваме она, што ни е оставено како наше најголемо духовно наследство,  македонскиот јазик! – порачува проф.д-р Елка Јачева-Улчар.

Најнови вести од: Македонија

Пожар се заканува на бензинска пумпа

Иако засега нема проценка за неконтролирано ширење на пожарот, близината на цистерните и бензинската пумпа ја прави ситуацијата особено чувствителна и бара внимателно следење и брза реакција на терен, предупреди синоќа директорот на ДЗС Стојанче Ангелов

35 години „Матица Македонска“

Поетот, книжевен критичар и антологичар Раде Силјан ја основа „Матица македонска“ во време на голем национален и општествен пресврт, со јасна определба книгата на македонски јазик да стигне до македонскиот читател и до секој македонски дом

To top