Македонија

Кандидат за член реагира на текст за антинационалните процеси и протежирање академици во МАНУ

Реакцијата ја објавуваме во целост

Професорот Миодраг Лабовиќ кој бил кандидат за член на МАНУ реагира на текст за ,,антинационалните процеси и лобирања за протежирање академици во МАНУ”.

Лабовиќ бил кандидат за кој се расправало на состанок на одделението за општествени науки но не добил доволно гласови за да оди на пленарно гласање.

Тој се согласува со најголем дел од информациите на expres.mk но забележува меѓу другото затоа што не бил споменат како кандидат за кој се гласало.

Ниту еден академик или извор поврзан со скандалот во кој одделението за општествени науки ,,ја помина” професорката Гордана Лажетиќ Бужаровска која е блиска соработничка на академикот Владо Камбовски, не го спомена Лабовиќ како кандидат кој не поминал на одделенското гласање.

Во комуникација со поранешни новинари на expres.mk Лабовиќ најавил релација која ја испратил денеска и сега ја објавуваме.

Ниту еден официјален документ на МАНУ не открива колку гласа добил Лабовиќ за кој нема спор дека е врвен научник со високи награди од ОН. За разлика од него, за професорот Драги Митревски кој одбива да зборува за случајот, неофицијално реагираа и брифираа повеќе видни членови на МАНУ кои се шокирани од неговата елиминација од одделението за општествени науки.

Согласно барањето на професорот Лабовиќ expres.mk во целост ја пренесува неговата реакција за посочениот текст:

Барам исправка согласно уставно загарантираното право во однос на вашиот натпис “Тивок бунт во МАНУ, тешки моменти за академик Камбовски и неговото протеже“ објавен на 06.09. 2025 во 15 и 35 часот. Образложението за реакцијата во однос на текстот е дадено подолу во прилог.

Почитувани членови на редакцијата Expres.mk
Ја почитувам вашата работа и напори да ги обелодените антинационалните процеси и лобирања за протежирање академици во МАНУ. Меѓутоа, морам да реагирам за исправка во вашиот текст објавен под наслов “Тивок бунт во МАНУ, тешки моменти за академик Камбовски и неговото протеже“ објавен на 06.09. 2025 г.во 15 и 35 часот.

Имено, во повеќе статии во вашиот портал пишувате на оваа тема и сосема оправдано преку вашите објави сакате да ја разбудите свеста и совеста кај останатите академици, кои не се исти како Камбовски и Фити.

Со тоа правите напори да не помине предлог за избор на академик кој не ги одразува најдобро македонските национални и државни интереси, имајќи предвид колкава е улогата и значењето на МАНУ во домашната и странската научна и стручна јавност.

Меѓутоа, морам да ве исправам за една полувистина и/или недоволно разјаснет факт, којшто цело време се провлекува во сите ваши текстови на оваа тема, во смисла дека Одделението за општествени науки, неосновано ја пропуштило на пленарно гласање кандидатката за академик Гордана Лажетиќ Бужаровска, “а професорот Драги Митревски кој е еден од најважните меѓународно влијателни македонски научници во клучна област археологија“, бил блокиран. Ова е полувистина затоа што не сте нашле за сходно да “ископате“ информации дека мојата маленкост била директниот противкандидат на Лажетиќ Бужаровска, а не проф. Митревски, кој можел да помине независно од неа, бидејќи тие се во две различни полиња, пришто, според конкурсот на МАНУ, освен еден правник треба да биде избран и еден археолог.

Или, тоа ви промакнало затоа што можеби немало некој друг да реагира така ревносно за мене, како за проф. Митревски, или пак, можеби сметате дека тој е толку голем научник што моето име и презиме е глупаво да се спомнува покрај неговото.
Дури и оваа полувистина и/или недоволно разјаснет факт ќе го оставев секој да го толкува како сака, и немаше да регирам, кога вие самите не најдовте за сходно барем да ми го споменете името (не мораше толку величествено како што го споменувате проф. Д. Митревски).

Инаку, многу интригантно, во текстот нигде не го спомнувате моето име, а во поврзани теми стои во најавените наслови моето име и презиме. Притоа, сте го испуштиле од предвид фактот дека освен археологијата, како клучна област, еднакво клучна, ако не и многу поклучна за иднината на Македонија, е најголемата безбедносна закана – системската корупција, која како “рак рана“ метастазира по македонското национално ткиво и “тивко“ ја разнебитува македонската држава и нација веќе 33 години од сите претходни влади досега. Од ефективното справување со неа односно од нејзиното ставање под општествена контрола, во крајна линија, меѓу другото, зависи токму и афирмацијата на културниот и историски идентитет на македонскиот народ, а за жал и опстанокот на македонската држава. Како добро информирани новинари не се сетивте дека во Македонија постои научник, кој ја добил досега највисоката меѓународна научна награда од ООН, лично врачена од тогашниот Ген. Сек. Бан Ки Мун, пред 9 години во Виена, за врвни научни достигнувања во светски рамки, токму за антикорупција и владеење на правото.

Овие научни достигнувања, кои во најголем дел се однесуваат конкретно на Македонија, ако барем 70-80 % се применат, Македонија реално може да биде “Швајцарија на Балканот“.

И што е најважно, овие аргументи не се “пусти“ лични мислења и желби на авторот, туку дебели аргументации научно верификувани со докажани емпириски и правни факти во рамките на фундаментално научно истражување (кое трае 24 години), со проекција на стратешка визија со конкретни предлог-решенија дадени во најмалку 7-8 алтернативни варијанти за решавање на нашите најголеми општествени проблеми во клучните системи и нивните потсистеми.

Научната студија од 604 страни, од кои 324 страни се предлог – конкретни, реално одржливи и практично спроведливи решенија, е научно верифицирана од највисоки меѓународни и домашни научни инстанци, со тројни рецензии, од кои една од нив е од проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, актуелна претседателка на државата.

Впрочем, таква научна стратегија требаше да даде МАНУ, а не ја даде досега под водство на Камбовски со неговите пулени, меѓу кои е протежираната Лажетиќ, освен што дадоа некаква стратегија во која освен парафразираните “бенчмаркови“ и препораки дадени во документите од ЕУ и другите меѓународни тела и комисии (ГРЕКО, Венецијанска комисија итн), нема речиси ништо квалитативно ново.

Иако, не се сетивте на ништо од ова и на многу други работи од највисок национален и државен интерес за Македонија, а се сетивте само на археологијата (која , патем речено, не ја потценувам и не сакам да кажам дека не е важна за Македонија, во овој историски период), сепак, не ви замерувам.

Едноставно, тоа го сфатив како ваша лична перцепција, таква каква што ја имате, за состојбите, појавите, процесите и односите во Македонија, така што немаше потреба да реагирам, ако во наведениот текст не напишавте, навредливо за мене: “Професорот правник досега јавно не излегол да ги каже своите забелешки најверојатно затоа што се плаши од влијанието и моќта на Камбовски.“ Навредливо е, меѓудругото, што ниту проф. Митревски не излезе јавно да зборува сам за себе, но затоа вие наместо него тоа го направивте многу обилно и величествено, а мене ме претставувате како “уплашен“ од Камбовски, затоа што не се јавив да зборувам јавно самиот за себе.

Ако малку прочепкавте во некои од моите многубројни јавни настапи (незнам проф. Митревски дали имал толку многу јавни настапи), каде недвосмислено и бескомромисно ги застапувам моите научни ставови и концепти, ќе видовте дека не се плашам од политички, а уште помалку од научни авторитети.

Притоа, јавно ги имам повикувано на мегдан најеминентните наши правни експерти, меѓу кои, со име и презиме сум го посочувал токму Камбовски, да излезе лично тој или неговите пулени во една рационална дебата со конфронтација на аргументи засновани на логички принципи и неспорни емпириски и правни факти, да се одбере најоптималната стратешка концепција за Македонија, за решавање на најголемиот општествен проблем врз база на долгорочни системски втемелени решенија. Но, секогаш сум наидувал на игнорирање, без оглед што не се работело за лични прашања, туку за прашања од врвен јавен интерес.

Моето неизлегување во јавноста за респективното прашање беше единствено за тоа што не сакав лично да зборувам сам за себе и несакав да се претставувам како жртва, а не затоа што се плашам од Камбовски или од било кој друг. Недвосмислено сметам дека жртва во овој случај не сум јас лично, туку многу повеќе македонското општество. Тоа што освен за археологијата, не се препознава загрозувањето на македонските витални национални и државни интереси и`заради не избирањето на најсоодветниот кандидат за академик од полето на правните науки, сето тоа е повеќе одраз на длабоката социо-патологија на македонското општество, а не само личен проблем на Миодраг Лабовиќ, кој секогаш имал “три пара мудра научна храброст“ да излезе во јавноста и да ја зборува научната вистина за решенијата, а не за сензационалистичките пикантерии, за безбројните неправди, афери, клеветења и навреди кон други.

Длабоко свесен дека тоа ја дига бројката на гледаност и читаност на разните медиуми, сепак сум останал доследен кон зачувување на научната етика и човечкото достоинство, никогаш не “плукајќи“ и неосновано не критикувајќи, туку максимално обидувајќи се да предложам оптимални и реално одржливи решенија.

За научник со исклучително високи научни достигнувања, во секоја функционална и среќна држава треба да се побараат и видат рецензиите, не само од тие рецензенти што го предложиле и не само од тие што ги пишувале првичните рецензии за неговите научни дела и научната студија, туку и од надворешен, независен рецензент, кој според Правилникот на МАНУ мора да напише независна рецензија за научните дела на професор Лабовиќ, а таа рецензија требало некој да ја презентира пред Одделението за општествени науки, па потоа да се расправа за рецензиите (не се знае кој пишувал рецензија и за Гордана Лажетиќ), па дури потоа требало да се пристапи кон тајно гласање.

Сето ова зборува дека се работи за една целосно нетраспарентна и необјективна постапка.

Од сето погоре веќе објаснето, во основа произлегува дека ве поддржувам и не сакам да се расправам со вас. Напротив, доколку сте конструктивни би можеле и да соработуваме. Но, ова последново, незнам зошто ви било потребно. Ако сакавте да испровоцирате изјава или одговори, можевте слободно да ме прашате, во сосема друг тон и стил ќе ви ги дадев сите барани одговори. Сега тоа е што е. За да не одам по институционален пат да барам исправка од вас како медиум, што е мое уставно загарантирано право, барам исправката да ја направите на џентлменски начин, со тоа што, не мора исто како за проф. Митревски да ги застапувате толку многу македонските национални и државни интереси, кога се работи за најважниот примарен фактор за развој на општеството – а тоа е науката, туку, барем приближно слично да ги наведете погоре наведените вистинити факти, што многу накратко, за жал морав самиот да ви ги наведувам.

Во секој случај, морам да ви напоменам дека овој текст претставува авторизиран текст. Тоа значи дека инсистирам или да го објавите овој текст во целост оваков каков што е, или ако одлучите да го објавите во скратена и преработена форма, тогаш да биде во контекст на вашите, инаку, легитимни повикувања за реформи во МАНУ, па дури и повикување на одговорност на Камбовски и другите академици од Одделението за општествени науки, кои ја злоупотребиле својата позиција. Во втората варијанта, за која сметам дека е многу подобра како за вас, така и за мене, барам да ме консултирате за кратењата, да дадам авторизација на тоа што ќе биде објавено. Во втората варијанта, оние делови кои претставуваат објаснувања за мојата реакција кон вас, тогаш , нормално не би оделе. Но, инсистирам на деловите што се во “болд“ да бидат објавени. Некаде се во прво лице, некаде во трето лице, се разбира, би требало да бидат сите во трето лице, во соодветна новинарска форма напишано од ваша страна. Во однос на спорната точка -дали сум се уплашил од Камбовски, би требало да ми поставите прашање на кое морам лично да дадам одговор, бидејќи тоа сметам дека не може поинаку да се изведе, со оглед дека се работи за мое субјективно доживување и лично чувство.

Буквално преземениот текст од наведениот наслов од вас од страна на “Вечер“, “Време“, “Булевар“ и “Народен глас“ барам исто така согласно вашиот нов текст истиот да биде реобјавен и кај нив.

Скопје, 09. 09. 2025 год. Професор д-р Миодраг Лабовиќ

Лабовиќ реагира на овој ТЕКСТ

Најнови вести од: Македонија

Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ е пак нападната од политичко-разузнавачкото лоби на СДС, но овој упад во разузнавачките служби ќе се расчисти и секој ќе одговара!

„Ова е четврти пат како ВМРО-ДПМНЕ е цел на политичко разузнавање, но ова нема нема да помине како претходните случаи, кои не резултираа со правда.“ – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски вечерва, на 10 септември 2025 година во гостувањето во „Вести Плус“ на Канал 5 телевизија, осврнувајќи се на скандалот со прислушкувањето. Според него, […]

Мицкоски: Ќе ги решиме „Вардариште“ и „Дрисла“, кои треба да личат на модерна европска депонија со фабрика

„Ќе ја решиме депонијата во Вардариште и ‘Дрисла’, која треба да личи на модерна европска депонија со фабрика, што ќе произведува енергија и ќе го произведува, складира и рециклира отпадот“, кажа премиерот.

Муцунски: Македонија има јасна визија за иднината во ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Стразбур се обрати на свеченост по повод 34 години од независноста на Република Северна Македонија и 30 години од членството во Советот на Европа, соопшти МНР.

Најнови вести

To top