МРТВ ќе утврдува кој дозволил и зошто на вториот програмски сервис да се емитува детски настап со симболи поврзани со т.н. „голема Албанија“, откако „Скопје1“ објави дека во саботата во 11 часот беше прикажана песната „Trojet shqiptare“ („Албански територии/земји“), проследена со визуелни елементи што асоцираат на територијални претензии.
Директорот на МРТВ, Марјан Цветковски, во кратка изјава за „Скопје1“ посочи дека институцијата веќе постапува и дека ќе се утврди одговорноста.
„Се постапува согласно закон и внатрешните акти на МРТ. Штом заврши целата постапка ќе бидете информирани. Очекувам дека во четврток ќе имаме седница на Програмскиот совет кој е надлежен за вакви прашања“, рече Цветковски.
Од Програмскиот совет на МРТВ потврдуваат дека случајот ќе биде отворен на следната седница.
„Програмскиот совет ќе ја отвори оваа точка во четврток на седница. Согласно Деловникот и Статутот ќе постапуваме по своите надлежности“, велат од Советот за „Скопје1“.
Според информации на „Скопје1“, уредничката на вториот програмски сервис подолг период е на боледување, што отвора дополнителни прашања околу уредничката контрола и одговорноста за емитуваната содржина. Засега останува нејасно дали станува збор за прво емитување на овој детски фестивал на МРТВ2 или содржината претходно поминала без реакција.
Во текстот на песната се пеат стихови: „Летај, летај, Албанијо, летај, знамето наше се издигнува над земјата“, по што следува порака за обединување: „Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно, зашто сме еден народ, еден сон, една цел“. Песната завршува со мотиви за слобода и опстојување, со порака дека народот ќе живее слободно.
Реакциите во јавноста се засилија поради визуелниот дел, каде беше прикажана мапа која опфаќа делови од Македонија, Србија, Грција и Црна Гора. Фактот што ваква содржина е емитувана на јавен сервис отвори дилема за границата меѓу културен израз и политичка симболика, особено кога станува збор за програма во која учествуваат деца.
Случајот сега се сели во институционална процедура, но суштинското прашање останува – како ваква содржина воопшто поминала низ филтрите на јавниот сервис.