Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, повторно се најде во центарот на вниманието по најновите изјави дадени во интервју на ТВ21 на 11 август 2026 година.
Во нив тој отворено призна дека лично контактирал со поранешниот вицепремиер Артан Груби и му побарал да се врати во земјата.
Оваа изјава е во директна спротивност со неговите претходни јавни тврдења дека немал никаков контакт со Груби додека тој бил во бегство.
Во декември 2024 година, набргу откако за Груби беше распишана национална и меѓународна потерница, Ахмети во изјави за медиумите категорично тврдеше:
„Јас лично немам комуникација со Груби и немам детали за неговата моментална локација.“
Сличните изјави ги повтори и во текот на 2025 година, и покрај јавните обвинувања од премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Изет Меџити дека Ахмети е во „редовна комуникација“ со бегалецот.
Во интервјуто на ТВ21, емитувано завчера, Ахмети го промени тонот и изјави:
„Јас му кажав на Артан да се врати.“
Ахмети прецизираше дека зборел во прво жице еднина што значи дека не може да каже дека комуникацијата одела преку трети лица:
„Му реков директно – ако си ја злоупотребил мојата доверба, ќе одговараш. Тој се заколна дека ќе работи чесно.“
Ахмети потврди дека лично го побарал Груби да се врати во Македонија и да се соочи со евентуална одговорност.
Изјавата доаѓа повеќе од пет месеци откако Груби, по 14-месечно бегство, сам се предаде на граничниот премин Блаце на 23 февруари 2026 година.
Промената на ставот отвора повеќе прашања.
Додека Груби беше баран со потерница, Ахмети јавно негираше секаков контакт. Сега, кога случајот е во судска фаза и Груби е во куќен притвор, лидерот на ДУИ отворено зборува за директна комуникација и за лично барање Груби да се врати.
Правните експерти и порано укажуваа дека самото познавање на локацијата на лице со потерница и нејзино непријавување може да потпадне под одредени одредби од Кривичниот законик, доколку се докаже активна помош или свесно прикривање. Ахмети досега не беше официјално повикан на распит по тие основи.
Случајот „Лотарија“, во кој Груби е осомничен за злоупотреба на службена положба и проневера од околу осум милиони евра, продолжува.