Со свечен пречек, Илинденската коњаница пристигна во Крушево, каде традиционално се приклучува на централните чествувања по повод Денот на Републиката – Илинден.
Станува збор за повеќедневен коњички марш што секое лето се организира во чест на Илинденското востание од 1903 година, Првото заседание на АСНОМ од 1944 година и Крушевската Република. Маршот е симбол на патриотскиот дух, слободата и сеќавањето на илинденските идеали.
По неколкугодишен прекин, традицијата повторно оживеа кон крајот на деведесеттите години, а од 2000 година официјален организатор е Здружението „Илинденски марш 1978“.
Паралелно се развива и маршот „Патот на црешовото топче“, кој го организира Бигорскиот манастир. Тој го следи патот по кој во 1903 година било носено легендарното црешово топче – симбол на Илинденското востание. Пред тргнувањето, коњаниците присуствуваат на света литургија, добиваат благослов и положуваат традиционална заклетва на верност кон Македонија.
Маршот започнува од црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Горно Лисиче и неколку дена минува низ повеќе населени места. По патот, коњаниците ги пречекуваат граѓани со песни, ора и пригодни културни програми, а во повеќе градови се положува цвеќе пред спомениците на илинденците.

Годинава во Крушево пристигнаа повеќе од 140 коњаници од различни краеви на Македонија, кои со македонски знамиња и традиционална носија ја продолжуваат речиси петдецениската традиција.

Илинденската коњаница останува еден од најпрепознатливите симболи на чествувањето на Илинден, потсетувајќи на храброста на комитите, Крушевската Република и идеалите за слобода што и денес се пренесуваат на новите генерации.