
Пишува: Свето Тоевски
„Треба да поминат уставните измени, за што очекуваме политичките сили да се здружат во земјата и да ги преземат потребните решителни чекори за напредок.“ – кажа Урсула фон дер Лаен, шефицата на Европската комисија, за време на своето претходно доаѓање во Македонија на 24 октомври 2024 година. Што друго ќе каже таа денес на своето ново доаѓање во Скопје и во разговорите со македонскиот државен врв?! „ЕУ очекува уставни измени во С.Македонија, која се обврза да го промени својот устав.“ – веќе порача еврокомесарката за проширување Марта Кос на 24 септември 2025 година во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Урсула фон дер Лаен доаѓа во Македонија само на четири дена пред одржувањето на локалните избори. Во игра се пак уставните измени, таа го „визитира“ Скопје со запален „европски политичко-дипломатски булдожер“ во уште еден обид да го „раздроби“ „ѕидот“ на македонскиот отпор против бугаризацијата на македонскиот народ и држава. Основна политичка пристојност и имање чувство на политички морал би било причина за секој одговорен европски политичар и воопшто кај секој одговорен претставник на меѓународната заедница да се воздржи од „работна посета“ во Македонија баш во време на избори, за да не биде сфатен дека се меша во внатрешните работи на една суверена држава. Но, ова за Лаен не е проблем: таа доаѓа, за да искаже премолчано поддршка за оние македонските „проевропски партии“, кои, иако ќе учествуваат на локални, а не на парламентарни избори, ја нагласуваат својата „историска мисија да го продолжат патот на земјата кон ЕУ“. Своето ланско „очекување политичките сили да се здружат во земјата и да ги преземат потребните решителни чекори за напредок“ Лаен ќе се обиде да го реактивира сега…
Без никаква намера да се вклучувам во предизборната кампања, заземајќи позиција во нечија полза, ќе кажам исклучиво од позиции на македонските државно-национални интереси на македонскиот народ и другите граѓани на македонската држава: гледајќи со „четири очи“ накај Брисел, СДСМ и ДУИ прејдоа во „европски јуриш“ со отворена намера да ја уриваат постојнава Влада на Република Македонија. Но, не им се ним цел само владава, ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, туку сме им директно ние, како македонски народ и оваа единствена држава, која ни е татковина и наша и на сите заедничка, барем би требало така и други да ја чувствуваат… СДСМ и ДУИ тргнаа во „европски јуриш“ за уривање на Република Македонија и пречка ним на тој пат им се постојнава владејачка коалиција, предводена од ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски! Локалните избори ги имаат ставено во втор план!
Кои се моите аргументи и докази за овие сериозни квалификации? На 24 септември 2025 година Али Ахмети од нивниот митинг од Тетово му ја упати следнава порака на Христијан Мицкоски: „Ако не го продолжи С.Македонија својот пат кон ЕУ, тогаш граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор освен некои да одат со Албанија, а другите со Бугарија!“ – имаше објавено информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“ во својата вест со наслов „Али Ахмети: Ако Македонија не влезе во ЕУ, тогаш некои ќе бидеме со Бугарија, некои со Албанија“. Дали ова не е закана кон територијалниот интегритет на Македонија за нејзина поделба на Македонија на „албански и бугарски дел“, „ако не се продолжел патот кон ЕУ“?! „Пораката до Мицкоски“ е поправо најдиректна порака до македонскиот народ и другите граѓани на оваа држава. На 11 октомври Ахмети ќе уточни со каква цел настапуваат тој, ДУИ и нивната опозициска коалиција: „Националната алијанса за интеграција не е само за општински избори, туку има голема национална мисија: целосна интеграција на С.Македонија во Европската Унија.“ Како што објави информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“, лидерот на ДУИ ова го имаше кажано на нивниот митинг во Куманово.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче претходно веќе беше во Париз на 9 септември 2025 година на „инструктажа“ со членовите на тимот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој веќе шест години неуморно бара „правда за бугарските барања“, како што самиот има кажано. Од француската престолнина Филипче ја донесе нивната „најпатриотска резолуција“ за „македонските црвени линии“ во поглед на „евроинтегрирањето“. Клучно во тој документ е одредбата, односно наредбата до 10 февруари 2026 година да се стави „бугарскиот државотворен народ“ во македонскиот устав. Всушност, ова е „Француско-бугарска резолуција“ за претворање на Македонија во „втора бугарска држава во Балканот“, ова е алатка осмислена за конечно уривање на Македонија како држава. Ако им се даде можноста!
Нема за што друго да зборува и Урсула фон дер Лаен во Скопје денес со државниот врв во Скопје, освен за вметнувањето на „бугарскиот државотворен народ“ во преамбулата на македонскиот устав, без оглед на сите можни катаклизмични последици по територијалниот интегритет и политичкиот систем на Македонија, а посебно и за идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ. Не треба да се има никаков сомнеж околу тоа дека шефицата на Европската комисија ќе настапи исклучиво со намера да го „дисциплинира“ македонското државно-политичко раководство конечно и без одлагање да ги спроведе уставните промени во оваа смисла.
Барањето на Бугарија, со силната поддршка на ЕУ, да се внесат попишаните со последниот попис 3.504 илјади Бугари како „конститутивен народ“, односно како „државотворен народ“ во Уставот на Македонија споредбено го поврзувам со случајот на Шпанија. Во својата научна студија со наслов „Демократско граѓанство и шпански мултинационален (не)поредок-растројство: процедурална демократија наспроти клаузула за отцепување“ од 2013 година, Хозе А. Санз Морено, професор по уставно право на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид, предупредува дека категоријата „конститутивен народ“ во Уставот на една држава води кон нејзино територијално расцепување и распад. Конкретно, тој нагласува дека, ако едно национално малцинство (што Бугарите не се во Македонија) добие уставен статус како конститутивен народ во одредена држава, тогаш ќе има и право на територијална автономија и самоопределување до отцепување од неа, како и право на создавање своја нова држава. „Затоа во Шпанија националните малцинства не можат да претставуваат конститутивни народи“ – заклучува професорот Морено во својата студија.
Во овој контекст приведувам уште еден експертски став поврзан со праксата на уште една европска држава – Словачка. Во својата научна студија со наслов „Дефинирање на суверената заедница: Чешката и Словачката Република – национален идентитет, индивидуални права и учеството на малцинствата“ од 2009 година, д-р Надја Неделски, експертка за етнички малцинства и професорка по меѓународни односи во Универзитетот на Минесота, во Сент Пол, во САД, го анализира барањето на Унгарците што живеат во Словачка и кои бараат да добијат статус во словачкиот устав како „државотворен народ“ под образложение дека како тамошно „автохтоно население треба да го заштитат својот етнокултурен идентитет“.
Професорката Неделски нагласува од кои причини словачката држава го отфрла тоа барање на Унгарците, односно кои би биле последиците од „уставно признаениот етнички модел на суверенитет на Унгарците во рамките на словачката држава“, како што појаснува таа. „Право на државотворен статус и на етнички суверенитет не можат да добијат малцинските националности, или етничките групи во уставот на Словачка, бидејќи тие би добиле и право на самоопределување и би ја припоиле ‘својата територија’“ кон нивната матична држава. Територијата на државата Словачка е една целина и таа не може да се дели. Малцинските националности и етничките групи мора да се разликуваат од нацијата што ја формира државата. Оттука, не е можно да се зборува за малцинските националности и за етничките групи како ‘државотворни компоненти на Словачката Република’.“ – заклучува д-р Надја Неделски.
Оваа експертка, значи, истакнува дека „ако би станале Унгарците државотворен елемент во рамките на Словачка“, тогаш „својот дел од нејзината територија би имале право да го припојат кон Унгарија“. Дали не е намерата и на Бугарите да си го припојат кон Бугарија и тие „својот дел од територијата на македонската држава“, откако и ако би станале „еден од нејзините државотворни народи“?! Дали не се вклопува во овој контекст и заканата на Али Ахмети дека „некој ќе си оди во Албанија, а некој во Бугарија, ако не го продолжи С.Македонија својот пат кон ЕУ“?!
(Овој текст е надоврзување и втор дел на анализата со наслов „Лицемерието на стратегискиот партнер на Бугарија – Германија кон Македонија и принципиелната и пријателска поддршка од Словачка (1)“
(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).