Цените на лебот и пецивата засега остануваат стабилни и нема да има поскапување најмалку до крајот на април, беше заклучено на состанокот во Министерство за економија со претставници на мелничко-пекарската индустрија. Според учесниците, цените не се зголемени во 99 отсто од државата, а компаниите од секторот се договориле да ги задржат на сегашното ниво и во наредниот период. Состојбата ќе се следи континуирано, а доколку има промени на пазарот ќе се прават дополнителни анализи.
На состанокот присуствувале претставници на Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, како и заменик-министерот за економија Марјан Ристески и директорот на Државен пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.
Од Министерството и индустријата нагласуваат дека заеднички ќе ја следат ситуацијата, особено во однос на движењето на цените на нафтата и енергенсите. Доколку дојде до влошување, ќе се бараат мерки за да се спречи раст на цените во овој сектор.
Претставниците на мелничко-пекарската индустрија апелираат и до медиумите и политичките чинители да не се создава паника кај граѓаните со шпекулации за поскапување, бидејќи тоа може да предизвика дополнителна несигурност на пазарот.

- Моменталната состојба со цените на лебот и печивата е под контрола и тие не се покачени во најголем дел од државата.
- Како општествено одговорна индустрија, претставниците и членовите на мелничко-пекарскиот сектор одлучија цените на лебот и печивата да не се покачуваат, односно да останат на истото ниво до крајот на април, а во меѓувреме ќе се следи и ќе се анализира состојбата.
- Министерството за економија, како и Владата на РСМ, се заложија заеднички со компаниите да ги следат состојбите и, во случај на влошување на ситуацијата со цените на нафтата и нафтените енергенси, заедно со домашните мелничари и производители на леб да изнајдат решенија со кои ќе се релативизира опасноста од зголемување на цените во оваа индустрија.
- Наедно, мелничко-пекарската индустрија апелира до сите медиуми и политички чинители во државата да не ја користат актуелната состојба во овој сектор во делот на цените на лебот и печивата со создавање паника и несигурност меѓу граѓаните, со што се предизвикуваат штети и за населението и за компаниите.