Македонија

Мицкоски со апел до сите македонски граѓани: Формирањето на многудетно семејство е највисок патриотски чин

На настан во македонската Влада посветен на демографските трендови, премиерот Христијан Мицкоски зборуваше за петгодишната програма за инвестирање во човечкиот капитал

facebook.com/VladaMK

На настан во македонската Влада посветен на демографските трендови, премиерот Христијан Мицкоски зборуваше за петгодишната програма за инвестирање во човечкиот капитал, во соработка со Фондот за население на Обединетите нации. Тој истакна дека оваа програма не е само документ, туку акционен план, визија и стратегија за иднината на државата и нејзините граѓани. „Човечкиот капитал е најважниот ресурс кој ги движи сите останати“, рече Мицкоски. „Нема градинки без деца, нема училишта без ученици, нема универзитети без студенти, нема спорт без спортисти, нема земјоделие без земјоделци, нема општини без граѓани. Нема економија без работна сила, нема потрошувачка без потрошувачи, нема ништо без луѓето, нема ништо без народот и демографија.“

Мицкоски нагласи дека демографската рецесија е долгогодишен проблем. Во 1950 година имало над 50.000 новородени деца, додека во 2024 година таа бројка е намалена на околу 16.000. „Кога овие деца ќе одат во прво одделение, тоа значи дека ќе имаме околу 150 училници празни, 250-300 наставници ќе останат без работа. Тоа е резултатот од оваа рецесија“, рече тој. Според него, две главни причини го предизвикуваат овој пад: природниот процес на емиграција и намалениот наталитет и фертилитет. Владата веќе работи на решавање на овие проблеми преку создавање на највисок економски раст на Балканот, што носи нови работни места, повисоки плати и можности за младите, како и преку инвестиции во семејствата, вклучително шест бесплатни обиди за инвитро оплодување со забрзана процедура на товар на Фондот и бесплатни учебници за учениците, бидејќи образованието е темел на демографскиот раст.

Премиерот зборуваше и за важноста на промовирањето на многудетните семејства, споменувајќи ги книгите поделени на учесниците на настанот, кои учат децата да гледаат на семејството не само како „јас, тато и мама“, туку како „јас, тато, мама, бато и дада“. Тој посочи дека според последниот попис, Македонија има нешто над 1,8 милиони жители, околу 700.000 вработени и 350.000 пензионери, но реалното население не надминува 1,5 милиони. „За 20 до 25 години, ако продолжи овој тренд, плашам се дека ќе бидеме држава со под еден милион жители. Тогаш ќе имаме еден вработен на еден пензионер. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, колапс за здравствениот фонд“, предупреди Мицкоски.

Тој нагласи дека многудетните семејства мора да бидат врвен приоритет за оваа и сите идни влади. „Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетните семејства. За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема деца, за бадијала градиме автопати и пруги ако нема кој да вози и кој да се вози по нив. Формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин за сопствената татковина, без разлика на етничката или верската припадност. Ако сакаме да имаме иднина, богата држава, семејството е одговорот на овој предизвик“, заклучи Мицкоски.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски на средба со раководството на Дојче Телеком: Дигиталната преобразба и технолошкиот развој – стратегиски приоритети на Владата на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска заедно со владина делегација во состав на министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски како и директорот на ТИРЗ Гоце Димовски, остварија работна средба со Тимотеус Хетгес, Главен извршен директор на […]

Блокирани 104 веб-страници за незаконско коцкање преку интернет

Министерството за дигитална трансформација информира дека министерот Стефан Андоновски издал налог до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за блокирање дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа.

Несовесни поединци го претвораат Охридското езеро во депонија на автомобилски гуми, пластични шишиња, текстил, кои се вадени во акција на нуркачи!

Нуркачите од Нуркачкиот центар „Амфора“ го пребаруваа езерското дно на потегот од кампот Градиште до Велидаб и извлекуваа фрлени пластични шишиња, автомобилски гуми, текстил и различен цврст отпад отпад. Проектот е финансиран од Секторот за туризам и локален економски развој на Општина Охрид.

 „Здравје и заштита на здравјето“ наместо сексуално образование

Ревидирана програма за сеопфатно сексуално образование, која сега го носи името „Здравје и заштита на здравјето“ објави Бирото за развој на образованието, на својата официјална интернет-страница

Најнови вести

To top