Од училиштето упатија сочувство до семејството и сите блиски на Михаел. „Во овие тешки моменти, нашето училиште упатува најдлабоко сочувство до семејството, роднините, пријателите, соучениците и сите кои ги познаваа. Михаел ќе остане засекогаш во нашите сеќавања како дел од нашето училишно семејство. Нека почиваат во мир“, се наведува во објавата.
Михаел е 18-годишниот син на 51-годишниот жител на Марино, кои загинаа во сообраќајната несреќа што се случи околу 2 часот по полноќ на општинскиот пат Илинден – Миладиновци, кај полициската база Брест во склоп на Меѓународниот аеродром Скопје. Според Основното јавно обвинителство Скопје, директно се судриле „опел корса“ со кумановски регистарски ознаки, управувана од 19-годишен кумановец, и „хјундаи и30“, управуван од 51-годишниот жител на Марино.
Таткото и неговиот 18-годишен син починале на самото место, додека тешко била повредена и 18-годишната ќерка на загинатиот возач. Тешки телесни повреди добиле и 19-годишниот возач на „опелот“ и неговиот сопатник на иста возраст. Двајцата биле пренесени во болница во животозагрозувачка состојба.
Јавен обвинител издал наредби за обдукција на телата на двајцата починати, а надлежните продолжуваат со прибирање докази за да се утврдат причините и околностите за директниот судир.