Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, во обраќањето пред млади лидери и претставници на Европските демократски студенти истакна дека иднината на глобалниот развој ќе биде дефинирана од вештачката интелигенција и од енергетскиот сектор.
Говорејќи во Скопје, Мицкоски рече дека наместо класичен политички говор, одлучил да се фокусира токму на темата за вештачката интелигенција, поради нејзиното огромно значење за иднината на човештвото.
Осврнувајќи се на своето поранешно искуство како професор по мехатроника, премиерот потсети дека пред две децении терминот „вештачка интелигенција“ речиси и не се користел, туку се зборувало за машинско учење и алгоритми како фазна логика, генетски алгоритми и невронски мрежи.
„Денес сите зборуваат за вештачка интелигенција, но не сум сигурен дека сите го разбираат нејзиното вистинско значење“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека развојот на вештачката интелигенција е тесно поврзан со достапноста на електрична енергија и со изградбата на дата-центри.
„Не можете да користите вештачка интелигенција без центри за податоци, а тие зависат од електрична енергија“, нагласи премиерот. Според него, глобалната побарувачка за електрична енергија ќе расте значително побрзо од вкупната енергетска побарувачка, што ќе отвори огромни инвестициони можности.
Мицкоски ја претстави и регионалната иницијатива SECI (Skopje Electricity Connectivity Initiative), која има за цел да ги мобилизира шесте земји од Западен Балкан. Целта е регионот да привлече 0,01 отсто од глобалните енергетски инвестиции, што би значело изградба на околу 4 теравати нови капацитети и инвестиции во вредност до 400 милијарди долари.
„Ова може целосно да ја трансформира економијата на регионот“, рече тој, нагласувајќи дека станува збор за реална економска можност, а не за политичка реторика.
Премиерот најави и инфраструктурни проекти, меѓу кои гасни интерконектори со Грција и Србија, како и нови далноводи за поврзување со соседните земји. Овие проекти, според него, ќе ја зголемат енергетската безбедност, ќе ја подобрат регионалната поврзаност и ќе овозможат развој на дата-центри неопходни за развојот на вештачката интелигенција.
На крајот од обраќањето, Мицкоски упати порака до младите политичари дека иднината не припаѓа на популизмот и „романтичните идеи од минатото“, туку на знаењето и на разбирањето на новите технологии.
„Современиот политичар мора да има познавање од вештачката интелигенција и енергијата. Во спротивно, нема да биде успешен“, порача премиерот.