Македонија

Мицкоски: Предложивме студентскиот оброк да се зголеми на 4.500 денари месечно, да се воведе дигитална М-услуга и можност за дополнителни попусти

Зголемување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните околу 3.500 на 4.500 денари месечно, можност за дополнителни попусти при купување храна и воведување посебна дигитална услуга преку апликацијата М-услуги, ова е предлогот што Владата им го презентирала на претставниците на студентските парламенти на сите универзитети, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска за младинските политики и студентскиот стандард.

Мицкоски рече дека на вчерашната средба со студентските претставници, на која присуствувале и министерката за образование и наука Весна Јаневска и други владини претставници, отворено се разговарало за проблемите со кои се соочуваат студентите, условите во студентските домови и можностите за подобрување на стандардот.

Тој посочи дека биле разгледани буџетските издвојувања за студентски стандард во 2026 година во споредба со 2022 година, при што, според неговата оценка, средствата се двојно зголемени.

Говорејќи за субвенционираниот студентски оброк, Мицкоски рече дека Владата предложила нов модел со кој средствата би се зголемиле од сегашните околу 3.500 на 4.500 денари месечно, а студентите би можеле да ги користат преку посебна услуга во апликацијата М-услуги.

Според предлогот, во системот би биле вклучени ресторани, маркети, млечни ресторани и други оператори кај кои студентите би можеле да купуваат храна и пијалаци, како вода, јогурт и кисело млеко.

-Ајде вака да направиме, ние на оваа апликација М-услуги да додадеме М-студентски оброк во кој што вашите три и пол илјади денари сега што ги добивате месечно ќе вредат 4.500 денари – рече Мицкоски.

Тој објасни дека со системот би се овозможило средствата да се користат за нивната намена, односно за студентски оброк, а не за други производи. За таа цел, како што рече, би се користела и вештачка интелигенција вградена во апликацијата. Дополнително, Владата би преговарала со трговците за студентите да добиваат попусти при купувањето храна, дури и откако ќе ја потрошат месечната субвенција.

-Имаме чувство, но и делумни информации дека голем дел од корисниците на студентскиот оброк средствата кои што ги добиваат на дебитните картички не ги користат токму за студентски оброк, туку ги користат за нешто друго, рече Мицкоски.

Тој додаде дека со таа апликација би обезбедиле список на ресторани, маркети, млечни ресторани каде што ќе може да купуваат храна, пијалаци, но не и алкохол, цигари, притоа тој попуст којшто ќе им го обезбедат да важи и по искористување на средствата за студентскиот оброк.

-Откако вие ќе го потрошите тој студентски оброк повторно да ви важи до крајот на месецот. Еве ако некој ресторан обезбеди 20, 25 проценти попуст, вие сте го искористиле вашиот студентски оброк до 15-ти во месецот, но на 20-ти со вашите колеги седнувате повторно на појадок, вие ќе го платите, но наместо 100 денари ќе добиете попуст од 25 проценти, ќе го платите 75 денари – појасни премиерот.

Мицкоски нагласи дека предлогот им бил презентиран на студентските претставници како можност за разгледување, без да се бара веднаш да донесат одлука. Тие, додаде тој, треба да разговараат со своите колеги и да се изјаснат за предложениот модел.

Нагласи и дека за реализацијата ќе биде потребна соодветна процедура, вклучително и подготовка на софтверско решение и спроведување тендер.

Во однос на инфраструктурата, премиерот ја посочи изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, како и реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“, каде што, како што рече, моментно престојуваат околу 1.150 студенти.

Мицкоски најави дека до крајот на годината треба да биде пуштен во употреба и реконструираниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“, а потсети и дека е изгласан закон со кој е започната реконструкција на осум ученички и студентски домови во земјава.

Премиерот оцени дека студентскиот стандард сè уште не е на нивото на условите што ги имаат студентите во некои европски земји, но оти разликата се намалува.

-Дали е најдобро? Не е најдобро. Дали можеби нивните колеги во Германија имаат подобри услови? Најверојатно да, но дали таа разлика е намалена? Исто така ќе кажам да. Тоа е суштината. Дали тешко се живее? Тешко се живее. Дали е тежок студентскиот живот? Да тежок е. Но дали е подобар од пред три, четири, пет години? Подобар е. Тоа е суштината на секоја влада. И дали сè уште студентите во Германија ќе добиваат подобри услови ќе имаат подобри? Најверојатно да. Но дали таа разлика е намалена. Тоа е суштината – рече Мицкоски.

Тој истакна дека подобрувањето на условите за студентите треба да биде проследено и со унапредување на квалитетот на високото образование. Во тој контекст, се осврна на позицијата на најстариот македонски универзитет на Шангајската листа, оценувајќи дека пред две децении бил подобро рангиран отколку денес.

Мицкоски повика на заеднички ангажман за подобрување на позицијата на универзитетите, нагласувајќи дека тоа би придонело за поголемо знаење кај студентите и подобар имиџ на државата.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Проблемот со кравите во Крива Паланка стигна до Обвинителството – Општината поднесе кривични пријави

Крива Паланка, заедно со жителите од засегнатите села, поднесоа неколку кривични пријави до Обвинителството поради институционално непостапување по извршни решенија за одземање на добитокот што слободно шета во градот и пошироко.

УКИМ не платил сметки за струја, ако не се плати долгот – факултетите ќе останат во мрак

Дел од државните факултети и Ректоратот од утринава се во мрак поради неплатени сметки за електрична енергија. Ова за Телма го потврдија и од ЕВН. Без струја останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно – математичкиот, земјоделскиот факултет, но и зградата на Ректоратот.

Велковски: Во владина постапка се измените на Законот за детска заштита, од 2027 поголема поддршка за децата со посебни потреби

Измените на Законот за детска заштита веќе се во владина процедура, каде се предвидува зголемување на постоечките државни износи за поддршка, со посебен фокус на децата со посебни потреби, изјави министерот за труд и социјална политика и млади, Ѓоко Велковски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, нагласувајќи дека се очекува овие измени брзо да ја […]

Николоски: Од 1 јануари 2027 државата ќе биде единствен организатор на интернет-игрите на среќа и ВЛТ терминалите

Владата останува на ставот за ограничување на игрите на среќа и веќе презеде конкретни законски мерки со кои се намалуваат можностите за нивно организирање, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање на Јована Мојсоска од Левица поврзано со работењето на Државна лотарија, односно дали Владата ќе иницира разрешување на директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, како и дали ќе биде затворена платформата за онлајн коцкање „Мегавин“.

(Фото): Вештачката интелегенција е придобивка што мора да ја искористиме, рече Николоски

Во делот на дигитализација во секторот транспорт, Николоски истакна дека се работи на ИТС-системот во патниот дел, а веќе се разгледуваат опции и за употреба во железничкиот сообраќај.

Засечен прст на бебе при вадење инфузија во скопска Гинекологија ! Се отвора дисциплинска постапка, за да се утврди одговорноста!

Новороденче во Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) се здобило со повреда на дел од прст, по што било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Според првични и неофицијални информации, го засекла при вадење инфузија медицинска сестра, што работи повеќе од 20 години без никакви поплаки за нејзината досегашна работа.

Во Битола беа одбележани создавањето на Првата егејска македонска ударна бригада на 18 ноември 1944 и нејзиниот славен борбен пат

Со свежо цвеќе и пригодна програма беше денес одбележана 82 годишнината од формирањето на Првата егејска македонска ударна бригада пред спомен-плочата во Битола. Според податоците објавени на „Википедија“, оваа партизанска единица била формирана на 18 ноември 1944 година во селото Драгош, Битолско. Била формирана од дел од македонските воени единици што се одделиле од ЕЛАС и од дел од бригадата „Гоце Делчев“. Во нејзиниот состав влегле: Костурски, Лерински, Воденски и Придружен баталјон со тешкото вооружување.

Николоски: Се размислува за електронска наплата на патарините, ќе се наплаќа од километар

Се разгледува воведување електронска наплата на патарините на автопатите, без возилата да застануваат на наплатните станици. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека се размислува патарината да се наплаќа по поминат километар и дека при изработката на законот ќе се побара експертска помош.

Најнови вести

To top