„Во разговорите со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган одредивме оваа пролет да се одржи прв состанок, тој ќе дојде во Скопје.“ – најави денеска премиерот Христијан Мицкоски во Собранието, одговорајќи на пратеничко прашање од пратеникот Сали Мурати, во врска со заемните односи на Македонија и Турција. – Во моментов не можам да кажам точно кога и како ќе се реализира таа посета. Убеден сум дека до оваа прва средба ќе дојде многу бргу и оти ќе имаме можност и чест, да го пречекаме претседателот Ердоган во Скопје – истакна премиерот Мицкоски.
Со потпишувањето на договорот за проширување на заемната соработка во овој период засилени се партнерства на повеќе полиња, додаде премиерот Мицкоски. – Потпишавме договор за проширување на двостраната соработка со Турција, нешто што претставува наша стратегиска цел. Во рамките на тоа партнерство контактите се засилени и повеќето од компаниите, што доаѓаат кај нас, или можни инвеститори од Турција во Македонија, веќе се прифатени од институциите и ги почнуваат своите инвестиции, или се во фаза на почеток. Договорот не беше потпишан долго време, но а се потпиша со доаѓањето на оваа Влада. Во рамките на договорот се засили соработката на полето на одбраната – рече Мицкоски.
Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија соработуваат со соодветните институции на владата на Турција, додаде тој. – Непосредно вршиме набавка на одбранбени системи, истовремено обучуваме кадри и во таа смисла со доаѓањето на оваа Влада во голема мера се засили заемната еѓу двете држави. За мене главен интерес е малку да се корегира нивото на трговската размена, бидејќи Турција има голем суфицит во размената, односно многу повеќе извезува во Македонија, отколку што Македонија извезува во Турција – рече премиерот.
Убеден сум, додаде тој, дека македонските производи може да бидат конкурентни на турскиот пазар. – Убеден сум дека како наш стратегиски партнер Турција ќе овозможи слободен пристап на македонските компании на турскиот пазар. Убеден сум дека дел од постојните пречки ќе бидат многу набргу избришани и оти македонските производители, посебно во земјоделието, фармацијата и во останатите гранки ќе може да најдат свое место на турскиот пазар. На тој начин оваа нерамнотежа во размената каде што Турција има голем суфицит ќе биде отстранета – нагласи премиерот Мицкоски.
Добра соработка меѓу двете земји има и во туризмот, додаде Мицкоски, голем број турски туристи доаѓаат во Македонија, а соработка се остварува и во рамки на високото образование, бидејќи голем број студенти од Турција се присутни на универзитетите во Македонија. Ова ќе биде втора официјална посета на Ердоган на Македонија. Тој ја посети нашата земја во 2011 година, кога ја вршеше функцијата премиер на Турција.