Македонија

Муртезани: „Вклучувањето на С.Македонија во Механизмот за владеење на правото е силна потврда за нејзината европерспектива и признание за нејзиниот напредок“

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани потсети на неодамнешното обраќање на претседателката на Европската комисија во Стразбур дека Европската Унија нема да биде целосна без Западниот Балкан и оти проширувањето е стратегиски интерес на цела Европа.

Министерот за европски прашања на Република Македонија Орхан Муртезани, денеска во Брисел учествуваше на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, кој се одржа на покана на Данското претседателство со Советот на ЕУ и беше посветен на владеењето на правото. „Вклучувањето на С.Македонија во Механизмот за владеење на правото е силна потврда за европската перспектива на земјата и признание за нејзиниот напредок. “ – нагласи Муртезани, покрај другото, во своето истапување на овој состанок во Брисел денеска.


Ова беше второ учество на министри од земјите-кандидатки да бидат на иста маса на формален состанок на ГАК, заедно со земјите членки, во рамки на европскиот Механизам за владеење на правото. Состанокот беше фокусиран на Извештајот на Европската комисија за 2025 година и на состојбите во четири области: судскиот систем, антикорупцискиот рамковен механизам, медиумската слобода и плурализам и институционалните прашања поврзани со контролните механизми.

Во своето обраќање, министерот Муртезани посочи дека „учеството во формалниот Совет за општи работи, втора година по ред, претставува јасна порака дека земјите кандидати се дел од заедничките напори за унапредување на владеењето на правото во цела Европа“. „Извештајот за владеење на правото 2025 за С.Македонија потврдува реален напредок, но и дека истовремено остануваат предизвици кои не смеат да се игнорираат. Владеењето на правото не е само услов за членство, туку и основа врз која се гради довербата меѓу институциите и граѓаните. Реформите во оваа област се од заеднички интерес, бидејќи посилните институции и поголемата доверба во правдата придонесуваат кон стабилност и развој не само во С.Македонија, туку и во целиот регион.“ – истакна министерот Орхан Муртезани.

Тој потсети на неодамнешното обраќање на претседателката на Европската комисија во Стразбур дека Европската Унија нема да биде целосна без Западниот Балкан и оти проширувањето е стратегиски интерес на цела Европа.

„С. Македонија учествува во Советот не како набљудувач, туку и како партнер кој активно придонесува во заедничките напори за унапредување на демократијата и владеењето на правото. Зајакнувајќи ја правната држава дома, С.Македонија ја зајакнува и Европската Унија. Овој процес не е само национален приоритет, туку заедничка инвестиција во стабилноста, сигурноста и иднината на целата Европа.“ – нагласи министерот за европски прашања на Република Македонија Орхан Муртезани денеска во Брисел на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top