Македонија

На УКИМ прв рок за запишување бруцоши

На 23-те факултети на најстариот и најголем универзитет во државава се слободни вкупно 8851 место за бруцоши во академската 2026/2027, која ќе почне на 1 октомври

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска и утре е првиот рок за пријавување кандидати за запишување на студии во прва година.

На 23-те факултети на најстариот и најголем универзитет во државава се слободни вкупно 8.851 место за бруцоши во академската 2026/2027, која ќе почне на 1 октомври.

Според Конкурсот на УКИМ, од вкупниот број слободни места, 4.395 се за студенти во државна квота (редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет), 3621 за редовни студенти кои плаќаат школарина, т.е. ги кофинансираат студиите и 835 за вонредни студенти.

Најголем број студенти (над 500) на разни студиски програми ќе примат Медицинскиот факултет (950 места), ФИНКИ (800), ФЕИТ и Машински по 600, Природно-математичкиот (626), Економскиот 655, Правниот факултет 555, Филозофскиот 635 и Филолошкиот факултет 805.

Студентите во државната квота се запишуваат со плаќање надомест за студиите, во износ од 200 евра во денарска противвредност, студентите во квотата за кофинансирање и вонредните плаќаат школарина од 400 евра.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за МИА соопшти дека оваа година бројот на места е намален за околу 2000 на сите универзитети откако е направена анализа на пазарот на трудот, кој, рече, е заситен со одредени струки и тие луѓе се невработени.

За разлика од тоа, вработливоста во други струки е многу висока, па некаде се јавува и недостиг.

По првиот рок за пријавување на кандидатите за студии на УКИМ (денеска и утре), конечната ранг-листа ќе биде објавена на 27 август, а запишувањето на примените кандидатите ќе биде на 3 и 4 септември.

Вториот рок за пријавување за упис на УКИМ ќе биде на 10 и 11 септември и третиот на 23 септември на факултетите на кои ќе останат слободни места.

Најнови вести од: Македонија

Македонската армија слави 34-ти роденден

Со учество во меѓународни мисии, поддршка на цивилните институции, исполнување на НАТО-целите за способности и континуирана модернизација, таа останува посветена на својата основна мисија – заштита на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и нејзините граѓани.

Легендарен македонист помирен за македонски пасош, жали што не може да помага како почесен конзул на Македонија

Иако е позаслужен за Македонија од многу Македонци промоторот на македонските вредности не може да добие пасош ниту да ја врши симболичната функција што ја имал

To top