Македонија

,,Непотребните операции” всушност биле дијагностички проблем

Извештајот на странските експерти отвори прашања за дијагностиката, а не потврди „непотребни операции“

По повеќемесечната јавна дебата за наводно вршење непотребни операции на срце, извештајот на странските експерти ангажирани од Министерството за здравство не утврди постоење на случаи во кои пациенти биле оперирани без медицинска потреба.

Како што објави vecer.mk, анализирани биле вкупно 13 случаи од јавни и приватни здравствени установи, меѓу кои Клиниката за кардиологија, Кардиохирургија, ГОБ „8 Септември“, „Жан Митрев“, „Аџибадем Систина“ и други установи.

Според информациите што ги соопшти министерот за здравство Арбен Алиу, кај четири пациенти странските експерти утврдиле дека третманот бил „медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса“.

Кај останатите случаи, како што наведува vecer.mk повикувајќи се на официјалните информации од Министерството, биле забележани можни недостатоци и несогласувања во дијагностичката евалуација и медицинската документација, односно во фазата пред евентуалните интервенции.

Токму дијагностиката и проценката пред интервенциите се покажуваат како клучниот сегмент што го анализирале странските експерти, а не самото извршување операции без причина, како што првично се тврдеше во јавноста.

Vecer.mk: Дел од пациентите воопшто не биле оперирани

Според документацијата во која увид имал vecer.mk, дел од случаите што биле предмет на анализа се однесуваат на пациенти третирани пред 16, 18, па дури и 24 години.

Во дел од случаите, пациентите воопшто не биле оперирани, додека кај други интервенциите биле направени по претходни испитувања, упати и проценки од повеќе здравствени институции.

Vecer.mk објави дека од осумте случаи кои биле предмет на сомнеж, тројца пациенти воопшто не биле подложени на операција. Кај дел од пациентите, според документацијата, интервенциите биле извршени по претходни препораки и консултации, вклучително и со странски медицински центри.

Дополнително, според информациите објавени од порталот, пациентите кои биле оперирани и денес се живи и во стабилна здравствена состојба и покрај тоа што од интервенциите поминале повеќе години или децении.

Се отвори прашањето за целиот систем

Случајот отвори сериозна дебата во јавноста за функционирањето на здравствениот систем, особено за начинот на дијагностицирање, упатување и носење одлуки за кардиолошки интервенции.

Во извештајот на странските експерти, како што беше соопштено, се посочуваат можни пропусти во документацијата, различни толкувања на ангиографските наоди и несогласувања меѓу дијагностичките извештаи, но не и директна констатација за системско вршење непотребни операции.

Кедев ја отвори аферата, но извештајот не ги потврди првичните тврдења

Кардиологот Сашко Кедев со месеци јавно предупредуваше дека во државата се вршат непотребни операции за профит, што предизвика силна реакција и вознемиреност кај пациентите и јавноста.

Но, по анализата на странските експерти, во официјалните информации презентирани од Министерството не беше наведено дека се потврдени такви операции. Наместо тоа, акцентот беше ставен на можни слабости во дијагностичките процедури, документацијата и проценките пред интервенциите.

Дополнително внимание предизвика и фактот што, според информациите објавени од vecer.mk, дел од пациентите биле упатувани кон приватни установи и од лекари и институции од јавниот здравствен систем.

Во јавноста сега се поставува прашањето дали целата афера била претставена на начин што создал преголем страв и недоверба кај граѓаните, без притоа да бидат презентирани конкретни докази за тврдењата кои со месеци беа тема во медиумите.

Јавноста бара целосна транспарентност

По објавувањето на наодите, јавноста очекува институциите целосно да ги објават заклучоците и деталите од анализите, со цел да се расчистат сите дилеми и да се врати довербата во здравствениот систем.

Случајот покажа дека темите поврзани со здравјето и медицинските интервенции бараат максимална внимателност, факти и институционална одговорност, бидејќи секоја јавно изнесена информација директно влијае врз довербата на пациентите и чувството на сигурност кај граѓаните.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

Мицкоски: Усниот дел од правосудниот испит треба да се полага единствено на македонски јазик

Писмениот дел од правосудниот испит да се полага на јазикот на кој е завршено високото образование, а усниот на македонски јазик. Ова е ставот на македонската Влада, кој денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, по вчерашното одбивање на ваквиот предлог од студентите Албанци, на средбата со министерот за правда, Јетон Шасивари.

Клековски: Со бугарската министерка се согласивме дека случајот со Ива е правно, а не здравствено прашање

Македонскиот министер за здравство Сашо Клековски изјави дека за време на средбата со бугарската министерка за здравство во Софија била постигната премолчена согласност дека случајот со Ива Михаилова не е прашање од областа на здравството, туку од надлежност на правосудните институции.

Се разгледуваат две локации за новиот Клинички центар во Скопје – вложувања во здравствени објекти во Штип, Тетово и Кичево

Две локации во близина на болницата „8 Септември“ се разгледуваат за изградба на новиот клинички центар во Скопје, а преговорите за изборот на парцелата треба да завршат до крајот на годинава, најави премиерот Христијан Мицкоски. Истовремено, Владата подготвува инвестиции во три здравствени објекти во Штип, Тетово и Кичево, при што реализацијата на првиот проект би можела да започне во летото 2027 година.

To top