Македонија

Невена Николова Георгиева-Дуња, на 16 години организатор на отпорот против бугарскиот фашистички окупатор – 101 година од раѓањето

На денешен ден, на 25 јули 1925 година во Скопје е родена Невена Георгиева – Дуња, македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни, учесник во НОВ од 1941 година. Со своите 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена-партизан во партизанските одреди на Македонија. Дуња не е само член на СКОЈ и партизан:  истовремено била и организатор на отпорот во Скопје, во Велес, во Штип и во Струмица, каде што дејствува под прекарот Мирка. Врши разузнавачки активности за отпорот и е истовремено организатор и прави регрутација. Во тој период Дуња има само 16 години. Во 1942-ра на 17 години станува дел од третата чета на партизанскиот одред „Димитар Влахов“ во Велес и околината. Својата младост херојски ја положува во темелите на македонската држава, загинувајќи на таа возраст. Но не била прогласена како народен херој. Со тоа ѝ била нанесена несфатлива историска неправда.

Невена Георгиева – Дуња многу мала останала без мајка си и така од најраните години ги осознала сите тешкотии на животот. За да заработи за живот, покрај учењето, таа се занимавала и со шиење. Меѓу двете светски војни станала припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење. Со своите 16 години, од 1941 година, како младинска активистка учествува во подготовките за оружено востание во Македонија. Како скоевка уште во 1941 година растурала летоци. Ги криела меѓу шиените фустани, за да не биде фатена од окупаторската полиција,. Но, непријателот ја забележал нејзината активност, па морала да замине во илегалство.

Непријател број еден за бугарските фашистички окупатори

Георгиева почнала со револуционерната дејност како членка на СКОЈ и на 16 години му се придружува на Првиот скопски партизански одред како еден од неговите први 12 припадници. Покрај скопскиот, учествувала во формирањето на уште два партизански одреда, велешкиот и струмичкиот, одејќи пешки низ Македонија, за да го мотивира народот да се придружи на борбата. Станува непријател број еден за бугарските окупациски власти, поради своите активности: тие во отсуство ја осудиле на седум години затвор. Нејзината глава ја уцениле на 4 илјади лева. Во септември 1942 година станала борец на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.

Во 1942 година на 17-годишна возраст загина партизанката Невена Георгиева – Дуња во борбата со бугарските фашисти за слободата на Македонија. Партизанскиот одред „Димитар Влахов“ беше нападнат од бугарската окупаторска полиција. Невена Георгиева – Дуња, која се бореше во првите борбени редови на овој одред, беше смртно погодена од фашистички рафал. Има две верзии за датумот и местото на загинувањето на Дуња. Едната е дека тоа се случило кај Папрадиште, Велешко, на 6 декември 1942 година. Како што стои на повеќе спомен-обележја, втората верзија е дека храбрата партизанка загинала на 16 декември кај селото Нежилово, Велешко.

Масакрирана, иако веќе мртва, и ѝ ја отсекле главата, шетајќи ја набиена на кол низ велешките села, за да го заплашат востанатиот македонски народ

Кога бил нападнат одредот започнала жестока битка, во која непријателот бил многу поброен. Неколку партизани заедно со Дуња ја бранеле нивната позиција. Пo неколкучасовна борба херојски загинала од фашистички рафал. Така згасна животот на оваа храбра Македонка, која останала светол пример како девојка–македонски патриот. Иако веќе била мртва, бугарскиот фашистички окупатор го масакрирал нејзиното безживотно тело. Ѝ ја отсекле главата и набиена на кол ја шетале низ велешките села, за да го заплашат востанатиот македонски народ. Заради страв на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во еден централен излог.

Во чест на Невена Георгиева се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои „По поле одат аргати“ и „Пуста останала таја контра чета“. Во скопскиот Жена-парк постои спомен-обележје посветено на Дуња. Била поставена нејзина биста во 1978 година и во Студентскиот дом во Скопје, што го носи нејзиното име. Во 2014 година нејзината биста во дворот на студентскиот дом била уништена, а во 2016 била украдена и нејзината биста во основното училиште во Кисела Вода. Во 2013 година е откриена нејзина спомен-плоча и во велешко Нежилово, село соседно на Папрадиште.


Извор: Википедија, „Македонска нација“

 

 

Најнови вести од: Македонија

Комисијата за заразни болести предупредува: По загадената вода во Гостивар можно е да се појават случаи на жолтица

Комисијата за заразни болести предупреди дека во наредниот период во Гостивар постои можност да се појават случаи на хепатит А и хепатит Е како задоцнета последица од загадувањето на водата. Засега нема потврдени случаи на овие заболувања, но здравствените власти најавуваат засилен надзор поради периодот на инкубација на вирусите.

Народниот херој Иљо Антески – Смок, револуционерна борба и саможртва, вградени во темелите на македонската држава – 107 години од раѓањето

На денешен ден, на 25 јули 1919 година во Тетово е роден Илија – Иљо Антески – Смок, народен херој на македонскиот народ, комунист и првоборец. Неговата револуционерна борба и саможртва го впишуваат во најсветлите страници на македонската национална историја и на колективното паметење на македонскиот народ.

Најнови вести

To top