Македонија

Ново исклучително откритие на македонската архајска некропола кај Корошишта, Струшко: богат војнички погреб со целосна опрема и предмети од злато

На археолошкиот локалитет Расница, с. Корошишта – Струшко, денес беа презентирани најновите ексклузивни наоди од истражувањата на архајската некропола – богато војничко погребување со комплетна воена опрема, кое според првичните согледувања е постаро од исклучителното откритие направено на истиот локалитет во 2024 година, информираат од Националениот археолошки музеј – Скопје.

Пред претставниците на медиумите беа претстѕавени шлем, штит, меч, копја и други гробни прилози, откриени во недопрен археолошки контекст. Целината претставува исклучително значаен наод за проучувањето на архајскиот период и дополнително го потврдува карактерот и големото научно значење на некрополата во Корошишта. Истражувањата оваа година донесоа ново исклучително откритие – богато војничко погребување со комплетна воена опрема, меѓу која се откриени штит, шлем, копја, меч и други предмети од злато, бронза, килибар и други материјали. Најновите резултати се од особено значење бидејќи дополнително и недвосмислено го потврдуваат карактерот на локалитетот Расница како некропола од архајскиот период, отворајќи нови можности за проучување на погребните обичаи, воената и општествената структура и елитите што живееле на просторот на Охридско-струшкиот регион во текот на VI век пред нашата ера.

Локалитетот Расница кај Корошишта го привлече вниманието на јавноста во 2024 година, кога археолошките истражувања открија монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал. Меѓу тогашните наоди беа бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.
Откритијата од 2026 година сега внесуваат нова и исклучително важна димензија во разбирањето на некрополата. Богатото војничко погребување и комплетот оружје откриен во него претставуваат значаен археолошки контекст, што ќе овозможи поточно согледување на статусот, идентитетот и воената улога на дел од лицата, погребани на оваа некропола.


Со постојаните  истражувања Корошишта се издвојува како еден од најзначајните новооткриени археолошки комплекси од архајскиот период во Македонија и како локалитет од особено значење за проучувањето на Охридско-струшкиот регион во VI век пред нашата ера. По втор пат во само две години македонската археологија се збогатува со откритие од исклучителни размери. Досегашните резултати и потенцијалот на локалитетот ја наметнуваат потребата истражувањата на Расница да продолжат како систематски археолошки истражувања, со долгорочна научна програма и соодветен третман на откриениот материјал. Управата за заштита на културното наследство на Македонија ќе достави информација до Владата, со цел да се обезбеди континуитет и соодветно финансирање на понатамошните археолошки истражувања, заштитата и стручниот третман на локалитетот и наодите.

Поддршка за продолжување на истражувањата изрази и градоначалникот на Општина Струга, нагласувајќи го значењето на откритието и за локалната заедница, како и подготвеноста на Општината да даде поддршка во рамките на своите можности и надлежности.

Најнови вести од: Македонија

To top