Македонија

Од договорените 50.000, директорот за земјоделските фондови фатен со 400 евра

ОЈО за ГОКК бара притвор за сите, Кривичен одлучува

Само дел од сомнежите за злоупотреби со ИПАРД-фондовите за кои со години зборуваат земјоделците, се потврдија по последната акцијата на полицијата и на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Се нуделе и прифаќале пари во кеш да се замижи пред неисполнувањето на условите на фирмата од Струшко за производство на леб.

Дел од медиумите посочија дека поранешен министер за локална самоуправа и пратеник Џевдет Насуфи, стоел зад фирмата што го нудела митото, во замена за директорскиот потпис на договорот за добивање  средства преку ИПАРД-програмата. Токму првиот човек на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството е меѓу петтемина уапсени за поткуп, кај Илија Стоилев, кој е на чело на општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, полицијата пронашла 400 евра бележани пари, во истрагата на Обвинителството. Тие пари биле само мал дел од ветените 50.000 евра што требало да ги добие, а во коруптивниот канал учествувале и даночник од скопската Управа за јавни приходи, службеник во Министерството за земјоделство и уште еден посредник.

– Првоосомничениот Џ. Ф. (77) сторил продолжено кривично дело давање поткуп и кривично дело давање награда за противзаконито влијание, додека три лица А. Ф. (44), Ј. К. (35) и И. С. (57), како посредници, го сториле кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а Д. Д. (47) сторил продолжено кривично дело примање поткуп – соопштуваат од Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Митото било договарано од февруари годинава до денот на полициската акција, односно до четвртокот. Првоосомничениот, преку даночникот и службеникот од земјоделство, дошол до директорот. Двајцата уапсени службеници ги искористиле своето реално влијание и својата положба, побарале и го поттикнале директорот на Агенцијата да изврши криминал, велат од ОЈОГОКК.

– Иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во јавниот повик бр.01/24 за доставување барања за користење средства од ИПАРД- програмата за мерката 3, директорот, по применото ветување за подарок од значителна вредност, во износ од 50.000 евра, потпишал договор за користење финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои, при претрес, се пронајдени и одземени. При извршени претреси на други локации, пронајдени се парични средства во значителна вредност –објавуваат истражните органи МВР и ОЈОГОКК.

Според достапните документи за ИПАРД-програмата, мерка 3, барателот може да аплицира за добивање од 10.000 евра до 4,5 милиони евра за инвестицискиот проект. Колку средства ќе му бидат одобрени, меѓу другото, зависи од големината на претпријатието, односно од бројот на вработени и од приходите што ги остварува. Од увидот на работата на првоосомничениот, може да се види дека станува збор за микропретпријатие од 2008 година. Агенцијата, за чиј директор е побарана мерка притвор, ги прима и обработува апликациите, спроведува контрола и ја врши исплатата на пари од европските фондови за рурален развој, во согласност со европските правилници.

Кога е фатен директорот на државната институција и кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Стоилев,  со обележани банкноти за мито, јасно е дека корупцијата во земјоделството цвета, обвинија од опозицискиот СДСМ и прашаа дали по овој коруптивен скандал, ќе има оставка од министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски

– Година и пол се зборува дека се бараат провизии, дека се задржуваат предмети, дека службениците трпат притисоци. Сега тоа доби потврда со раце фатени во криминал. Додека земјоделците чекаат исплати, парите од ИПАРД и субвенциите завршуваат во рацете на партиски рекетари и мора да има одговорност за тоа, од сите – обвинија од СДСМ.

Прашан за апсењето на директорот на платежната агенција, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека нема да се толерираат девијантни појави.

– Сум го кажал тоа многу пати во минатото и ќе го повторам дека нема да се толерира тоа. Знаете, во минатото имавме уште неколку вакви случаи, меѓу другото ќе го потенцирам и случајот со директорот на Геријатрија и слично и ги повикувам сите граѓани, бизнис-заедницата и другите засегнати, доколку се жртва на ваков вид однесување на кој било, да го пријават. Ги охрабрувам да го пријават, затоа што нема поголема штета за едно општество од ваков вид девијантно однесување – потенцира Мицкоски.

Злоупотреби, обиди за барање мито, протекции, се коментарите на земјоделските здруженија со кои контактираше весникот ВЕЧЕР, по акцијата на МВР и на Обвинителството во која директорот што го става последниот потпис за европски пари е фатен на дело. Бараат поголема контрола, бидејќи има случаи како им се одобруваат средства на исти комбинати и по повеќе пати. Земјоделците укажуваат и на една, како што велат, негативна појава, односно по секој јавен повик, набавувачите ја зголемуваат цената на  механизацијата што треба да ја купи земјоделецот преку ИПАРД-фондот.

Извор: Вечер.мк

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Нема да дозволиме профитерство, рече Мицкоски по средбата со газдите на маркетите

По средбата на претставниците на маркетите и премиерот во Владата е заклучено дека не треба да има ново зголемување на цените. Премиерот порача дека нема да се дозволи профитерство на грбот на граѓаните.

(Видео): Синдикатот за култура со кривична за министерот Љутков – тој пак тврди: Барањата за раст на платите се незаконски

Синдикатот за култура поднесе кривична пријава против министерот за култура, за злоупотреба на службената положба и кршење на правата на вработените. Според претседателката на синдикатот, Вера Атанасовска министерот со инструкции испратени по е-пошта се обидел да ги поткопа правата на вработените и колективните договори. Синдикатот наведува дека повеќе од 800 пријави се поднесени од вработените во културата и дека постојат правосилни судски одлуки во нивна корист.

Николоски од Вашингтон: Разговаравме за економска соработка, енергетската транзиција и изградба на коридори

На средбата со Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа, беше нагласено силното партнерство меѓу двете земји, засновано на меѓусебна поддршка и споделена посветеност на демократските вредности, како и на создавање подобри перспективи за економска и трговска соработка, соопшти Министерството за транспорт.

Кај судијата Ѓоко Ристов пронајдени судски предмети, кои не ги гибал сѐ до истекување на роковите, најверојатно за да застарат!

Судскиот совет констатира сериозни сомнежи за несовесно и нестручно постапување на судија од Апелациониот суд Скопје, поради неразумно одолжување на судски постапки што довело до апсолутна застареност на предмети. Во извештаите се наведува дека дел од предметите биле чувани во фиока сè до истекување на роковите за кривичен прогон. Иако на седницата не беше јавно посочено името на судијата, досегашните сознанија имплицираат дека е тоа судијата во Апелацискиот суд Ѓоко Ристов. Против него и порано беа поднесувани анонимни претставки до Судскиот совет.

Попов: Македонскиот јазик не е „вештачка конструкција“ и борбата за него не е завршена! Стратегиските партнери треба да помогнат за спорот со Бугарија!

–Официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е никаква „вештачка конструкција“, туку логичен тек на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на цела територија. Тој има долга историја и особен влог во рамките на групата на словенски јазици и светското јазично семејство. Но борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена. Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. “ – нагласи Живко Попов, претседателот на Македонската академија на науки уметности, денес во своето годишно обраќање. .

To top