Македонија

Одете, натпреварувајте се, докажувајте се, ама враќајте се – Претседателката ги награди најдобрите македонски млади инжинери

За да имаме дигитална иднина, нам ни треба стратегија како да ве задржиме вас, дигиталната младина тука дома – прстенот не е доволен

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели „Инженерски прстен 2025“ на 14 најуспешни студенти, дипломци на инженерски факултети во рамките на универзитетите: „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св.Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип и Државниот универзитет – Тетово.

Свечената церемонија се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид.

Добитници на „Инженерски прстен 2025“ од УКИМ – Скопје, годинава се: Фросина Станковска – Архитектонски факултет, Марко Ѓорѓиоски – Градежен факултет, Харитина Сакова – Машински факултет, Васка Зарковска – Технолошко-металуршки факултет, Сара Ацковска – Факултет за земјоделски науки и храна, Димитар Пешевски – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Кирил Христовски – Природно-математички факултет, Теа Костадинова – Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Рената Павлеска – Факултет за електротехника и информациски технологии.

Наградени студенти со „ Инженерски прстен“ 2025 од УКЛО – Битола се: Катерина Стојкоска – Технички факултет и Софи Гајтановска – Факултет за информатички и компјутерски технологии.

 

Од УГД Штип, носители на наградата се: Сара Панева – Факултет за природни и технички науки и Бојана Тасева – Факултет за информатика.

Од ДУТ, признанието го доби Гзим Дервиши – Факултет за применети науки.

 

За претседателката, инженерскиот персонифицира нераскинлива врска со умот, знаењето, истражувачкиот дух, посветеноста, упорноста, компетитивноста.

 

Сиљановска-Давкова, честитајќи им го на добитниците престижното признание, ја истакна важноста од континуираната подршка на образованието и науката, како најдобра општествена инвестиција.

Таа ја реафирмира потребата од развојна образовна политика, компатибилна со регионалната и европската, насочена кон наша интегрирација во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот истражувачки пазар.

Според неа, само образовани и компетенти луѓе на политички и управувачки позиции можат да ја разберат и поддржат науката.

Андреј Лепавцов, претседателот на Инженерската институција на Македонија, им порача на најдобрите инженери во прстенот да гледаат не само признание, туку и обврска и предизвик за поголемо знаење и повисоки стандарди на квалитет.

„Наша должност е да ве поддржуваме во секоја фаза од вашата професионална кариера. Ние ќе бидеме тука да ве поврземе со индустријата, да ви помогнеме да ги продолжите вашите академски патеки“, рече тој и нагласи дека институцијата со која раководи ќе ги охрабрува да се вклучат во креирањето на инженерската политика на државата.

Кристинка Чулак, претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери ги поттикна наградените на љубопитност, храброст, посветеност и упорност на идниот научен пат.

„Каде и да ве одведе животот, посакувам да бидете свесни од каде потекнувате и секогаш грижете се за својата родна земја“, им порача Чулак и додаде дека државава се надева на нивната професионална поддршка.

Манифестацијата „Инженерски прстен“ се одржува под покровителство на претседателката на државата, а во организација на „Инженерската институција на Македонија“ и на „Комората на овластени архитекти и овластени инженери.“

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

 

Почитувани присутни,

Почитувани и сакани лауреати,

Чинам дека нема подобар простор за промоција на најдоброто во инженерството од овој, на кој никнал Климентовиот универзитет. Причината лежи во фактот дека нашите цркви имаат традиција на црковно-училишни општини. Замислете град со 365 цркви, значи, со 365 училишни општини. Затоа мислам дека час поскоро, треба да се догради Универзитетот на Плаошник.

Прстенот не е само украс, туку значи врзување за нешто многу важно. Тој значи верност, значи посветеност, значи љубов. Сигурна сум дека дека овој прстен значи многу во вашиот, ама и во нашиот живот.

Кога прифатив да бидам покровителка на една ваква манифестација, како што е Инженерскиот прстен, почувствував голема чест. Да се доделуваат прстени на најуспешните студенти од инженерските дисциплини, не е само сатисфакција и надомест за вашиот труд, за младите инженери, ниту само е потстрек за продолжување по патот на науката и понатамошно усовршување, туку тој чин, мене барем, ми значи потсетување на човечкиот потенцијал кој го имаме, а нема повредно нешто од него, само не секогаш сме свесни за тоа. Ние сме должни да создадеме дополнителни услови за ваше напредување, се разбира, дома, не случајно се раѓаме некаде. Само една татковина секој има, вели Бернард Шо, каде и да одите, се враќате на крајот. За среќа денеска со дигитализацијата и со вештачката интелигенција, можете да бидете истовремено и тука. Одете, натпреварувајте се, докажувајте се, ама враќајте се. Беспредметно е за мене да се зборува за значењето на инженерските професии бидејќи вие не само што ја обликувате сегашноста туку, на сите ни е јасно дека ќе ја обликувате и иднината.

Вие сте тие кои го движите светот, а ние, државата, образовните, научните институции, бизнис-заедницата, граѓанските организации, сме должни да помогнеме да го реализирате она што го поседувате, највредното, знаењето.

Сакам да кажам збор, два и за самото списание „Инженерство“, и не само за него, туку и за посветеноста на Инженерската институција на Македонија. Да, досега вие бевте ветар, некогаш посилен, некогаш поблаг, ама секогаш дувавте во грбот на македонското инженерство. Вие сте своевидно инженерско огледало, инженерски гласник, просветител научен. Затоа ве охрабрувам и понатаму да соберете под тој прекрасен чадор повеќе инженерски здруженија, да продолжите да придонесувате за развојот на инженерството, преку вложување, не само во знаењето, туку, како што веќе рековте, во интегритетот, во професионалноста, во знаењето, во дигнитетот, во моралот, во етиката.

Јас ве уверувам дека во мене и во мојот Кабинет имате искрен поддржувач и партнер, а верувам дека е така и со сите други релевантни институции. Вам сакам да ви посакам да продолжите самите да ги следите соништата, ама и да си ги реализирате идеите, визиите, секогаш да знаете дека тоа што доаѓате од навидум мала земја, воопшто не значи дека не може да имате големи идеи. Тоа се докажало многу пати. Вие аплицирате и имате европско образовно досие, вие сте идејните творци и двигатели на модерниот европски и светски технолошки свет, вие сте идните технолошки лидери. Образованието и науката воопшто не се само професорска, истражувачка и студентска обврска. Нивниот обем, квалитет и домет се резултанта на содејството меѓу образованието, науката, политиката и општеството. Затоа нам ни треба координирана, одговорна и развојна образовна политика. Не е можно да ги задржиме најдобрите и најперспективните без соодветна, пред сѐ, реформирана финансиска политика, пријателска кон најдобрите и почитувачка кон најдобриот квалитет.

Koпенхагенските критериуми, односно европските стандарди, мора да најдат место и примена во финансирањето на високообразовните и научните институции. Ние мора да исчекориме на релевантните високообразовни листи, каде што нè нема, наместо да паѓаме, преку преиспитување, односно реакредитација и реевалуација на образовната мрежа. Мора да се концентрираме на неутрален, објективен пристап, заснован на докази и факти, а не на еднопартиска позадина што продуцира образовна и научна мимикрија наместо валидно образование и наука.

Нам ни требаат европски критериуми за градење на академска кариера. Интензивна регионална и европска научна соработка, интеграција во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот образовен и научен пазар. Мора да го следиме успешниот модел на соседите. И како индивидуалци и како заедница, јас мислам дека веруваме, јас барем верувам во вашите знаења, вештини, креативност. Убедена сум дека не ви недостасуваат хуманизам, благородност и патриотизам. Создавајте модерен, напреден, но, пред сѐ, морален и поумен свет. ИТ-индустријата, континуирано цвета и расте. За среќа, расте и нејзината популарност кај младите и тоа ме радува. За да имаме дигитална иднина, нам ни треба стратегија како да ве задржиме вас, дигиталната младина тука дома – прстенот не е доволен. Или, како да бидеме во постојан контакт интегрирајќи ве како постојан сегмент на општествениот развој.

 

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Мицкоски на средба со Орбан: Македонија и Унгарија градат силно стратешко партнерство

Двајцата премиери разговарале и за инфраструктурната поврзаност, енергетската стабилност и регионалната соработка, оценувајќи дека во услови на глобални предизвици, силните партнерства се клучни за обезбедување стабилност и развој. Беше истакната и важноста на поддршката што нашата држава ја добива од Унгарија во контекст на европската перспектива, при што беше нагласено дека процесот на интеграција треба да се темели на принципиелност и мерит-систем.

(Фото): Кога Скопје ќе го добие долгонајавуваниот БРТ транспорт?!

Проектот предвидува изградба на две главни линии – Исток–Запад и Север–Југ, како и набавка на современи нископодни автобуси на CNG или хибриден погон, воведување паметни станици и интегриран систем за управување со сообраќајот.

Мицкоски: Повторното воспоставување линија Скопје – Будимпешта e значаен чекор кон подобрување на регионалната поврзаност, економската соработка и развојот на туризмот

Повторното воспоставување на линија Скопје – Будимпешта претставува значаен чекор кон подобрување на регионалната поврзаност, економската соработка и развојот на туризмот, објави премиерот Христијан Мицкоски по пристигнувањето во Будимпешта, каде, како што е најавено, ќе престојува во политичко-економска посета на Унгарија. -Дополнително, македонските граѓани можат слободно да патуваат, што значително ќе ја олесни мобилноста, ќе поттикне културна размена. Ваквите иницијативи се важен чекор кон зајакнување на меѓународната соработка и приближување кон европските стандарди – објави Мицкоски на Фејсбук.

(Фото): Владата посветена на обезбедување континуирана поддршка за сите општини

Преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година, во Општина Новаци се финансираат три проекти во вредност од 8.414.556 денари, додека пак преку Инрегег ИПА Програмата со Република Грција се имплементира Проектот TOUR-HUB – Дигитално унапредување на културното наследство и туризмот, во вредност од 342.542 евра.

Апелација ги зголеми казните за 13-те велешани, осудени за силување девојче на возраст под 14 години!

Апелацискиот суд донесе одлука за зголемување на затворските казни на сите 13 осудени лица од Велес за сексуално злоставување на девојче под 14 години. Првичната пресуда беше донесена од Кривичниот суд во ноември 2024 година. Случајот предизвика силни реакции во јавноста поради првично ниските казни и одлуката на судот да дозволи гаранција за првообвинетиот на почетокот на процесот. 

Бензините поефтинуваат од ноќеска на полноќ, а дизелот ќе има иста цена – Македонија е со најефтини горива во регионот!

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 2,50 ден/лит. Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 3,00 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.

Две убиства за 48 часа! Грк застрелал ловочувар кај Виница, мајка убиена од син во Росоман

Во Виница, 80-годишен грчки државјанин го застрелал 56-годишен ловочувар Д.А. од с. Липец за време на лов. Полицијата покренала кривична пријава против осомничениот по член 123 од Кривичниот законик, а четири лица се лишени од слобода. При претреси во апартманите и возилата на осомничените биле пронајдени четири ловни пушки, околу 800 парчиња муниција и друг доказен материјал од интерес за истрагата.

Најнови вести

To top