Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одржа подготвително рочиште за случајот „Крмзов“, кој се води против десет физички лица, меѓу кои и бизнисменот Ристо Крмзов, како и против 14 правни лица обвинети за даночна измама.
Според Обвинителството, незаконските активности се реализирале преку фиктивни договори, манипулации со ДДВ и продажба на недвижности по нереално високи цени, со што од Управата за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1.348.996.831 денар или 21,9 милион евра.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Верица Бержетска-Крстева.
Со цел одбраната на обвинетите да може да извршат увид во доказите и да подготват одбрана, судот првото рочиште го закажа за 27 март кога ќе треба да се почне со воведни зборови. Обвинителката посочи дека над 500 кластери документација одземени од обвинетите се во МВР за што се дава предлог тие да им се вратат на физичките лица од кои се одземени, а да се изведуваат само скенирани документи.
– Од списите во МВР, на секое барање од одбраната за пристап им беше дозволено копирање и екстракција. На доставените цедиња се наоѓаат скенирани сите тие списи, чиј попис е речиси 8 илјади страници. Како во целост, така и по фолдер, со договори, изводи од УЈП и вештачења. Дополнително, и сите записници од сослушување сведоци и обвинети – изјави обвинителката.
Одбраната реагира дека книговодствената документација мора да биде гледана целосно и во корелација и со доказите предложени од нив, а не само делумно.
– Теоријата на одбраната е токму на фактот дека Обвинителството наведените договори ги гледа на еден начин и го толкува законот на една околност, а за истите тие договори ги применува на друг начин. Токму на таа околност и предлагаме сите докази одземени од правните лица да бидат вратени и ни се дозволи увид за да можеме да се произнесеме и да дадеме правилна одбрана – изјави бранителот.
Обвинението против бизнисменот Крмзов и повеќе физички и правни лица за даночна измама стапи во сила кон крајот на декември минатата година.
Обвинителен акт, како што информира Обвинителатвото за гонење организиран криминал и корупција, е поднесен против седум лица на кои им се става на товар дека сториле кривични дела злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело, како и дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело даночна измама. Двајца од обвинетите, покрај наведените кривични дела, се обвинети и за продолжено кривично дело даночно затајување. Обвинителниот предлог се однесува против три физички лица за продолжено кривично дело несовесно работење во службата, како и против 13 правни лица за продолжено кривично дело даночна измама.
Според обвинението, истражната постапка утврдила дека на почетокот на 2019 година, на територијата на Република Северна Македонија, првообвинетиот, заедно со уште двајца обвинети – како сопственици и управители на обвинети правни лица со намера да стекнат противправна имотна корист – создале група со цел вршење на кривичните дела даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело. На групата како припадници се приклучиле уште четворица обвинети, исто така во својство на сопственици и управители на обвинети правни лица.
– Злосторничкото здружение најпрвин имало цел формирање правни лица, на кои припадниците биле формално назначувани за сопственици и управители, со цел остварување право на поврат на ДДВ, кое би им било оневозможено доколку организаторите биле формални сопственици и управители – се вели во соопштението од Обвинителството.
Обвинетите, во име и за сметка на обвинетите правни лица, изготвувале и меѓусебно разменувале фактури со невистинита содржина како поврзани лица за целите на ДДВ, спротивно на одредбите од Законот за данок на додадената вредност, Законот за данок на личниот доход, Законот за данок на добивката и Законот за даночната постапка. Во фактурите внесувале податоци за наводно извршен промет на недвижности, за кој знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле извршени плаќања преку банкарските сметки на правните субјекти.
– За периодот од 2019 до 2024 година, во поднесуваните даночни пријави неосновано било користено правото на влезен ДДВ. Обвинетите – овластени сметководители, како службени лица, пропуштајќи должен надзор, несовесно постапувале спротивно на Законот за сметководствени работи, Законот за трговски друштва, Законот за данок на додадена вредност и Меѓународните сметководствени стандарди. Постапувајќи по насоки на организаторите, тие ги евидентирале фиктивните фактури за наводни продажби на недвижности и истите ги прикажувале во даночните пријави за ДДВ поднесени до Управата за јавни приходи, со цел неосновано да се бара поврат на данок или да се намали даночната обврска на обвинетите правни лица, се вели во соопштението од Обвинителство.
Со овие дејствија, како што информираат од Обвинителство, во даночните пријави бил прикажан повисок влезен ДДВ во вкупен износ од 4.123.102.931 денари, по основ на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот, при што била прибавена противправна имотна корист преку незаконски поврат на ДДВ и користење на институтот на даночни гаранти. Од Управата за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1.348.996.831 денари.
-Средствата, за кои обвинетите знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесени во платниот промет и префрлани меѓу правни лица со цел прикривање на нивното потекло. Дел од средствата биле употребени за купопродажба на имот, враќање кредити кон банки, подигање готовина, како и за плаќање добавувачи на градежни материјали за изградба на станбени комплекси. Со износ од 457.785.310 денари биле покривани даночни долгови на обвинетите и на други правни лица, се вели во соопштението.
Заедно со обвинението, доставен е и предлог за одземање и конфискација на предмети, подвижен и недвижен имот што потекнува од кривично дело, а кој претходно со привремени мерки е замрзнат, како и предлог за продолжување на мерката притвор за првообвинетиот, односно укинување на мерката притвор и определување мерки на претпазливост за второобвинетиот.