Македонија

Партијата на Македонците бара албанските власти да обезбедат судење на македонски јазик во Албанија

Се бара да се гарантира правото на лице кое припаѓа на национално малцинство да се брани на својот мајчин јазик во текот на судска постапка во Република Албанија

Партијата на Македонците бара албанските власти да обезбедат судење на македонски јазик во Албанија.

Барањето кое е испратено до повеќе институции меѓу кои и премиерот Еди Рама содржи аргументи зошто Албанија греши кога одбива да обезбеди судење на мајчин македонски јазик за Васил Стерјовски лидер на партијата Македонската алијанса за европска интеграција.

Стерјовски е тужен од бугарска организција која де факто има цел да докаже дека во Албанија нема Македонци туку Бугари.

Писмо на МАЕИ до Судот во Корча за обезбедување на преведувач на македонски јазик содржи многу причини зошто Македонците во Албанија се соочуваат со повреди на чивековите права.

Целото писмо во продолжение

До знаење:

Г-дин Илир РУСИ
Висок судски совет (ВСС)

Г-дин Еди РАМА
Претседател на Советот на министри на Република Албанија

Г-дин Бајрам БЕГАЈ
Претседател на Република Албанија

Г-ѓа Нико Пелеши
Претседател на Собранието на Република Албанија

Г-дин Тони ГОГУ
Министер за правда

Г-дин Ендрит ШАБАНИ
Народен правобранител

Г-дин Роберт ГАЈДА
Комесар за заштита од дискриминација

Делегација на Европската Унија во Тирана
Присуство на ОБСЕ во Тирана
Канцеларија на Советот на Европа во Тирана
Амбасада на САД во Тирана
Амбасада на Македонија во Тирана
Амбасади на земјите-членки на Европската Унија во Тирана
Секретаријат на Рамковната конвенција за заштита на малцинствата во Стразбур

Почитувана г-ѓо судијке,

Во врска со тужбата поднесена од фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија против партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и нејзиниот претседател, Васил Стерјовски, како и во врска со последното рочиште одржано во Основниот суд во Корча на 28.04.2026 година, Ви се обраќаме со ова барање за преиспитување на Вашата одлука во однос на одбивањето на барањето за обезбедување преведувач на македонски јазик за понатамошното водење на судската постапка.

Во однос на барањето за преведувач, нагласуваме дека, иако сум државјанин на Република Албанија со македонска национална припадност, мојот мајчин јазик е македонскиот и правната терминологија ја разбирам поцелосно и попрецизно на овој јазик. Одбивањето на ова барање беше образложено со фактот дека, како албански државјанин, се претпоставува дека го владеам албанскиот јазик и дека, дополнително, можам да се потпрам на помошта од адвокат.

Сепак, ваквото образложение не е во согласност со правните стандарди и меѓународната пракса. Фактот дека можам да комуницирам на албански јазик не значи автоматски дека ја владеам правната терминологија, која е специјализирана и често сложена дури и за мајчините говорители на тој јазик. Правото на преведувач не се однесува само на способноста за говорење на јазик, туку пред сè на способноста за целосно разбирање на природата на обвинението и текот на судската постапка.

Во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права, помошта од преведувач треба да биде таква што обвинетиот реално ќе може да ја следи постапката и ефикасно да го остварува правото на одбрана.

Во однос на сугестијата за застапување од страна на адвокат, нагласуваме дека улогата на адвокатот е советодавна и одбранбена во правен и стратешки аспект, додека преведувачот има функција на директна и точна јазична комуникација. Овие улоги се различни и меѓусебно незаменливи. Адвокатот не може да го замени преведувачот, бидејќи нема обврска, ниту функција, да преведува целосно и континуирано секоја изјава дадена во текот на рочиштето.

Почитувана г-ѓо судијке, како припадник на македонското национално малцинство, не сум во состојба целосно да ја разберам правната терминологија и сложеноста на постапката на албански јазик. Поради тоа, за следното рочиште закажано за 30 јуни 2026 година, повторно бараме обезбедување преведувач на македонски јазик.

За гарантирање на правото на лице кое припаѓа на национално малцинство да се брани на својот мајчин јазик во текот на судска постапка во Република Албанија, примената на релевантните одредби од националното законодавство и ратификуваните меѓународни инструменти не претставува прашање на дискреција, туку директна законска обврска за судот.

Во рамки на националното законодавство:

Уставот на Република Албанија, во член 20, ја гарантира еднаквоста пред законот и забраната на каква било форма на дискриминација на лицата кои припаѓаат на националните малцинства. Исто така, член 31, точка (ѓ), јасно и недвосмислено го предвидува правото на секое обвинето лице бесплатно да биде помогнато од преведувач, доколку не го разбира или не го зборува албанскиот јазик. Оваа одредба има задолжителен карактер и не остава простор за ограничувачко толкување од страна на судот.

Законот бр. 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“, во член 12, изрично го гарантира правото на употреба на јазикот на малцинството во судските постапки и обврската на надлежните органи да обезбедат бесплатен превод секогаш кога тоа е неопходно за реално и ефективно учество во постапката. Непримената на оваа одредба претставува директно кршење на важечкото право.

Законикот за кривична постапка, на ист начин, му наметнува на судот обврска да обезбеди присуство на преведувач за секое лице кое нема целосно разбирање на албанскиот јазик, поврзувајќи го тоа директно со гарантирањето на правото на одбрана. Секое формалистичко или ограничувачко толкување на ова право го нарушува суштинскиот принцип на правично судење.

Во рамки на меѓународните инструменти:

Европската конвенција за човекови права, која е составен дел од внатрешниот правен поредок и има предност во однос на обичното законодавство, во член 6, точка 3 (е), безусловно го гарантира правото на секое обвинето лице бесплатно да биде помогнато од преведувач. Судската пракса на Европскиот суд за човекови права континуирано нагласува дека ова право мора да биде реално и ефективно, а не само формално.

Исто така, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, во член 10, ја обврзува државата Албанија, а со тоа и нејзините судски органи, да обезбедат употреба на јазиците на малцинствата во односите со јавните власти, вклучително и во судските постапки, кога тоа е неопходно.

Во овој контекст, одбивањето да се обезбеди преведувач не претставува само процесна одлука, туку директно кршење на уставните и меѓународните гаранции за правично судење, со што сериозно се нарушува правото на одбрана и принципот на еднаквост пред законот.

Најнови вести од: Македонија

Пред 35 години во Сплит загина кавадарчанецот и војник Сашко Гешовски

Загина на само 19 години, загина на 6 мај 1991 година во Сплит, Република Хрватска, додека служел во Југословенската народна армија (ЈНА). Сѐ уште не се разјаснети околностите под кои тој го загубил животот

„30 години на европскиот пат: Односите Македонија-ЕУ и патот напред“

Се одбележат две значајни пресвртници во односите меѓу нашата држава и Европската Унија: 30 години од воспоставувањето дипломатски односи и 25 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација

To top