Спорт

Престон лајонс во четвртфиналето на Купот на Австралија (ВИДЕО)

Клубот на Македонците славеше со 4:1 на гостувањето кај Бранзвик Јувентус четири дена по освојувањето на Докерти купот

Само четири дена по освојувањето на Докерти купот на сојузната австралиска држава Викторија, фудбалерите на Престон лајонс ѝ приредија уште една радост на македонската заедница со пласманот во четвртфиналето на Купот на Австралија, откако на гостински терен го совладаа Бранзвик Јувентус со 4:1.

Како и во победата над Хајделберг од 3:1 во саботата, противникот прв дојде во водство преку Нух Шехавдиќ во 26. минута, но веќе до крајот на првото полувреме се наѕираше победникот.

„Лавовите“ израмнија со автоголот на Лахлан Кемпбел во 36. минута, пресвртот го донесоа Џамал Али две минути подоцна и Лејтон Брукс во втората минута од судиското продолжение, а точка на голеадата стави Џонас Марковски во 80. минута.

Најпопуларниот спортски колектив на Македонците на петтиот континент, формиран во 1947 година како Престон Македонија, на 18 август од 11:30 часот по средноевропско време во битка за полуфиналето ќе го пречека клубот на Грците, Саут Мелбурн.

Најнови вести од: Спорт

To top